Изјави на сведоци при препознавање

Наслов Изјави на сведоци при препознавање
Вид на документ Сентенца Број Квп2.бр.89/20
Правна област Кривична област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 3/2/21 4:56 AM
Група на правен основ Закон за кривична постапка Правен основ Изјави на сведоци, некредибилен исказ - доказ
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за казниви дела

Сентенца



Изјавите на сведоците при препознавање на обвинетиот, кои биле подложени на тортура, деградирачко или понижувачко постапување, се изнудени од овластени службени лица во полициска станица, се некредибилни докази, прибавени на незаконит начин со повреда на личноста и достоинството на граѓанинот, со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот, Законот за кривичната постапка и член 3 од Европската конвенција за човекови права, при што истите не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука.


Образложение

Барањето е основано.

Основани се наводите во барањето на обвинетиот за сторена суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 465 став 2 во врска со член 415 став 1 точка 8 и член 465 став 3 од Законот за кривичната постапка, бидејќи пресудата се заснова врз доказ врз кој според одредбите на истиот закон не може да се заснова пресудата, на кој начин е сторена и повреда на правото на одбрана на обвинетиот.

Имено, видно од образложението на правосилната пресуда судот на јавна расправа ги изведува како доказ со читање и им поклонува верба на два записници за идентификација-препознавање РО.бр.670/17 од 24.08.2017 година и исказите на сведоците П.З. и Д.Д. дадени при извршеното препознавање. Ова воедно се крунски докази на обвинението, бидејќи освен дигиталната вага која била одземена од обвинетиот при претрес на неговиот дом и на која имало траги од повеќе видови наркотична дрога и психотропни супстанции, се единствените докази кои директно го посочуваат обвинетиот И.А. како сторител на предметното кривично дело.

На главната расправа одржана на 14.03.2019 година, овие сведоци ги менуваат своите искази и ги негираат наводите од обвинението дека наркотичната дрога марихуана ја набавиле критичниот ден од обвинетиот И.А.. Сведокот П.З. на главната расправа наведува дека на критичниот ден тој и сведокот Д. биле приведени во ПС П., каде биле задржани и од страна на инспекторот Ј.К. му бил вршен притисок и му било кажувано дека наркотичната дрога ја набавил од обвинетиот, бил тепан и на тој начин бил принуден да даде таков исказ, односно да го посочи обвинетиот И.А. како лицето од кое ја купил наркотичната дрога. Притоа наведува и дека за повредите извадил лекарско уверение кое го доставил кај јавниот обвинител. Сведокот Д.Д. при вкрстено испрашување на јавната расправа исто така тврди дека тој и сведокот П. биле малтретирани во ПС П., односно дека биле тепани.

Судот не поклонува верба на исказите на сведоците дадени на јавна расправа, со образложение дека од содржината на изјавите на сведоците дадени за време на препознавањето на лица, со сигурност се утврдуваат дејствијата на оштетените и на обвинетиот на критичниот ден во врска со купопродажбата на наркотичната дрога, а оштетениот П. со сигурност го посочил обвинетиот И. како лице од кое на 23.08.2017 година ја купил наркотичната дрога марихуана за износ од 1.500,00 денари.

По однос на наводите на одбраната дека сведоците изјавите за време на препознавањето ги дале под притисок и по пет часовно малтретирање од страна на службените лица, судот наведува дека се неосновани затоа што записниците биле изготвени за дејствијата преземени во присуство на јавен обвинител и на бранителот на обвинетиот и биле потпишани од сведоците, што јасно укажува на тенденциозноста на исказите на сведоците дадени на главна расправа, со проблематизирање на дејствијата на службените лица од ПС П. да му помогнат на обвинетиот да ја одбегне кривично-правната одговорност.

Ваквите наводи биле предмет на оцена и на второстепениот суд со оглед дека биле истакнати како жалбени наводи, меѓутоа судот наоѓа дека се неосновани, со оглед на фактот дека препознавањето било извршено во присуство на јавен обвинител и на бранителот на обвинетиот, во согласност со член 278 од Законот за кривичната постапка.

Според оценката на овој суд, со наводите во поднесеното барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда основано се укажува на тоа дека на овој начин изразените ставови на пониските судови се спорни, затоа што судовите воопшто не се впуштиле во испитување на околностите кои произлегуваат од изјавите на сведоците за нивно физичко малтретирање од страна на службените лица, напротив ги оценуваат како неосновани без да бидат наведени разумно образложени причини, што само по себе подразбира недоволна ангажираност на судот, особено затоа што се работи за право загарантирано со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи. Утврдувањето на оваа околност е од суштествено значење за опстојување на доказите со препознавање на обвинетиот и притоа дадените искази на сведоците, поради што судот требал барем да направи обид и да утврди дали навистина сведокот П. доставил лекарско уверение во Основното јавно обвинителство Прилеп. Наведеното дотолку повеќе што, при директно испитување на главна расправа, кога сведокот изјавил дека бил тепан од страна на овластените службени лица за што доставил лекарско уверение, ниту судот ниту пак јавниот обвинител се осврнале на таквата изјава, ниту пак преземале некаква активност во насока на утврдување на постоење на индиции за незаконитост во прибавувањето на доказот со препознавање на обвинетиот и дали исказите на сведоците при препознавањето се прибавени со кршење на нивните слободи и права, особено ако се има предвид дека се работи за докази на обвинението, предложени со обвинителниот предлог. Согласно своите законски надлежности јавниот обвинител е должен да собира докази кои одат како на товар на обвинетиот, така и во негов прилог, согласно предвиденoтo со член 291 став 4 од Законот за кривичната постапка.

