Надлежност во спорови за ништовност на одредби од одлука и протокол кои создаваат имотно-правни и други граѓанско-правни односи

Наслов Надлежност во спорови за ништовност на одредби од одлука и протокол кои создаваат имотно-правни и други граѓанско-правни односи
Вид на документ Сентенца Број Рев1.бр.245/2017
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 5/25/21 1:57 AM
Група на правен основ Парнична постапка Правен основ Определување на стварно надлежен суд
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Основен суд е надлежен да ги расправа споровите за ништовност на одредби од одлука и протокол кои создаваат имотно-правни и други граѓанско-правни односи.


Образложение

Ревизијата е основана.

Основани се наводите во ревијата за сторена суштествена повреда од член 343 став 2 точка 14 од Законот за парничната постапка, односно дека побиваните решенија се нејасни и неразбирливи и како такви во целост не можат да се испитаат.

Исто така, основани се наводите во ревизијата за погрешна примена на материјалното право.

Во конкретниот случај, предмет на спорот е ништовност на Одлука и тоа член 4 од Одлуката за организирање на ЈП Г. во АД Г. АД С. бр.19-2247/1 од 14.06.2006 година и точка 2 од Протоколот за начинот на уредување на меѓусебните односи во стопанисувањето со гасоводниот систем на Р.М., при што Основниот суд Скопје II Скопје повикувајќи се на одредбите од член 15 од Законот за парничната постапка се огласил за стварно ненадлежен да постапува по предметниот спор. Основниот суд Скопје II Скопје смета дека не се работи за тужба за утврдување ништовност во смисла на член 107 од Законот за трговските друштва, туку поаѓајќи дека Одлуката и Протоколот, чија ништовност се бара, се донесени од управен орган - Владата на РМ, во управна постапка, согласно член 1 од Законот за општата управна постапка, смета дека не постои судска надлежност за постапување по ваквиот вид на тужба. Од тие причини тужбата ја отфрлил, превземените дејствија ги укинал и предложил по правосилноста на решението, предметот да се отстапи на Управниот суд како стварно надлежен суд.

Со член 30 од Законот за судовите (“Сл.весник на РМ“ бр.58/06, 35/08 и 150/10), определена е стварна надлежност на основните судови, а со член 34 од истиот закон, определена е надлежноста на Управниот суд.

Со одредбата од член 1 од Законот за парничната постапка (“Сл.весник на РМ“ бр.79/05,110/08, 83/09 и 116/10), се определуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува за основните права и обврски на човекот и граѓанинот во спорови од лични и семејни односи, од работните односи, како и од имотните и други граѓанско-правни односи на физичките и правните лица, освен ако за некои од наведените спорови со посебен закон не е определено за нив, судот да одлучува според правилата на некоја друга постапка.

Според член 1 од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на РМ“ бр.38/96, 6/02, 40/02 и 49/06), јавни претпријатија можат да се основаат заради вршење на дејности од јавен интерес. Р.М., општините и градот С. можат да основаат јавни претпријатија во согласност со овој закон, со цел за вршење на дејности од јавен интерес на територијата на Р.М.. Јавни претпријатија во име на Р.М. основа Владата на Република Македонија, во име на општината советот на општината и во име на градот С. Советот на градот С..

Согласно член 4 од Законот за јавни претпријатија, основачот на јавното претпријатие со одлука може јавното претпријатие да го преобрази во друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво. Ако во јавно претпријатие се вложат средства на правни или физички лица, основачот донесува одлука Јавното претпријатие да се организира како друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво.

Според членот 4-б од истиот закон, за уписот во надлежниот регистар, организацијата и работењето на друштвата во државна сопственост, во сопственост на општината, односно градот С., се применуваат одредбите од оваа глава и Законот за трговските друштва.

Според член 1 од Законот за управните спорови (“Службен весник на РМ“ бр.62/2006 и 150/2010), заради обезбедување судска заштита на правата и правните интереси на физичките и правните лица и заради обезбедување на законитоста, судот, во управни спорови одлучува за законитоста на актите на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот С., организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога решаваат за правата и обврските во поединечни управни работи, како и за актите на тие органи донесени во прекршочна постапка.

Согласно член 2 став 3 и став 4 од истиот закон, во управен спор се решава и одлучува за спор што ќе произлезе од спроведувањето и извршувањето на одредбите на концесиските договори, договорите за јавни набавки кои се од јавен интерес и за секој договор во кој една од страните е државен орган, организација со јавни овластувања, јавно претпријатие, општините и градот С. склучен од јавен интерес или заради вршење јавна служба. Во управен спор се одлучува и против поединечни акти на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот С., организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога за решавање во втор степен против таквиот акт, не е обезбедена друга правна заштита.

Според член 6 од истиот закон, под орган во смисла на овој закон се подразбираат органите на државната управа, Владата на Република Македонија, други државни органи, управни организации, општините и градот С., јавните претпријатија, трговските друштва, фондови, установи, организации и заедници, здруженија и други организации и заедници кога во вршењето на јавни овластувања решаваат во управни работи.

