Надлежен орган за одлучување по притвор по укинување на првостепена и второстепена пресуда

Наслов Надлежен орган за одлучување по притвор по укинување на првостепена и второстепена пресуда
Вид на документ Сентенца Број Вкж1.бр.47/20
Правна област Кривична област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 3/2/21 10:31 AM
Група на правен основ Кривични други Правен основ Надлежен орган за одлучување по притвор по укинување на првостепена и второстепена пресуда
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за казниви дела

Сентенца



Кога по барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, првостепената и второстепената пресуда се укинати и предметот е вратен на првостепениот суд на повторно судење, надлежен орган да одлучува за мерката притвор и други мерки за обезбедување на присуство на обвинетиот во натамошниот тек на постапката е советот на првостепениот суд од член 25 став 1 или 5 од Законот за кривичната постапка.


Образложение

Жалбата е недозволена.

Според член 172 став 1 од Законот за кривичната постапка, по одобрување на обвинението до завршувањето на главната расправа, по предлог на странките, притворот може да се определи, продолжи или укине само со решение на советот (член 25 став (1) или (5)).

Согласно став 3 од истиот член, по предлог на странките и по службена должност советот е должен по истекот на 30 дена од правосилноста на последното решение за притвор, да испита дали сe уште постојат причините за притвор и да донесе решение за продолжување или укинување на притворот.

Според член 443 став 1 од Законот за кривичната постапка, за жалбата против решението на првостепениот суд одлучува второстепениот суд на седница на советот, ако со овој закон поинаку не е определено.

Согласно став 3 од истиот член, решавајќи за жалбата судот може со решение да ја отфрли жалбата како ненавремена или како недозволена, да ја одбие жалбата како неоснована, или да ја уважи жалбата и решението да го преиначи или укине и по потреба предметот да го упати на повторно одлучување.

По извршениот увид во списите на предметот, овој суд констатира дека Врховниот суд на Република Северна Македонија со пресуда Квп2.бр.39/2018 од 08.07.2020 година барањата на осудените Б.Б. и Е.Б., двајцата од с.В., С., за вонредно преиспитување на правосилната пресуда ги уважил, а пресудата на Основниот суд Струга К.бр.105/2016 од 08.11.2017 година под I и пресудата на Апелациониот суд Битола КЖ.бр.66/2018 од 20.03.2018 година ги укинал и предметот го вратил на првостепениот суд на повторно судење.

Согласно погоре наведените законски одредби, а како предметот е вратен во постапка по одобрено обвинение, до завршување на главната расправа надлежен орган за определување, продолжување или укинување на притворот е судечкиот совет од член 25 став 1 или став 5 од Законот за кривичната постапка. Притоа, во оваа фаза на постапување, надлежниот совет за одлучување по притворот должен е по предлог на странките и по службена должност пред истекот на 30 дена од донесување на последното решение со кое е определена или продолжена мерката притвор, да испита дали сеуште постојат причините за притворање и да донесе решение за продолжување или за укинување на мерката притвор.

Оттука, со оглед дека во конкретниот случај не се работи за времетраење на притвор во текот на истражната постапка, а во смисла на одредбите од член 171 од Законот за кривичната постапка, Врховниот суд на Република Северна Македонија констатира дека поднесената жалба е недозволена бидејќи овој суд нема законска надлежност за постапување по изјавената жалба, поради што следуваше да се одлучи како во изреката на решението, согласно член 443 став 3 од Законот за кривичната постапка („Сл.весник на РМ“ бр.150/10, 100/12, 142/16 и 198/18).

При одлучувањето, Врховниот суд на Република Северна Македонија го имаше предвид предлогот на бранителот на обвинетите за закажување и одржување на јавна седница пред овој суд, поднесен согласно член 169 став 5 од Законот за кривичната постапка, но со оглед дека поднесената жалба се отфрла како недозволена, предметот го одлучи на седница на советот.

Решение на Врховниот суд на Република Северна Македонија Вкж1.бр.47/2020 од 14.10.2020 година.


Оддел за казниви дела