Сведоците не го оспоруваат препознавањето и начинот на кој тоа било спроведено, во присуство на јавен обвинител и на бранителот на обвинетиот, напротив тие тврдат дека биле малтретирани и тепани претходно, кога биле приведени на распит во полициска станица во П., па од тие причини и под притисок на полициските службеници, кои впрочем биле присутни на препознавањето, дале изјава дека наркотичната дрога марихуана ја купиле од обвинетиот И.А..

Законитост на доказите е едно од основните начела на кривичната постапка, постулирано со одредбата од член 12 од Законот за кривичната постапка, според која „Забрането е да се изнудува од обвинетиот или од друго лице кое учествува во постапката признание или некаква друга изјава. Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука.“

Одредбата од член 279 став 5 од Законот за кривичната постапка, предвидува дека „известувањата од граѓани не смеат да се собираат присилно ниту со измама или малтретирање, а полицијата е должна да ја почитува личноста и достоинството на граѓанинот“, додека пак согласно член 219 став 4 од истиот закон „при испитување на сведок не е дозволено служење со измама ниту поставување на такви прашања во кои е веќе содржано како би требало да се одговори.“

Напред цитираните законски одредби го уредуваат начинот на постапување при сослушување на сведоците и изрично забрануваат постапување на начин што би значел повреда на личноста и достоинството на граѓанинот, неговите слободи и права. Во случај на постоење на сомневање дека доказите во постапката се прибавени со примена на недозволени средства, малтретирање, тортура и слично, судот треба да ги испита таквите околности, па доколку се утврди дека се вистинити, ќе донесе решение за издвојување на таквите докази од списите, согласно член 93 од Законот за кривичната постапка и судската одлука нема да се заснова врз истите.

Оттука, Врховниот суд на Република Северна Македонија смета дека со тоа што судот воопшто не се впуштил во проверка на наводите на сведоците дека нивните изјави дадени на записник за препознавање биле изнудени, а особено наводот дека сведокот П. доставил лекарско уверение до Основното јавно обвинителство, ниту пак во оспорената пресуда има добро аргументирана причина за непостапувањето на судот и на јавниот обвинител, упатува на заклучокот дека судењето било неправично и има повреда на член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи. Наведеното дотолку повеќе што, при препознавањето со смотра не била направена видеоснимка ниту фотографија, согласно обврската предвидена со член 278 став 6 од Законот за кривичната постапка.

Во конкретниот случај, треба да се има предвид праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур според која повредата на член 3 од Конвенцијата, во случај на тортура доведува до повреда на правото на фер судење, доколку доказите добиени со тортура се користени во постапката и во донесување на судската одлука (Левинта против Молдавија (Levinta v. Moldova), бр.17332/03, 16 декември 2008 година; (Харутиниан против Ерменија (Harutyunyan v. Armenia), бр.36549/03, ECHR 2007-III).

Исто така, треба да се има предвид и ставот изразен во предметот (Китановски против Република Македонија (Kitanovski v. the former Yugoslav Republic of Macedonia), бр.15191/12, 22 јануари 2015 година), дека „онаму каде лицето ќе покрене основано тврдење дека претрпел третман спротивен на член 2 и 3 во рацете на полицијата или други слични државни агенти, овие одредби, читани заедно со општата должност на државата според членот 1 да „ги обезбеди на секој во нејзина надлежност правата и слободите определени во делот I на Конвенцијата“ бара по импликација дека треба да има ефективна официјална истрага од страна на јавното обвинителство. Истрагата за сериозни наводи за малтретирање мора да биде брза и темелна. Брз одговор од страна на властите генерално се смета како основен за задржувањето на јавната доверба во нивното почитување на владеењето на правото и во спречувањето на појавата на учество во или толерирање на незаконски акти.“

Воедно, судот изведува доказ со сослушување на овластените службени лица Ј.К. и А.Ч., во својство на сведоци и им поклонува верба на овие искази по однос на настанот и изјавите кои сведоците П.З. и Д.Д. ги дале во претходна постапка на записник за идентификација -препознавање на лице. Според овој суд, а бидејќи основано се укажува и во поднесеното барање, пониските судови сториле суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 8 од Законот за кривичната постапка и кога ја засновале пресудата врз овие докази. Според веќе изразениот став на овој суд во претходно донесени одлуки, исказот на службено лице по однос на содржината на известувањата добиени од граѓани/сведоци во полициска станица и пред започнување на кривичната постапка, не претставува доказно средство и не може да се користи како доказ во кривичната постапка, а пресудата не може да се заснова врз тој доказ.

Врз основа на погоре наведеното, а имајќи ја предвид и праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Врховниот суд на Република Северна Македонија, постапувајќи по поднесеното барање на обвинетиот И.А., за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, согласно член 467 во врска со член 464 и член 461 од Законот за кривичната постапка, пресудата на Основниот суд Прилеп К-346/18 од 10.12.2019 година и пресудата на Апелациониот суд Битола КЖ-176/20 од 18.05.2020 година, ги укина и предметот го врати на првостепениот суд на повторно постапување и одлучување.



При повторното постапување, пониските судови се должни да ги имаат предвид укажувањата на овој Суд, праксата на Европскиот суд за човекови права, да утврдат дали се основани тврдењата на сведоците П.З. и Д.Д. дека биле подложени на тортура, деградирачко или понижувачко постапување и дека нивните изјави дадени на записник за препознавање биле изнудени од страна на службените лица во полициска станица П., спротивно на член 3 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, во која насока да се утврди пред се дали навистина сведокот П.З. доставил лекарско уверение во Основното јавно обвинителство Прилеп, од што ќе зависи оценката дали овие докази ќе можат да се користат во постапката и врз нив да се заснова судската одлука.

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Квп2.бр.89/2020 од 30.09.2020 година.




Оддел за казниви дела