Еднаквост на оружјето и контрадикторна на постапка

Наслов Еднаквост на оружјето и контрадикторна на постапка
Вид на документ Сентенца Број Квп2 бр.18/2021
Правна област Кривична област Вид на правен став
Област Правна област Датум на донесување 5/6/21 9:11 AM
Група на правен основ Контрадикторна постапка Правен основ Достава на предлог на Виш Јавен обвинител на спротивна странка
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за казниви дела

Сентенца



Сторена е повреда на принципот на еднаквост на оружјето и на контрадикторност на постапката од член 6 став 1 од Европската конвенција за човекови права и од член 465 став 1 точка 3 од Законот за кривичната постапка, кога второстепениот суд писмениот предлог на Вишото јавно обвинителство не го доставил до одбраната во жалбена постапка, со што е ускратена можноста да се информираат и да се произнесат по образложеното мислење на Јавното обвинителство.


Образложение

Барањето е основано.

Основан е наводот во барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за сторена повреда на одредбите на кривичната постапка во жалбената постапка, во смисла на член 465 став 1 точка 3 од Законот за кривичната постапка, која повреда влијаела или можела да влијае врз правото на осудениот на правично судење.

Имено, Врховниот суд на Република Северна Македонија, од увидот во списите кон предметот, констатира дека писмениот предлог на Вишото јавно обвинителство КОЖ.бр.306/20 од 10.09.2020 година, доставен до Апелациониот суд Гостивар, не бил доставен до одбраната.

Согласно судската пракса на Европскиот суд за човекови права, концептот на правично судење, од кој правото на контрадикторност во постапката е еден од неговите аспекти, го подразбира правото на странките во кривична, или парнична постапка да бидат информирани, или да дадат коментар за сите изведени докази, или поднесени одговори, со цел да се влијае на одлуката на судот ( Наумоски против Република Македонија, ( Naumoski v. The former Yugoslav Republic of Macedonia ) бр. 25248/05 , § 25 , 27 ноември 2012 година).

По наоѓање на овој суд, во случајот со недоставувањето на мислењето од Вишиот јавен обвинител до одбраната, на осудените и нивниот бранител им била ускратена можноста да бидат информирани за предлогот на Вишото јавно обвинителство Наумоски против Република Македонија, (Naumoski v. The former Yugoslav Republic of Macedonia) , бр. 25248/05, § 28, 27 ноември 2012 година).

Поради ова одбраната немала можност да биде запознаена со мислењето на јавниот обвинител ниту да се произнесе по него. Одбраната треба да биде таа што ќе одлучи дали ќе се произнесе по некое мислење на спротивната странка, но таква можност мора да и биде дадена. (Захировиќ против Хрватска, (Zahirovic v. Croatia) бр. 58590/11, § 43, 25 април 2013 година ).

По оценка на Врховниот суд на Република Северна Македонија, со ваквиот начин на постапување на второстепениот суд сторена повреда на одредбите на кривичната постапка во жалбената постапка во смисла на член 465 став 1 точка 3 од Законот за кривичната постапка, правото на еднаквост на оружјата и на правото на правично судење од член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи.

Во врска со вака констатираната повреда, постапувајќи по барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесено од осудениот Х.К. од Г., Врховниот суд на Република Северна Македонија, постапи согласно со одредбата од член 459 став 2 од Законот за кривичната постапка , односно според начелото на привилегија на здружувањето Beneficium cohaesionis. Според овој член, ако судот најде дека причините поради кои ја донел одлуката во корист на осудениот постојат и за некој од соосудените во однос на кои не е подигнато барање за заштита на законитоста, ќе постапи по службена должност како да постои такво барање, а оваа одредба, согласно член 467 од истиот закон се применува и врз постапката по барањето за вонредно преиспитување на правосилна пресуда.

Со оглед на тоа што Врховниот суд на Република Северна Македонија го уважи барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесено од осудениот Х.К. од Г., а истите причини наоѓа дека постојат и по однос на осудениот Ј.К. од село П., иако осудениот Ј.К. не поднел барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, судот постапи по службена должност во смисла на член 459 став 2 од Законот за кривичната постапка и укинувањето на пресудата на Апелациониот суд Гостивар КЖ.бр.245/20 од 05.11.2020 година, се однесува и на осудениот Ј.К. од село П..

Со оглед на наведеното, Врховниот суд на Република Северна Македонија, постапувајќи по поднесеното барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, во смисла на член 467 во врска со член 461 од Законот за кривичната постапка, пресудата на Апелациониот суд Гостивар КЖ.бр.245/2020 од 05.11.2020 година ја укина и предметот го врати на второстепениот суд на повторно постапување и одлучување.

При повторното постапување, второстепениот суд е должен да го достави до одбраната писмениот предлог на Вишото јавно обвинителство, заради почитување на правичноста на постапката и минималните права на обвинетите, загарантирани со домашниот закон и со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи.

Со оглед на изнесеното, следуваше Врховниот суд на Република Северна Македонија да одлучи како во изреката на оваа пресуда во смисла на член 464 и член 467 во врска со член 461 став 1 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на РМ“ бр.150/10, бр.100/12, 142/16 и 198/18 ).

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Квп2.бр.18/2021 од 06.05.2021 година



Оддел за казниви дела,