Застареност на побарување за надомест на штета спрема ликвидатор на правното лице

Наслов Застареност на побарување за надомест на штета спрема ликвидатор на правното лице
Вид на документ Сентенца Број Рев2.бр.171/2018
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 12/16/19 8:48 PM
Група на правен основ Трговски односи Правен основ Надомест на претрпена штета
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Барањето за надомест на штета што ликвидаторот ќе ја причини на трети лица, односно на доверителите на друштвото и содружниците или акционерите во текот на постапката за ликвидација, застарува во рок од една година по бришењето на друштвото од трговскиот регистар.


Образложение

Ревизијата е неоснована.

Неоснован е наводот во ревизијата за погрешна примена на материјалното право по однос на истакнатиот приговор на застареност на побарувањето на тужителот.

Во текот на постапката пониските судови утврдиле дека помеѓу тужителот како закуподавач и правното лице чиј управител бил тужениот, како закупец, бил склучен договор за закуп на земјоделско земјиште при што правното лице било воведено во владение на земјиштето. Судовите утврдиле дека тужениот по предметниот договор за закуп, ја нема платено закупнината за 2012, 2013, 2014 и 2015 година во вкупен износ од 316.239,88 денари. Бидејќи тужениот не ја плаќал закупнината, тужителот донел решение за престанување на важењето на договорот за закуп. На 19.02.2014 година во Централниот регистар на Република Македонија тужениот како ликвидатор на правното лице, објавил дека правното лице е во ликвидација, па ги повикал сите доверители да ги пријават своите побарувања до ликвидаторот, во рок од 15 дена од објавувањето на огласот. Судовите утврдиле дека правното лице, чиј управител и ликвидатор е тужениот, било избришано на 26.03.2014 година, по пат на ликвидација.

Врз основа на вака утврдените факти, според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија правилно пониските судови го примениле материјалното право од Законот за трговските друштва, кога застанале на стојалиште дека побарувањето на тужителот е застарено.

Во конкретниот случај тужителот како закуподавач истакнал тужбено барање за надомест на материјална штета изразена во вид на неплатена закупнина, сторена од страна на тужениот во својство на ликвидатор на правното лице.

Во текот на постапката, спорно е дали настапила застареност на побарувањето на тужителот, односно дали побарувањето на тужителот застарува според одредбите на Законот за облигационите односи кои ја уредуваат застареноста на побарувањата за надомест на штета, или според одредбите од Законот за трговските друштва.

Имено, посебната одговорност на ликвидаторот за штетата што ќе ја причини на трети лица, односно на доверителите на друштвото и содружниците или акционерите, во текот на постапката за ликвидација е уредена со одредбата од член 542-а од Законот за трговските друштва. Со ставот 2 од наведениот член е предвидено дека за штетата која ликвидаторот им ја причинил на акционерите или содружниците се применуваат прописите за одговорност за штета. Согласно став 3 од истиот член, барањето за надомест на штета до судот против лицето кое било ликвидатор, може да се поднесе во рок од една година по бришењето на друштвото од трговскиот регистар.

Во смисла на цитираната законска одредба, според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, оценката на застареноста на побарувањето кое што доверителите или содружниците и акционерите го истакнуваат према ликвидаторот на правното лице, треба да се разреши со примената на одредбите од Законот за трговските друштва. Појдовна основа за изразувањето на вакво правно стојалиште е поставеното тужбено барање односно дека во конкретниот случај тужителот како доверител истакнал барање према тужениот како ликвидатор на правното лице, за причинета штета. Во таква ситуација, барањето за надомест на штета на тужителот застарува според одредбата од член 542-а став 3, односно во рок од една година по бришењето на друштвото од трговскиот регистар. Наведениот рок на застареност во целост ја исклучува примената на општиот рок на застареност за надомест на штета уреден со член 365 од Законот за облигационите односи, бидејќи Законот за трговските друштва во овој случај претставува lex specialis, во однос на Законот за облигационите односи. Според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, опфатот на примената на одредбата од член 542-а став 2 од Законот за трговските друштва, треба да се сфати во смисла дека материјално - правните препоставки за настанување на облигационен однос со причинување на штета, се ценат според правилата за субјективна одговорност согласно Законот за облигационите односи, додека рокот на застареност на побарувањето на доверителот се цени според Законот за трговските друштва.

Во конкретниот случај предметната постапка е поведена со тужба на 25.01.2016 година, а правното лице е избришано по пат на ликвидација од трговскиот регистар на 26.03.2014 година, што значи дека барањето за надомест на штета е поднесено по истекот на рокот од една година по бришењето на друштвото од трговскиот регистар. Со истекот на наведениот рок, тужителот го губи правото да го оставарува своето побарување по судски пат. Поради наведеното, правилно пониските судови застанале на стојалиште кога приговорот на застареност истакнат од тужениот, го оцениле како основан.

Овој суд во оцена на ревизиските наводи и поставеното материјално правно прашање, не се впушти во оцена на тоа дали тужениот како лице со определни овласувања во време кога овласувањата ги имал во правното лице кое превзело обврска за плаќање на закупника, а не ја исплатило, е одговорно за штета причинета со неплаќањето во услови кога правното лице престанало и е избришано од трговскиот регистар во постапка за ликвидација. Ова од причина, што во случајот како спорно и претходно за решавање е прашањето за застареност на побарувањето и примена на законот со кој ова прашање е решено, за што судот даде доволно јасни и образложени причини.

При одлучувањето, Врховниот суд на Република Македонија ги имаше во предвид и другите одлуки на пониските судови за спорното правно прашање, меѓу кои и пресудата на Апелациониот суд Скопје ГЖ.бр.400/17 од 30.03.2017 година во која е изразен различен став, но ваквиот став во наведената пресуда според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија не е правилен од претходно образложените причини.

Со оглед на наведеното, следуваше ревизијата на тужителот да се одбие како неоснована, согласно член 384 став 1 од Законот за парнична постапка.

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.171/2018 од 24.01.2019 година.