Повторно вештачење за проценка на веродостојноста на исказот на оштетеното дете

Наслов Повторно вештачење за проценка на веродостојноста на исказот на оштетеното дете
Вид на документ Сентенца Број Квп2.бр.129/20
Правна област Кривична област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 3/2/21 8:20 PM
Група на правен основ Закон за кривична постапка Правен основ Повторно вештачење за заштита од виктимизација на оштетено дете
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за казниви дела

Сентенца



Одбивањето на судот да се изврши повторно вештачење од тим на вешти лица, во кој би билe вклучени и вешто лице психолог и педагог за на најдобар начин се изврши проценка на веродостојноста на исказот на оштетеното дете, не го ограничило правото на одбрана до тој обем за да се заклучи дека немал фер судење во смисла на член 6 став 1 и 3 (г) од ЕКЧП и е во насока на остварување на гаранциите на мерките за заштита од секундарна и повторна виктимизација, заштита на достоинството на жртвата во текот на повторното испитување, давањето на исказ и слично, а согласно член 19 од Директивата 2012/29/ЕУ на Европскиот парламент и на Советот на Европа и согласно член 11 до член 14 од „Конвенцијата од Ланзароте“.


Образложение

Барањето е неосновано.

Врховниот суд на Република Северна Македонија оценувајќи ги наводите во барањето, констатира дека истите се неосновани. Ова, од причина што исказот на детето Р.Д. даден пред првостепениот суд, кој е јасен, прецизен, веродостоен, без воопшто да гледа кон присутниот родител, како и во отсуство на несигурност за критичниот настан, изјавила дека критичниот ден додека се враќала од продавницата кон дома, ја пресретнал осудениот А.Р. кој претходно го немала видено никаде и не го познавала. Тој дошол отпозади, ја пресретнал, застанал и ја прашал дали дома имаат пипер за продажба, таа му рекла дека немаат, а веднаш потоа и кажал „ти си многу убава“, за потоа да и каже да тргне по него за да му покаже каде е засаден нивниот пипер. Тој тргнал кон насадите кои биле во близина, а таа за да му покаже тргнала по него. Осудениот застанал се свртел кон неа и пришол однапред и со двете раце едната преку рамо, а другата преку половината ја прегрнал и ја повлекол накај него за да ја бакне, но таа се отргнала од него и избегала. Таа веднаш избегала дома и за настанот им кажала на родителите.

Во конкретниот случај при одлучувањето, правилно пониските судови го ценеле наодот и мислењето на вештото лице д-р Љ.В., од кое неспорно е утврдено дека детето за време на кривичниот настан имала десет години и десет месеци, немала никакви психолошки нарушувања, психијатриска болест, или ентитет, вклучувајќи и непостоење на состојба на ментален хендикеп.


Во психијатриското вештачење од 19.11.2019 година, констатирано е дека настанот е резултат на вистински случувања и лични доживувања кои реално се случиле. Се што и се случило на детето Р. од страна на осудениот А.Р., таа го доживеала трауматски, манифестирано како акутна стресна реакција, поради што била однесена на преглед во ИМП С.. Акутната реакција на стрес кај детето се манифестирала со силна анксиозност, силно чувство на страв, нарушен сон, страв да спие сама, после настанот спиела со нејзината мајка, имала намалена концентрација, потешко функционирање и повратни слики од настанот. Како последица на преживеаниот страв од настанот, таа сеуште чувствувала промени во психичкиот статус на посттрауматско растројство, како резултат на реално доживеан настан.

Видно од списите на предметот, Врховниот суд на Република Северна Македонија оценува дека материјалните докази изведени во текот на постапката пред првостепениот суд на осудениот и неговиот бранител им биле предочени, истите биле запознаени со нивната содржина и биле конфронтирани докази, односно имале можност истите да ги оспоруваат, да даваат свои забелешки и приговори, како и да предлагаат други материјални и вербални докази во своја одбрана.

При одлучувањето, Врховниот суд на Република Северна Македонија оценува дека во ниедна фаза од постапувањето пред првостепениот, ниту пред второстепениот суд, одбраната не предложила и не доставила кредибилни докази, со кои би се оспориле неспорно утврдените факти во правосилната пресуда.

Во конкретниот случај, Врховниот суд на Република Северна Македонија оценува дека постојат оправдани причини исказот на оштетеното дете како директен доказ против осудениот да се смета за основан, реален, вистинит, неспорен, веродостоен и поткрепен со други материјални докази и тоа: мислењето на вештото лице д-р Љ.В., психијатриското вештачење од 19.11.2019 година, фото - документацијата, записникот за препознавање на лице и предмети од СВР С. од 11.09.2019 година, кога при извршената смотра од група од пет лица, оштетеното дете го препознало лицето што ја нападнало, откако претходно точно го опишала, фото-документацијата, записникот од увид од 08.09.2019 година, останатите материјални докази кои се наоѓаат во списите на предметот, како и вербалните докази изведени во текот на постапката пред првостепениот суд, кои се уверливи и силни поткрепувачки докази.

