Придонес на пешак како учесник во собраќајна незгода

Наслов Придонес на пешак како учесник во собраќајна незгода
Вид на документ Сентенца Број Рев2.бр.594/2021
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 4/4/22 12:35 AM
Група на правен основ Облигациони односи Правен основ Надомест на штета
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Постои придонес на пешак во настанување на сообраќајна незгода, кога на обележан пешачки премин не се движел со зголемена претпазливост, при состојба кога уредите за давање на светлосни сообраќајни знаци - семафори работеле на жолто трепкаво светло.


Образложение

Ревизијата е неоснована.

Неосновани се и ревизиските наводи за погрешна примена на материјалното право. Врз основа на утврдената фактичка состојба од првостепениот суд, која во целост е прифатена од второстепениот суд, правилно второстепениот суд го применил материјалното право кога жалбата на тужителката ја одбил како неоснована и ја потврдил првостепената пресуда во делот на одбиеното тужбеното барање на тужителката за надомест на штета, а жалбата на тужениот ја усвоил и првостепената пресуда во делот на усвоеното тужбено барање ја преиначил, и ги досудил износите конкретно наведени во изреката на второстепената пресуда со соодветна камата.

Имено, од страна на пониските судови во текот на постапката утврдено е дека на ден 31.10.2017 година во 09,30 часот се случила сообраќајна незгода на крстосницата од Бул............. и ул............ во С., во која учесници биле П.-M. Опел Вектра управувано од М.И. од С., осигурано од автоодготовност кај тужениот и тужителката, која во сообраќајната негзода учествувала како пешак. Сообраќајната незгода се случила така што возачот на П.-М. Опел Вектра, наидувајќи на критичното место во потесната зона на крстосницата каде постои обележан пешачки премин, не ја прилагодил брзината на движење согласно општото ограничување за градот С., и при состојба кога на местото на незгодата уредите за давање на светлосни сообраќајни знаци - семафорите работеле на жолто трепкаво светло која ситуација од сите учесници во сообраќајот бара зголемена претпазливост, истиот и покрај поволните дневни услови за добра перцепција за сообраќајот на неговата и на соседните сообраќајни ленти и на светлосната сигнализација, и покрај тоа што имал можност да ги воочи пешаците со оглед на растојанитето на кое во тој момент се наоѓале, но и во однос на широчината на видното поле кое го имал без разлика како тие наидувале кон зоната на обележаниот пешачки премин, не реагирал, па сметајќи дека пешаците со оглед на поголемата оддалеченост од возилото кое им наидува ќе застанат на средишната линија и ќе го пропуштат возилото кое нешто не се случило, презел реакција на инстинктивно свртување на управувачот кон лево со истовремено прикочување, при што дошло до контакт со тужителката како пешак. Судовите, исто така утврдиле дека и за пешаците важи правилото дека кога уредите за давање на светлосни сообраќајни знаци - семафори работат на жолто трепкаво светло, тогаш и за нив како учесници во сообраќајот се бара поголема претпазливост, па тужителката како пешак требало пред да навлезе на коловозот да гo опсервира сообраќајот, за потоа откако ќе се увери дека со своето движење нема да го загрози и попречи сообраќајот, внимателно да го мине пешачкиот премин. Меѓутоа, и кај тужителката како учесник во сообраќајот како пешак, изостанала соодветна будност и внимание, со оглед дека моменталната сообраќајна сигнализација предупредувала на тоа, а и според карактерот на приодот, истата можела да го воочи наидувањето на возилото од кое е повредена, од нејзината лева страна. Имено, според пониските судови во конкретната сообраќајна ситуација, двајцата учесници во незгодата создале крајно опасна сообраќајна ситуација со направени битни пропусти кои се согледуваат во неадекватното проценување, однесување и постапување, а се во причинска врска со случувањето на незгодата. Според тежината на поединечниот придонес во настанување на незгодата и последиците од истата, а имајки го предвид извршеното сообраќајно супервештачење, на страната на тужителката како пешак утврден е придонес од 30%, а придонесот на страната на осигуреникот на тужениот, односно возачот на ПМВ Опел Вектра, изнесува 70%.

Тужителката како последица од предметната сообраќајна незгода се здобила со тешка телесна повреда изразена во вид на: скршеница на горната и долната гранка на левата срамна коска, бимaлeроларна скршеница на левата потколеница, скршеница на проксимналната фаланга на третиот и четвртиот прст од десното стапало, нагмечување на главата, крвен подлив во пределот на челото и раздерно нагмечена рана на десното колено. Со оглед на тоа што како последица на здобиената тешка телесна повреда, на тужителката и биле повредени личните права на телесно и душевно здравје, односно истата претрпела нематеријална штета изразена во претрпени физички болки, претрпен страв, претрпени душевни болки поради намалена општа животна активност и поради нагрденост, како и дека истата претрпела и материјална штета односно трошоци за лекување, пред поведувањето на предметната судска постапка, истата преку својот полномошник поднела барање за надомест на штета до тужениот, меѓутоа до вонсудско решавање на спорот меѓу странките не дошло.

Имајќи го предвид извршеното медицинско вештачење, како и времетраењето, јачината и интензитетот на претрпената физичка болка, претрпениот страв и степенот и обликот во која се манифестирал и времетраењето и јачината на намалената општа животна активност, како и степенот на нагрденост, а имајќи го предвид придонесот на тужителката од 30% во случувањето на незгодата и последиците од истата, првостепениот суд и досудил на истата на име надомест на нематеријална штета износ од 1.421.000,00 денари од кои: 490.000,00 денари за претрпени физички болки, 210.000,00 денари за претрпен страв, 665.000,00 денари за претрпени душевни болки поради намалена општа животна активност и 56.000,00 денари за претрпени душевни болки поради нагрденост, со соодветна камата на наведените износи.

