Пресметување на трошоци во кривична постапка

Наслов Пресметување на трошоци во кривична постапка
Вид на документ Сентенца Број Кзз.бр.12/20
Правна област Кривична област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 3/2/21 8:31 AM
Група на правен основ Закон за кривична постапка Правен основ Повреда на одредбите на Закон за кривична постапка
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за казниви дела

Сентенца



Првостепениот суд досудува трошоци во кривичната постапка во соодветен износ од поведувањето до завршувањето на кривичната постапка, вклучувајќи ги и трошоците за преземени истражни дејствија, пред истрагата, во рамки на поставеното барање и согласно Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.




Образложение

Барањето на заштита на законитоста е основано.

Со наводите во барањето за заштита на законитоста основано се укажува дека со оспорените решенија на Основниот суд Тетово за висината на трошоците на кривичната постапка, сторена е повреда на законот од член 88 став 1 во врска со член 92 став 1 во врска со член 88 став 2 точка 7 и во врска со член 89 став 2 од Законот за кривичната постапка.

Основниот суд Тетово со решението К.бр.67/17 од 01.04.2019 година, делумно го уважил барањето за надомест на трошоците по постапката на адвокатот Љупчо Лазаревски од Г., бранител на обвинетиот С.И. од Т., кој со правосилна пресуда на Основниот суд Тетово К.бр.67/17 од 16.03.2018 година бил ослободен од обвинение дека би сторил кривично дело - Измама по член 247 став 4 в.в. со став 1 од Кривичниот законик, согласно член 368 став 1 точка 1 од Законот за кривичната постапка. Судот одлучил трошоците на постапката на име награда за застапување на три рочишта и одговор на жалба во вкупен износ да се исплатат од Буџетот на РСМ, а го одбил како неосновано барањето за трошоци на постапката од досудениот до бараниот износ од 1.352.059,00 денари.

Во образложението судот наведува дека досудениот износ од 74.552,00 денари на име трошоци на постапката се однесува за награда за застапување на обвинетиот од страна на неговиот бранител на три рочишта на кои постапувал судечкиот судија кој го донел оспореното решение и за одговор на жалба, а за кои трошоци судот смета дека се реално одмерени и предизвикани со подигање на обвинителниот акт против обвинетиот С.И. од Т..

Кривичниот совет на Основниот суд Тетово со решението КС.бр.26/20 од 24.01.2020 година, го потврдил првостепеното решение за трошоци на постапката.

Според оценката на овој суд, со оспореното правосилно решение со кое се одмерени трошоците на кривичната постапка, повреден е Законот за кривичната постапка, на што основано се укажува во поднесеното барање за заштита на законитоста.

Имено, со Законот за кривичната постапка со одредбата од член 88 став 1, утврдено е дека трошоци на кривичната постапка се издатоците направени по повод кривичната постапка од нејзиното поведување до нејзиното завршување и издатоците за преземените истражни дејствија пред истрагата. Под став 2 од овој член, таксативно е наведено што опфаќаат трошоците на кривичната постапка, меѓу кои се вбројуваат под точка 7 и наградата и нужните издатоци на бранителот, нужните издатоци на приватниот тужител и на оштетениот како тужител и на нивните законски застапници, како и награда и нужни издатоци на нивните полномошници.



Согласно одредбата од член 92 од истиот закон, кога ќе се запре кривичната постапка или кога ќе се донесе пресуда со која обвинетиот се ослободува од обвинението или со која се одбива обвинението или кога се отфрла обвинителниот акт во решението, односно во пресудата ќе се изрече дека трошоците на кривичната постапка од член 88 став 2 точка 1 до 5 на овој закон, како и нужните издатоци на обвинетиот и нужните издатоци и наградата на бранителот, паѓаат врз товар на буџетските средства, освен во определени случаи.

Имајќи ги предвид цитираните законски одредби и одлуката за трошоците на постапката, овој суд наоѓа дека првостепениот суд сторил повреда на законот, неправилно применувајќи ги одредбите за одмерување на трошоците на кривичната постапка на штета на обвинетиот, особено затоа што досудил трошоци кои се однесуваат за награда за застапување на обвинетиот од страна на неговиот бранител само на три рочишта на кои постапувал лично судечкиот судија кој го донел оспореното решение, а не и за останатиот дел од кривичната постапка во која биле одржани вкупно 46 рочишта за главна расправа.

Во секоја пресуда и решение со кое се запира кривичната постапка или се отфрла обвинителниот акт ќе се одлучи кој ќе ги поднесува трошоците на постапката и колку изнесуваат тие или со посебно решение на истражниот судија, судијата поединец или претседателот на советот, кога ќе се прибават податоците за висината на трошоците, согласно предвиденото во член 89 од овој закон.

Оттука, иако судот бил должен да донесе посебно решение за трошоците направени по повод кривичната постапка од нејзиното поведување до нејзиното завршување, вклучувајќи ги и издатоците за преземените истражни дејствија пред истрагата, а според Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, досудени се само трошоци кои се однесуваат за награда за застапување на обвинетиот од страна на неговиот бранител само на три рочишта на кои постапувал лично судечкиот судија кој го донел оспореното решение, како и за одговор на жалба, без притоа да бидат дадени соодветно образложени причини, ниту пак се наведени законски одредби според кои се раководел судот при носење на едно вакво решение, а кои би оправдале досудување на трошоци само за периодот во кој постапувал судијата кој одлучува за трошоците на постапката. Доколку судијата оцени дека побараните износи за трошоци на постапката се превисоко одмерени, може да ја утврди висината на наградата за дадена правна помош согласно Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите и да досуди соодветен износ кој одговара на реално направените нужни издатоци на обвинетиот за негово застапување, меѓутоа не и да досуди трошоци само за еден дел од постапката, според свое наоѓање.

Од изнесените причини, Врховниот суд на Република Северна Македонија оцени дека со оспорените решенија сторена е повреда на законот од член 88 став 1 во врска со член 92 став 1 во врска со член 88 став 2 точка 7 и во врска со член 89 став 2 од Законот за кривичната постапка, поради што следуваше барањето за заштита на законитоста да се уважи, правосилното решение да се укине и предметот да се врати на првостепениот суд на повторно одлучување.

При повторното постапување, Основниот суд Тетово е должен да ги отстрани сторените повреди на одредбите на Законот за кривичната постапка, правилно да ја утврди висината на трошоците предизвикани за целото траење на кривичната постапка, а особено наградата и нужните издатоци на бранителот, во рамките на поставеното барање и согласно Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, бидејќи на ваков начин ќе биде во можност да донесе правилна и законита одлука.

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Kзз.бр.12/2020 од 11.11.2020 година.


Оддел за казниви дела