Разрешување на директор на јавна установа

Наслов Разрешување на директор на јавна установа
Вид на документ Сентенца Број Рев3.бр.52/2018
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 12/16/19 2:39 PM
Група на правен основ Работни односи Правен основ Откажување од договор за вработување/Престанок на вработување
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Лицето разрешено од функцијата директор на Јавна установа, правна заштита против одлуката за разрешување и правните последици настанати од неа може да оствари според прописите со кои се уредуваат прашањата за изборот и разрешувањето на директор на соодветната Јавна установа, а не според Законот за работните односи.


Образложение

Ревизијата на тужителката е неоснована.

Во текот на постапката е утврдено дека тужителката со решение бр.08-5100/1 од 05.12.2012 година донесено од Градоначалникот на Град С. е избрана за директор на тужениот. На 12.06.2013 година тужителката склучила договор за вработување бр.040-342/1 од 12.06.2013 година со тужениот на неопределено време. во член 4 од истиот било предвидено дека работниот однос тужителката го заснова за вршење на работите на работно место директор. Исто така, во договорот било предвидено дека на работникот работниот однос му престанува согласно со Законот за работните односи, Колективниот договор и правилата за работниот ред и дисциплина. На 24.07.2015 година е донесена одлука бр.08-6429/1 од страна на Градоначалникот на Град С. со која тужителката се разрешува од функцијата директор на тужениот и истата на ден 06.08.2015 година била одјавена од Агенцијата ………. на РМ, а како основ на престанок на работниот однос е наведено разрешување. Инаку, претходно тужителката работела како наставник по биологија на неопределено време во ОУ ………. и работниот однос и престанал на 11.01.2013 година кога е донесено решението за избор на директор. По добивање на одлуката за разрешување тужителката се обратила до ОУ ………. согласно Законот да се врати на работа во училиштето и да биде распоредена наставник по биологија, но била известена од страна на училиштето дека работниот однос и е престанат и дека единствен начин за вработување на работно место наставник по биологија е преку јавен оглас. Тужителката поднела претставка до Д. Инспекторат ....….. по што истиот ја известил дека е извршен инспекциски надзор кај тужениот и констатирано е дека со одлука на Градоначалникот на Град С. е разрешена од функцијата директор на тужениот поради повреди во извршување на законските и другите прописи. Против одлуката за разрешување тужителката поднела жалба до Д. комисија за одлучување ………... во втор степен која е одбиена како неоснована со решение РО.бр.0904-176 од 06.11.2015 година по што тужителката поднела тужба со барање за поништување на одлуката за разрешување на директор и решението на второстепената комисија. Тужениот нема донесено било каква одлука за откажување на договорот за вработување на тужителката.

Врз основа на утврдената фактичка состојба првостепениот суд го усвоил тужбеното барање на тужителката при тоа раководејќи се согласно одредбите од член 13, член 62, член 72 став, член 74, член 75, член 76 од Законот за работните односи, како и член 61 од Колективниот договор за Средно образование на Република Македонија, а го одбил како неоснован приговорот истакнат од тужениот за недостиг на пасивна легитимација, од причина што тужителката има склучено договор за вработување со тужениот на неопределено време и тужениот се јавува како работодавач на тужителката. Првостепениот суд прифатил дека тужениот нема донесено одлука за отказ на договорот за вработување на неопределено време кој тужителката по донесување на одлуката со која била избрана за директор на тужениот, на ден 12.06.2013 година го склучила со тужениот, а согласно одредбите од член 72 и 74 од Законот за работните односи. Оттука, првостепениот суд утврдил дека со оглед да своите права и обврски од работниот однос ги црпи врз основа на договорот за вработување кај тужениот, на тужителката незаконито и престанал работниот однос.

Постапувајќи по жалба на тужениот, второстепениот суд ја преиначил првостепената пресуда на начин што го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителката од причина што нашол дека на правилно утврдена фактичка состојба првостепениот суд погрешно го применил материјалното право кога одлучил на наведениот начин.

Второстепениот суд утврдил дека во случајот се работи за разрешување на тужителката од функцијата директор на тужениот со одлука донесена од Граданачалникот на Град С. на ден 24.07.2015 година, па со оглед на тоа не може да најдат примена одредбите од Законот за работните односи, бидејќи не постои отказ на договорот за вработување согласно наведениот закон. Дотолку повеќе што станува збор за тужен кој е јавна установа и тужител директор на таа јавна установа, па согласно тоа ако се има во предвид дека одредбите на Колективниот договор за Средно образование бидејќи неговите се однесуваат на права и обврски од работен однос за страните кои го склучиле, истиот не може да се примени. Во насока на ова, второстепениот суд застанал на стојалиште дека тужителката своето статусното право поради разрешување од фунцијата директор може да го оствари во друга постапка според прописи со кои се уредуваат овие права на именуваните односно разрешените директори на јавни установи.

Имајќи го предвид погоре наведеното, Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека правилно второстепениот суд го применил материјалното право кога утврдил дека во конкретната ситуација не станува збор за поништување на одлука за отказ за да може истата да се цени од аспект на нејзината законитост односно незаконитост.

Воедно, второстепениот суд ценејќи ја содржината на одредбата од член 102 од Законот за работните односи правилно заклучил дека дека тужителката не може да се врати на работа, бидејќи во случајот не постои правосилна судска одлука со која е поништена одлуката на работодавачот за откажување на договорот за вработување.

Врховниот суд на Република Македонија ги ценеше и останатите наводи во ревизијата, но најде дека не се од влијание за поинакво одлучување.

Поради наведеното, следуваше Врховниот суд на Република Македонија ревизијата да ја одбие како неоснована, согласно член 384 став 1 од Законот за парничната постапка.

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.52/2018 од 17.10.2018 година.