Оттука, осудениот во редовната постапка пред пониските судови не е доведен во положба во која би му била ускратена можноста и правото на одбрана, а со тоа што не би бил во можност да ги оспорува истите. Сите овие материјални и вербални докази не упатуваат на оправдани причини, обвинувачкиот доказ против осудениот да може да биде „намерно невистинит, или едноставно погрешен“ (Ал-Каваџа и Тахери против Велика Британија [ГСС] (Al-Khawaja and Tahery v. United Kingdom [GC]), бр. 26766/05 и бр. 22228/06, § 142, ECHR 2011), или да постои сомнение во веродостојноста на одлучувачкиот и директен доказ, кој не бил „единствен“ и „пресуден“ доказ за исходот на постапката при одлучувањето.

За пресудната природа на овој доказ, првостепениот суд во образложението на пресудата навел доволно образложени причини, а што е видно од доказниот материјал кој се наоѓа во списите на предметот, а во врска со времето, местото и начинот на сторување на кривичното дело од страна на осудениот (Пападакис против Република Македонија (Papadakis v. the former Yugoslav Republic of Macedonia), бр. 50254/07, § 88, 26 февруари 2013 година, Ал-Каваџа и Тахери против Велика Британија [ГСС] (Al-Khawaja and Tahery v. United Kingdom [GC]), бр. 26766/05 и бр. 22228/06, § 131, ECHR 2011).

Исто така, Врховниот суд на Република Северна Македонија оценува дека во редовната постапка пред пониските судови се овозможени гаранции на осудениот на неговите права загарантирани согласно член 6 од Европската конвенција за човекови права, кои не биле недозволиво ограничени и истиот имал можност делотворно да ги оспори во текот на постапката (Ал-Каваџа и Тахери против Велика Британија [ГСС] (Al-Khawaja and Tahery v.United Kingdom [GC]), бр. 26766/05 и бр. 22228/06, § 142, ECHR 2011).

Врховниот суд на Република Северна Македонија оценува дека судењето во текот на постапката пред пониските судови во целост било правично, сите изведени материјални и вербални докази против осудениот prima facie биле веродостојни и била дадена можност од страна на пониските судови на осудениот да ги оспорува истите откако биле прифатени. Во такви околности, Врховниот суд на Република Северна Македонија оценува дека овој доказ бил пресуден и решавачки за осудата на подносителот на барањето во корелација со останатите поткрепувачки материјални и вербални докази.

Во контекст на наведеното, Врховниот суд на Република Северна Македонија оценува дека пристапот на пониските судови во остварување на правичноста на постапката, во случајот е постигната урамнотежена спротивставеност на интересите на одбраната, на оштетената и на јавниот интерес во насока на спроведување на правдата (Ал-Каваџа и Тахери против Велика Британија [ГСС] (Al-Khawaja and Tahery v.United Kingdom [GC]), бр. 26766/05 и бр 22228/06, § 146, ECHR 2011).

Во конкретниот случај, Врховниот суд на Република Северна Македонија оценува дека наведениот исказ на оштетеното дете претставува директен доказ и одлучувачки доказ против осудениот, меѓутоа не е и единствен доказ во постапката пред првостепениот суд. Имено, во кривичната постапка против осудениот, овој доказ има огромна тежина што со веројатност го одредува исходот на постапката. Меѓутоа, во текот на редовната постапка пред првостепениот суд изведени се и други материјални докази во поткрепа на сигурноста и веродостојноста на овој доказ за да постои и истиот да биде третиран како одлучувачки доказ.

По однос на прифаќањето на доказите, единствениот или одлучувачки доказ против осудениот, неговото прифаќање во доказниот материјал нема автоматски да има за последица повреда на член 6 став од Конвенцијата. Истовремено, кога осудата се темели исклучиво, или во одлучувачка мера на ваков доказ судот внимателно ќе ја цени целата постапка. Многу е важно при урамнотежување на различните фактори да го цитираме Лорд Манце во предметот (Р. против Дејвис (R. v. Davis [2008] UKHL 36 Дом на лордовите), да се земе во предвид постоење на јаки процедурални гаранции. Оттука, Врховниот суд на Република Северна Македонија оценува дека во конкретниот случај во предметот постојат доволно фактори на урамнотеженост, вклучувајќи мерки кои овозможиле правична и правилна оценка на веродостојноста на „спорниот“ доказ. Осудата се темели на таков доказ само доколку е доволно веродостоен со оглед на неговата важност во предметот (Ал-Каваџа и Тахери против Велика Британија [ГСС] (Al-Khawaja and Tahery v.United Kingdom [GC]), бр. 26766/05 и бр 22228/06, § 147, ECHR 2011).