Меѓутоа, второстепениот суд одлучувајќи по изјавената жалба на тужениот, истата ја оценил како основана, па наоѓајќи дека првостепениот суд при определувањето на висината на надоместот на нематеријална штета погрешно ја применил одредбата од член 189 од Законот за облигационите односи, првостепената пресуда во делот на усвоеното тужбено барање на тужителката ја преиначил, и утврдил износ од 550.000,00 денари за претрпена физичка болка, па со оглед на придонесот од 30% досудил износ од 385.000,00 денари по овој основ, утврдил износ од 200.000,00 денари за претрпен страв, а со оглед на утврдениот придонес од 30% досудил износ од 140.000,00 денари по овој основ, утврдил износ од 700.000,00 денари за претрпен душевен бол поради намалена општа животна активност кој износ го намалил по основ на утврдениот придонес од 30% и досудил износ од 490.000,00 денари и за душевната болка која ја претрпела тужителката поради нагрденост утврдил износ од 50.000,00 денари, кој го намалил за 30% придонес на страна на тужителката и досудил износ од 35.000,00 денари, или се вкупно утврдил вкупен износ на име претрпена нематеријална штета на тужителката во висина од 1.500.000,00 денари, меѓутоа согласно придонесот од 30% на истата и досудил износ од 1.050.000,00 денари.

По наоѓање на Врховниот суд на Република Северна Македонија, правилно второстепениот суд го применил материјалното право кога првостепената пресуда во делот на досудениот надоместок за претрпена нематеријална штета на тужителката ја преиначил, и ги досудил износите кои се конкретно наведени во изреката на второстепената пресуда.

По наоѓање на овој суд, досудените износи од страна на второстепениот суд се правилно одмерени врз основа на медицинското вештачење и предвидените критериуми во одредбата од член 189 од Законот за облигационите односи за нивно одмерување, односно по наоѓање на овој суд, од страна на второстепениот суд правилно се применети одредбите на член 189 и член 190 од Законот за облигационите односи.

Овој суд го одби ревизискиот навод на тужителката дека последиците врз нејзиното телесно и душевно здравје како критериум при одмерување на надоместокот, се од влијание за целосно усвојување на тужбеното барање на тужителката. Со одредбата од член 189 од Законот за облигационите односи е пропишан паричен надомест за нематеријална штета, меѓутоа целта е досудениот паричен надоместок пред се да има карактер на морална сатисфакција отколку функција на компензација. Оттука, иако висината на надоместокот треба да соодветствува на природата на штетата и последиците кои ги предизвикала на физичкото и менталното здравје на оштетеното лице, при одмерување на висината на надоместокот, освен за значењето на повреденото добро, треба да се води сметка и за целта за која служи надоместокот, а која согласно одредбата од член 189 став 2 од Законот за облигационите односи, не претставува реално обештетување кое не е ниту возможно, туку само соодветна морална сатисфакција.

Врховниот суд на Република Северна Македонија ги оцени како неосновани наводите во ревизијата со кои се укажува на погрешна примена на материјалното право од страна на пониските судови, кога истите утврдиле придонес на тужителката во висина од 30% во настанатата сообраќајна незгода и последиците од истата, при што од страна на ревидентот се наведува дека од страна на тужителката не се направени никакви пропусти за настанатата сообраќајна незгода. Неоснованоста на овој ревизиски навод произлегува од наодот и мислењето содржано во извршеното супервештачење, во кое е извршена стручна анализа на однесувањето на учесниците во настанатата сложена сообраќајна ситуација во која се случила незгодата, а меѓу другото, дека и за тужителката како учесник во сообраќајот - пешак важи правилото дека кога уредите за давање на светлосни сообраќајни знаци - семафори работат на жолто трепкаво светло, тогаш и од нив како учесници во сообраќајот се бара поголема претпазливост. Впрочем, ова правило е содржано во членот 43 став 3 од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, односно жолтото трепкаво светло ги обврзува сите учесници во сообраќајот да се движат со зголемена претпазливост. При таква состојба, правилно прифатиле пониските судови дека и тужителката како пешак, пред да навлезе на коловозот по кој наидувало возилото, требала со зголемено внимание да го опсервира сообраќајот. Наведеното затоа што истата, како учесник во сообраќајот, има обврска предвидена во член 3 став 2 од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, да превзема дејствија за отстранување и настанување на опасност и спречување на сообраќајна незгода. Согласно наведената одредба, од ваквата обврска не ја ослободува однесувањето на другиот учесник во сообраќајот спротивно на прописите за безбедност во сообраќајот, кое е утврдено кај возачот кој управувал со возилото осигурано од автоодговорност кај тужениот. Меѓутоа, во конкретниот случај кај тужителката како пешак изостанала соодветна претпазливот и внимание, особено имајки предвид дека моменталната сообраќајна сигнализација предупредувала на такво однесување, и истата не го воочила наидувањето на возилото од нејзината лева страна. Постапувајќи на овој начин, тужителката како пешак ја пропуштила можноста опасноста да ја осознае, спречи и избегне, па придонела во создавањето на опасната ситуација во која настанала сообраќајната незгода и штетните последици, па според наоѓањето на овој суд, правилно пониските судови утврдиле придонес кај истата во висина од 30% во настанатата сообраќајна незгода и последиците од истата.

Поради претходно наведените причини, овој суд ги оцени како неосновани наводите во ревизијата за погрешна примена на материјалното право, поради што следуваше ревизијата да се одбие како неоснована, согласно одредбата од член 384 став 1 од Законот за парничната постапка.

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев2.бр.594/2021 од 08.02.2022 година.