Дозволеност на ревизија и пристап до суд

Наслов
Дозволеност на ревизија и пристап до суд
Вид на документ Сентенца Број Рев2.бр.248/2018
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 2/25/20 10:42 AM
Група на правен основ Парнична постапка Правен основ Примена на ЗПП
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца




Не се повредува правото на пристап на тужителот пред суд, иако претходно ревизискиот суд одлучувал мериторно по спорот, бидејќи по укинувањето на пресудата, основот од кој се цени дозволеноста на ревизијата како вонреден правен лек се променил.



Образложение

Ревизијата е недозволена.

Согласно член 33 став 3 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/05, 110/08, 83/09, 116/10), меѓудругото е определено дека во сите други случаи, кога тужбеното барање не се однесува на паричен износ, како вредност на предметот на спорот се смета висината на таксената основица.

Согласно член 372 став 2 од истиот закон, странките можат да изјават ревизија против второстепена пресуда, ако вредноста на предметот на спорот на побиваниот дел на пресудата надминува 1.000.000 денари.

Според член 383 став 1 од истиот закон, ненавремената, нецелосната, необразложената или недозволената ревизија ќе ја отфрли судијата известител на ревизискиот суд со решение, ако тоа не го сторил во границите на своите овластувања првостепениот суд.

Во конкретниот случај, предмет на тужбеното барање е утврдување право на сопственост, односно се работи за спор кој не се однесува на побарување во пари. Во таков случај, правото на изјавување на ревизија се цени според вредноста на предметот на спорот, а видно од списите по предметот, тужителот со тужбата ја определил вредноста на предметот на спорот во висина од 40.000,00 денари, за што платил судска такса во износ од 1.200,00 денари.

Со оглед на тоа што вредноста на предметот на спорот не го надминува износот од 1.000.000 денари, како вредносен критериум од кој зависи дозволеноста на ревизијата, определен во претходно цитираниот член 372 став 2 од Законот за парничната постапка, овој суд оцени дека ревизијата е недозволена.

При одлучувањето, овој суд имаше предвид дека второстепениот суд одлучувајќи по жалбата на тужителот со решение ја преиначил одлуката за парничните трошоци, меѓутоа тоа не влијае на дозволеноста на изјавената ревизија во смисла на член 372 став 3 точка 6 од Законот за парничната постапка. Ова бидејќи ревизија како вонреден правен лек не е дозволена против одлука за парнични трошоци во смисла на член 28 од Законот за парничната постапка, бидејќи трошоците претставуваат споредно побарување.

Покрај наведеното, Врховниот суд на Република Северна Македонија имаше предвид дека овој суд претходно одлучувал по изјавена ревизија и со донесувањето на решението Рев2.бр.332/2016 од 12.10.2017 година ја укинал пресудата на Апелациониот суд Битола ГЖ.бр.1932/15 од 16.11.2015 година и предметот го вратил на второстепениот суд на повторно судење. Меѓутоа, дозволеноста на ревизијата во тој случај произлегувала од одредбата од член 372 став 3 точка 6 од Законот за парничната постапка, бидејќи второстепениот суд ја преиначил првостепената пресуда. Во повтореното постапување, второстепениот суд ја потврдил првостепената пресуда, поради што наведената одредба со која се уредува дозволеноста на ревизијата по исклучок, не наоѓа примена од аспект на дозволеноста на ревизијата. Овој суд констатира дека на овој начин не се повредува правото на пристап на тужителот пред суд, иако претходно овој суд одлучувал по меритумот на спорот, бидејќи по укинувањето на пресудата, основот од кој се цени дозволеноста на ревизијата како вонреден правен лек се променил. Тоа значи дека во овој случај дозволеноста на ревизијата се цени според вредносниот критериум определен со одредбата од член 372 став 2 од Законот за парничната постапка, бидејќи отпаднал каузалниот критериум определен во член 372 став 3 од наведениот закон. Во овој конктекст, овој суд ја имаше во предвид и пресудата на Европскиот суд за човекови права случај Балажоски против Република Македонија од 25.04.2013 година.

Имајќи го предвид наведеното, Врховниот суд на Република Северна Македонија ја отфрли како недозволена ревизијата на тужителот, согласно член 383 став 1 од Законот за парничната постапка.

Решение на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев2 бр.248/2018 од 19.03.2019.


Врховен суд на
Република Северна Македонија
Оддел за граѓански дела