Во контекст на наведеното, Врховниот суд на Република Северна Македонија оценува дека во случајот постои објективност од страна на пониските судови во проценка на веродостојноста на директниот доказ со останатите материјални и вербални докази изведени во текот на редовната постапка, а во насока на доследна детерминираност на востановената судска пракса на Европскиот суд за човекови права.

При одлучувањето, Врховниот суд на Република Северна Македонија ги ценеше наводите во барањето дека изработеното вештачење е извршено само од д-р неуропсихијатар, а не од тим на вешти лица во кое би било вклучено и вешто лице психолог и педагог, за да на најдобар начин се изврши проценка на веродостојноста на исказот на оштетената, меѓутоа ваквите наводи ги оцени како неосновани. Ова, од причина што правилно пониските судови утврдиле дека исказот на оштетеното дете е вистинит, истите го ценеле со висок степен на внимание при оценка на природата, содржината и хронологијата на дејствијата за време на кривично-правниот настан, имајќи ја во предвид природата на изјавата која е „инкриминирачка“, времето кога е даден исказот, веднаш по настанот кажала на своите родители, мотивот, сигурноста и недостигот на притисок при давањето на истиот, спонтаната природа на исказот, отсуството на принуда од било каков вид, даден по сопствена волја на фактите, остварени за време на кривично-правниот настан (Брзусзцзински против Полска (Brzuszczynski v. Polska), бр. 23789/09, § 53 и § 86, 17.09.2013 година) .

При одлучувањето, Врховниот суд на Република Северна Македонија ги имаше во предвид меѓународните инструменти на Советот на Европа за правата на жртвите и тоа: Конвенцијата за заштита на деца од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба, усвоена на Комитетот на министри на Советот на Европа на 12 јули 2007 година, а стапи во сила од 1 јули 2010 година „Конвенцијата од Ланзароте“, дека треба да се врши криминализација на сите видови сексуални престапи врз деца. Согласно националните законодавства треба да се преземат мерки за спречување на секое насилство и заштита на децата жртви и да бидат казнети сторителите. Мерките имаат за цел физичко и психосоцијално закрепнување на децата, имајќи ги во предвид ставовите, потребите и интересите на децата, утврдено во глава IV член 11 - член 14 од наведената Конвенција.

Исто така, по однос на правaтa на жртвите, во правото на ЕУ согласно Директивата 2012/29/ЕУ на Европскиот Парламент и на Советот за воспоставување на минимални стандарди за правата, поддршката и заштитата на жртви на кривични дела и за замена на Рамковната одлука 2001/220/ПВР на Советот од 25 октомври 2012 година, која стапи во сила на 16 ноември 2015 година, овој суд оценува дека не е потребно, неопходно, ниту нужно да се изврши повторно вештачење на исказот на детето од тим на вешти лица, како што е наведено во барањето, со оглед дека согласно член 18 од Директивата за правата на жртвите, на жртвите и на членовите на семејството се гарантираат сите мерки за заштита од секундарна и повторна виктимизација, од заплашување и од одмазда, вклучувајќи го и ризикот од емоционална, или психолошка штета и заштита на достоинството на жртвата во текот на испитувањето, давањето на исказ и слично. Согласно член 19 од наведената Директива, пропишано е право на избегнување контакт со сторителот, односно мора да се воспостават потребни услови за да се овозможи избегнување на повторен контакт со жртвата и членовите на семејството и сторителот.

Оттука, во контекст на претходно наведеното, Врховниот суд на Република Северна Македонија оценува дека во конкретниот сличај не постои неопходност, нужност и соодветност од повторно вештачење на оштетеното дете, со оглед на веродостојноста и кредибилноста на исказот од една страна и правото на заштита од секундарна и повторна виктимизација од друга страна, вклучувајќи и ризик од емоционална и психолошка штета и заштита на достоинството на детето и избегнување од повторно соочување и потсетување на настанот и психичкиот стрес што повторно се доживува од навраќањето на тие преживеани моменти, кои неизбежно претставуваат не само емоционален трауматски стрес и шок во раното детство, туку и емоционална и стресна состојба која повторно би се доживеала, проследена со екстремно трауматизирачки психосоматски шок, болка и страдање што севкупно претставуваат доволно важни фактори на противтежа за да се заклучи дека на овој начин нема повреда на член 6 став 1 и 3 (г) од Конвенцијата.

