Повлекување на изјава за признавање на вина

Наслов Повлекување на изјава за признавање на вина
Вид на документ Сентенца Број Вкж2.бр.39/19
Правна област Кривична област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 3/2/21 1:55 PM
Група на правен основ Закон за кривична постапка Правен основ Признание на вина
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за казниви дела

Сентенца



Нема суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 8 од Законот за кривичната постапка и повреда на правото на одбрана кога обвинетиот на неизменето обвинение при повторното постапување пред првостепениот суд ја повлекол претходно дадената изјава за признавање на вина, што е негово дискреционо право, за кое судот внимава по службена должност во секоја инстанца за остварување на неговото ефективно право на одбрана и право на обвинетиот да не се инкриминира себеси.


Образложение

Основани се наводите во жалбата на обвинетиот изјавена преку неговиот бранител за сторена суштествена повреда на кривичната постапка од член 415 став 2 во врска со член 382 став 1 и став 2 од Законот за кривичната постапка и член 388 став 2 од Законот за кривичната постапка, односно доказот на обвинението да се изврши репродукција на снимен видео материјал на ЦД преку стручно лице, кој е во листата на докази на обвинителството што е прилог на обвинителен акт под број 7, не е изведен како доказ, обвинителот не се окажал од истиот, а без утврдување на неговата содржина, е наведен во обжалената пресуда.

Имено, видно од обвинителниот акт КО.бр.388/2016 од 24.04.2017 година предложено е на главна расправа покрај другите дејствија и докази да се изврши репродукција на снимен видео материјал на ЦД преку стручно лице, кој е во листата на докази, што е прилог на обвинителниот акт под број 7 - потврда за привремено одземени предмети број 35.5.3-62/214 од 01.12.2016 година со прилог ЦД со снимен видео материјал и акт за достава на предметен материјал рег.бр.35.4.6.1-5354/2 од 09.12.2016 година.

Наведениот доказен материјал се наоѓа во списите на предметот, при што станува збор за снимка од безбедносните камери од бензиската пумпа А.П., која е одземена со наредба на Основен суд Кочани КПП.бр.110/16 од 22.11.2016 година.

Во предлогот на Вишото јавно обвинителство Штип КОЖ.бр.15/19 од 23.01.2019 година до Апелациониот суд Штип е наведено дека се предлага да се закаже главна расправа по предметот на кој да бидат повикани лицата предложени во обвинителниот акт и да бидат изведени сите вербални и материјални докази, на начин опишан во обвинителниот акт, а кои се наведени во истиот и се во листата на докази.

Во текот на постапката пред второстепениот суд на расправа, кога се изведени предложените докази, по однос на погоре наведениот доказ Јавниот обвинител не се произнел, дали се откажува од неговото изведување или не, истиот доказ е прочитан на записник за главна расправа од 08.05.2019 година на страна 2 и е наведен во обжалената пресуда, без истиот да се цени, да се анализира неговата содржина и да се изврши репродукција на снимката од ЦД-то, како и без да се наведат образложени, убедливи и аргументирани причини за ваквиот начин на постапување на второстепениот суд.

Исто така, видно од списите на предметот на записник за одржана расправа пред второстепениот суд на 13.03.2019 и на 10.04.2019 година не е прифатен предлогот на одбраната да се дозволи на оштетената Т.М. и на сведокот А.Г. да им се предочат исказите дадени во текот на истрагата пред Основното јавно обвинителство Кочани, иако постоела значителна разлика помеѓу овие искази и исказите дадени на главната расправа, со што е оневозможено споредување на изјавите на наведените сведоци, а обвинетиот и неговиот бранител во ниту еден момент во текот на постапката не добиле можност да ги испитаат и да го оспорат нивниот кредибилитет. Со наведените дејствија сторена е суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка од член 415 став 2 од ЗКП во врска со член 388 став 1 и став 2 од ЗКП, односно оневоможена е оценка на веродостојноста на исказите на сведоците изнесени на главна расправа, како и без можност за проценка во кој дел има отстапувања и какви, по однос на кои околности и факти.

Исто така, второстепениот суд иако од страна на обвинетиот, преку неговиот бранител пред отпочнување на главната расправа било побарано да се дозволи изготвување на вешт наод и мислење од страна на технички советници на одбраната за оштетената Т.М. заради дополнување на доказната постапка, ваквиот предлог не бил прифатен од страна на второстепениот суд, со образложение дека овие докази одбраната можела да ги изнесе во текот на главна расправа пред првостепениот суд, иако во постапката пред второстепениот суд на расправа неможе да не важат и да не се применуваат одредби од Законот за кривичната постапка, како во постапката пред првостепениот суд, а во услови кога на расправа судењето почнува одново и доказната постапка не била отпочната, со што е повреден принципот на „еднаквост на оружјата“ од член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи.

Од одредбите на ЗКП, кои се однесуваат на техничките советници произлегува дека овој доказ претставува можност за одбраната да презентира алтернативно експертско мислење, со што се задоволуваат барањата од член 6 од Европската конвенција за човековите права. Овој член го гарантира правото на фер судење, кое подразбира „правичен баланс“ помеѓу страните, односно дека секоја страна треба да добие разумна можност да го презентира својот случај под услови кои не ја ставаат во понеповолна положба наспроти спротивната страна. На овој начин се задоволуваат претпоставките за „еднаквоста на оружјата“ помеѓу странките во кривичната постапка, која претставува суштински елемент на концептот за правично судење и минимален праг за определена постапка да биде оценета како непристрасна и конзистентна.

