Дозволеност на ревизија во постапка за признавање на странска судска одлука

Наслов Дозволеност на ревизија во постапка за признавање на странска судска одлука
Вид на документ Сентенца Број Рев1.бр.154/2017
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 5/25/21 4:44 AM
Група на правен основ Парнична постапка Правен основ Примена на ЗПП
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Ревизија не е дозволена во постапка за признавање на странска судска одлука.


Образложение

Ревизијата е недозволена.

Согласно член 380 став 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“.бр79/05, 110/0, 83/09, 116/10 и 124/15), ревизијата е недозволена ако ја изјавило лице кое не е овластено за поднесување на ревизија, или лице кое се откажало од ревизија, или ако лицето кое изјавило ревизија нема правен интерес за поднесување ревизија или ако ревизија е изјавена против пресуда против која според закон не може да се поднесе.

Согласно член 391 став 3 од цитираниот закон, во постапката по повод ревизијата против решение согласно ќе се применуваат одредбите на овој закон за ревизија против пресуда.

Согласно член 33 став 1 од Законот за вонпарнична постапка („Службен весник на РМ“ бр.18/08), ако со овој закон поинаку не е определено, во вонпарничната постапка сообразно ќе се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка.

Согласно член 56 од Законот за вонпарнична постапка, ревизија може да се изјави против решение донесено во постапка за одземање на деловната способност и за враќање на деловната способност, како и согласно член 188 од истиот закон, во постапка за расправање на оставина кога меѓу учесниците настанал спор за примена на правото, а правните прашања ги решил судот согласно со член 173 став 3 од Законот за вонпарничната постапка.

Во конкретниот случај, со ревизијата се побива решение со кое е одбиен предлогот за признавање на странска судска одлука, донесено согласно одредбите од Законот за меѓународното приватно право.

Постапката за признавање на странски судски одлуки е посебна постапка која е уредена во Глава четврта односно од член 99 до член 116 од Законот за меѓународното приватно право ( "Службен весник на Република Македонија" бр.87/07 и 156/10), на која согласно одредбата од член 115 од истиот закон, ако нема посебни одредби соодветно се применуваат одредбите на вонпарничната постапка.

Од цитираните законски одредби, произлегува дека Законот за меѓународно приватно право во делот со кој се уредува постапката за признавање на странска судска одлука нема посебни одредби по однос на правото за изјавување на ревизија како вонреден правен лек, па согласно член 115 од наведениот закон, се применуваат одредбите на Законот за вонпарничната постапка.

Имајќи предвид дека со Законот за вонпарнична постапка не е предвидена општа одредба во однос на дозволеноста на ревизија во вонпарничните постапки, туку точно се определени постапките во кои учесниците може да изјават ревизија, произлегува дека во однос на останатите вонпарнични постапки, ревизија не е дозволена.

Поради наведеното следуваше, Врховниот суд на Република Македонија, ревизијата да ја отфрли како недозволена, согласно член 383 став 1 од Законот за парничната постапка, во врска со член 33 став 1 од Законот за вонпарничната постапка.

Решение на Врховниот суд на Република Македонија Рев1.бр.154/2017 од 23.05.2018 година.


Оддел за граѓански дела