Видно од списите на предметот, Врховниот суд на Република Северна Македонија оценува дека првостепениот суд во текот на постапката извршил сеопфатна и темелна анализа и оценка на сите изведени материјални и вербални докази, при што истите се ценети поединечно и во склоп на една доказна целина, согласно член 14 и член 339 од Законот за кривичната постапка и ги утврдил сите решителни факти по однос на постоење на кривичното дело и кривичната одговорност на осудениот.

Второстепениот суд во образложението на второстепената пресуда навел доволно аргументирани и образложени одговори на сите жалбени наводи, кои во потполност ги акцептира и Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Во случајот, Врховниот суд на Република Северна Македонија оценува дека кривичната постапка против осудениот ги задоволила во најголема можна мера барањата на контрадикторна постапка и принципот на еднаквост на оружјата, при што се вклучени адекватни гаранции за заштита на интересите на осудениот (Натунен против Финска (Natunen v.Finland), бр. 21022/04, § § 40-41, 31 март 2009 година, Доусет против Велика Британија (Dowsett v.The United Kingdom), бр. 39482/98, §§ 42-43, ECHR 2003-VII, Мирилашвили против Русија (Mirilashvili v.Russia), бр. 6293/04, § § 203-209, 11 декември 2008 година).

Исто така, Врховниот суд на Република Северна Македонија оценува дека осудениот во ниедна фаза во постапката пред пониските судови не бил ставен во неповолна положба во однос на одбраната на сопствените интереси, при што доследно е почитуван принципот на еднаквост на оружјата (Дириоз против Турција (Dirioz v.Turkey), бр. 38560/04, § 25, 31 мај 2012 година), како и во околностите на случајот, постојат адекватни фактори на противтежа и цврсти процедурални заштитни мерки што овозможиле правична и соодветна проценка на веродостојноста на доказите, при што не постоеле ограничувања на правото на одбрана на осудениот и доследно бил почитуван принципот на правично судење од член 6 став 1 и 3 (г) од Конвенцијата.

При одлучувањето, Врховниот суд на Република Северна Македонија имаше во предвид дека во предметот се покренуваат чувствителни, морални и етички прашања, важноста што треба да се даде на најдобрите интереси на детето, се „примарно значајни“, што значи имаат висок приоритет и мора да се даде поголема тежина на она што е најдобро за детето, дури иако тие интереси не се „најзначајни“ за одбраната и потребата за постигнување на правична равнотежа помеѓу интересите на осудениот од една страна и вулнерабилноста на жртвата од друга страна.

Оттука, како заклучок, овој суд смета дека на осудениот во текот на редовната постапка пред пониските судови му е дадена соодветна можност да ја презентира својата одбрана. Одбивањето на судот да се изврши повторно вештачење од тим на вешти лица, во кој би билe вклучени и вешто лице психолог и педагог за на најдобар начин се изврши проценка на веродостојноста на исказот на оштетената, не ги ограничило неговите права на одбрана до тој обем за да се заклучи дека тој немал фер судење во смисла на значењето на член 6 став 1 и 3 (г) од Конвенцијата.

Во конкретниот случај, на правилно утврдена фактичка состојба, правилно е применет Кривичниот законик, кога осудениот А.Р. од село Б. - С., е огласен виновен и осуден за кривично дело - „Полов напад врз дете кое не наполнилно 14 години“ од член 188 став 1 од Кривичниот законик.

Наводите во барањето дека во конкретниот случај Основното јавно обвинителство не докажало надвор од разумно сомневање дека осудениот го сторил кривичното дело за кое е огласен виновен и осуден, дека целиот предмет е измислена конструкција полна со нелогичности и претпоставки, без ниту еден валиден доказ, Врховниот суд на Република Северна Македонија ги оцени како неосновани. Имено, пресудите наведени во прилог на барањето и тоа: на Апелациониот суд Штип КЖ.бр.255/10 од 01.06.2010 година и на Апелациониот суд Гостивар КЖ.бр.253/17 од 24.10.2017 година, со кои се потврдуваат првостепените пресуди со кои обвинетите се ослободени од обвинение, за кривично дело - „Полов напад врз дете кое не наполнилно 14 години“ од член 188 став 1 од Кривичниот законик, а согласно член 403 став 1 точка 1 од Законот за кривичната постапка, не е релевантна судска пракса во конкретниот случај.

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Квп2.бр.129/2020 од 17.12.2020 година.


Оддел за казниви дела