Според член 7 од истиот закон, управен акт во смисла на овој закон е акт со кој органите од членот 6 на овој закон решаваат за извесно право или обврска на физичко или правно лице, односно друго лице кое може да биде странка во определена управна работа, како и актите на тие органи донесени во прекршочната постапка.

Поаѓајќи од предметното тужбено барање и самата материја која е предмет на расправање, станува збор за спор по кој се бара ништовност на одредби од Одлука и Протокол, при што е утврдено дека Одлуката за организирање на Јавното претпријатие, како акт е донесена во процесот на преобразба на јавно претпријатие во акционерско друштво, согласно член 4 од Законот за јавните претпријатија. Исто така, Протоколот за начинот на уредување на меѓусебните односи во стопанисувањето со гасоводниот систем на Р.М., не претставува управен акт, туку претставува облигационен акт склучен помеѓу конкретни страни - Влада на РМ и М. АД С..

Од ова произлегува дека предмет на тужбеното барање не се управни акти во смисла на член 2 и 7 од Законот за управните спорови, туку акти кои се донесени согласно Законот за јавните претпријатија. Притоа, содржината на членот 4 од Одлуката и точка 2 од Протоколот за која одредба се бара апсолутна ништовност, се однесуваат за основната главнина на АД Г. АД С., поради што произлегува дека во случајот се применуваат одредби од Законот за трговски друштва.

Поаѓајќи од одредбата на член 1 од Законот за парничната постапка, а сооглед да станува збор за имотно-правен однос на правни лица, надлежност за постапување имаат основните судови.

Во конкретниот случај, Основниот суд Скопје II Скопје со првостепеното решение се огласил за ненаделжен согласно член 15 од Законот за парничната постапка, со образложение дека по предметната тужба на тужителот не постои судска надлежност.

Надлежноста на еден суд претставува со закон воспоставено овластување и должност да решава некој одреден спор. Ненадлежноста пак на судот претставува забрана на некој суд да расправа и да решава определен спор. Законската распределба за решавање и работење на судовите е врз основа на извесни критериуми, според природата и видот на спорната правна работа, без оглед на вредноста на спорот или според неговата вредност, со овластување или обврска на еден вид судови да судат определени видови на спорови или повеќе видови спорови. Ова претставува апсолутна и стварна надлежност на еден вид судови да решаваат спорови од определен вид, со закон определена должност и право, притоа исклучувајќи ги другите видови на судови. За тоа кој суд од извесен вид на судови ќе постапува во еден конкретен случај се утврдува врз основа на пропишана надлежност на судовите.

Во смисла на член 15 од Законот за парничната постапка, апсолутната ненадлежност постои кога по предметот на спорот, содржан во поднесената тужба, не е надлежен да постапува ниеден суд на државата, туку за тоа одлучува друг домашен или странски орган.

Стварната ненадлежност постои кога судот од кој се бара да постапува еден спор не е според законското уредување овластен таквите спорови да ги суди.

Основниот суд Скопје II Скопје во образложението на одлуката за ненадлежност се повикал на одредбите од член 15 став 2 од Законот за парничната постапка, и смета дека не постои судска надлежност за постапување по тужбата, па ја отфрлил тужбата на тужителот, со тоа што предложил предметот да се отстапи на Управниот суд, всушност не е огласен за апсолутно ненадлежен суд, туку за стварно ненадлежен суд.

Поаѓајќи од одедбите од член 15 став 2 од Законот за парничната постапка, со кое е предвидена апсолутната ненадлежност за постапување на суд, произлегува дека конкретниот предмет на спорот е во надлежност на суд. Ова ако се има во предвид дека во случајот постапката е иницирана по тужба, а со уставната и законската поставеност за работењето на судовите и органите на државната управа во Р.М., се определува во кои случаи би било дозволено постапување по предмети пред судови од основна надлежност, а по кои пред Управен суд, односно во кои случаи би бил надлежен друг орган и би била исклучена судската надлежност.

Од овие причини поаѓајќи од тоа дека со тужбата се бара ништовност на одредби од Одлука и Протокол кои создаваат имотно-правни и други граѓанско-правни односи помеѓу тужителот и тужениот, основано се укажува во ревизијата, дека судот со тоа што не расправал за утврдување ништовност на оспорените акти сторил суштествена повреда на одредбите од Законот за парничната постапка и погрешно го применил материјалното право.

Поради наведеното, следуваше да се одлучи како во изреката на решението, второстепеното и првостепеното решение да се укинат и предметот да се врати на првостепениот суд на повторно одлучување, согласно одредбите од член 385 став 1 и член 387 став 2 од Законот за парничната постапка.

При повторното одлучување, првостепениот суд треба да ги има предвид укажувањата на Врховниот суд на Република Македонија. Во таа насока да ја отстрани суштествената повреда на одредбите од парничната постапка и со правилна примена на материјалното право да донесе правилна и на закон заснована одлука.

Решение на Врховниот суд на Република Македонија Рев1.бр.245/2017 од 08.11.2017 година.

Оддел за граѓански дела