Можноста на одбраната да приложи наод и мислење од технички советник, како алтернативно експертско мислење е во согласност и со судската пракса на Европскиот суд за човекови права во случајот на (Стоименов против поранешната Југословенска Република Македонија, (Stoimenov v. The former Yugoslav Republic of Macedonia), бр.17995/02, §§ 38-43, 05.04.2007 година). Во оваа пресуда е утврдена повреда на правото на фер и правично судење и на принципот на “еднаквост на оружјата“, загарантирани со член 6 став 1 од Европската конвенција за човековите права, поради тоа што барањето на жалителот за алтернативно експертско мислење било одбиено. Во случајов, Европскиот суд за човекови права констатирал дека на жалителот не му било овозможено да го оспори вештото мислење, кое како доказ било поднесено од страна на јавниот обвинител и поради тоа, сметал дека тој бил лишен од можноста да изнесе аргументи во своја одбрана под истите услови како и обвинителството.

Со наведените дејствија од страна на второстепениот суд сторена е суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка од член 415 став 2 и став 3 од ЗКП, со оглед дека со ваквиот начин на постапување сторена е повреда на правото на одбрана на обвинетиот и повреда на принципот на „еднаквост на оружјата“ што влијаело врз правилно и законито одлучување во постапката пред второстепениот суд.

Видно од списите на предметот, Врховниот суд на Република Северна Македонија констатира дека првостепената пресуда на Основниот суд Кочани К.бр.137/17 од 09.01.2018 година се заснова на изјава на признание на вина дадена од обвинетиот И.М. од К. на записник за главна расправа пред првостепениот суд од 04.01.2018 година, која по укинување на пресудата со решение на Апелациониот суд Штип КЖ.бр.81/18 од 19.03.2018 година, при повторното постапување од страна на првостепениот суд обвинетиот во воведни говори на записник за главна расправа од 06.11.2018 година ја повлекол претходно дадената изјава за признавање на вина, односно истата ја отповикал. Отповикувањето е дадено во присуство на неговиот бранител Зоран Зафировски, адвокат од К..

Со ваквиот начин на постапување не се неправилно применети одредбите на кривичната постапка и нема повреда на правото на одбрана од член 415 став 1 точка 8 од ЗКП, со оглед дека тоа е дискреционо право на обвинетиот, за кое судот внимава по службена должност во секоја инстанца за остварување на неговото право на одбрана и на правичноста на судската постапка во целина.

При одлучувањето, Врховниот суд на Република Северна Македонија ја имаше во предвид и јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права, според која правото на лицето да не се инкриминира себеси се применува во кривичните постапки во врска со сите видови кривични дела, од наједноставните до најсложените (Саундерс против Велика Британија (Saunders v. the United Kingdom), 17 декември 1996 година, § 74, Reports and Judgments and Decisions 1996-VI).

Исто така, одредбите од член 6 од Конвенцијата за заштита на човековите права не спречуваат некое лице да се откаже, по сопствена слободна волја, било изречно, или имплицитно од правото на гаранции за правична судска постапка. Меѓутоа, за да биде делотворно за целите на Конвенцијата, таквото откажување мора да се утврди на недвосмислен начин и да биде придружено од минимални заштитни мерки што се сразмерни на неговата важност. Дополнително, тоа не смее да биде спротивно на каков било важен јавен интерес (Херми против Италија (Hermi v. Italy)[GC]), бр.18114/02, § 73, ECHR 2006-XII и Сејдовиц против Италија (Sejdovic v. Italy)[GC]), бр.56581/00, § 86, ECHR 2006-II).

Oттука, пред да може да се каже за некое обвинето лице дека имплицитно, преку неговото однесување, се откажало од важно право согласно член 6 од Конвенцијата, мора да се покаже дека тоа можело разумно да ги предвиди последиците од своето однесување (Херми против Италија (Hermi v. Italy)[GC]), бр.18114/02, § 74, ECHR 2006-XII и Сејдовиц против Италија (Sejdovic v. Italy)[GC]), бр.56581/00, § 87, ECHR 2006-II).

Со оглед на наведеното, Врховниот суд на Република Северна Македонија оценува дека обвинетиот во услови на неизменето обвинение може при повторното постапување пред првостепениот суд да го отповика своето веќе даденото признание на вина, што е негово дискреционо право, како и право на слобода на избор. Во случајот, обвинетиот самиот, свесно, во присуство на неговиот бранител ја повлекол изјавата за признание на вина, со потполно разумно предвидување на правните последици од своето постапување, а во насока на ефективно остварување на правото на одбрана и правото на обвинетиот да не се инкриминира себеси.

Со оглед на погоре наведеното, Врховниот суд на Република Северна Македонија ја уважи жалбата на обвинетиот, по повод жалбите и по службена должност пресудата на Апелациониот суд Штип КЖ.бр.5/19 од 13.05.2019 година ја укина и предметот го врати на второстепениот суд на повторно судење и одлучување.

Со оглед на донесената одлука, жалбата на Вишото јавно обвинителство Штип по однос на одлуката за кривичната санкција, во оваа фаза на постапката се јавува како безпредметна.

При повторното постаување, второстепениот суд е должен да постапи по укажувањата на овој суд, да ги отстрани сторените суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка, да постапува согласно стандардите воспоставени со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, а потоа да донесе правилна и законита пресуда.

Решение на Врховниот суд на Република Северна Македонија Вкж2.бр.39/2019 од 02.07.2020 година.

Оддел за казниви дела