Правен интерес за утврдување вистинитост односно невистинитост на исправа

Наслов Правен интерес за утврдување вистинитост односно невистинитост на исправа
Вид на документ Сентенца Број
Рев2.бр.180/2018
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 12/2/19 4:44 AM
Група на правен основ Парнична постапка Правен основ Примена на ЗПП
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Во парнична постапка исправата може да биде предмет на испитување исклучиво по однос на нејзината вистинитост односно невистинитост, односно да се утврди дали исправата потекнува или не потекнува од лицето кое е означено како нејзин издавач и дали е изменета нејзината содржина, а не да се испитуваат правните диспозиции содржани во исправата.


Образложение

Ревизијата на тужителот изјавена во делот на одбиеното тужбено барање за утврдување вистинитост на исправите одобрение за градба и локација за надградба и доградба на објект, е неоснована.

Неоснован е наводот во ревизијата за погрешна примена на материјалното право, ако притоа се има предвид утврдената фактичка состојба.

Имено, во текот на постапката било утврдено дека тужителот како доверител учествувал во постапка за извршување спроведена од страна на извршител Марјан Деребан, кој со заклучок И.бр.630/2008 од 10.04.2009 година била извршена продажба на деловен објект со катност ПО+ПР+1+ПК кој се наоѓа во О. на ул......... бр........ во површина од 93 м2 под објект и 14 м2 двор означени на КП.бр.1645 за КО О.. Со заклучокот било констатирано дека подрумот, првиот кат и поткровјето не биле евидентирани во јавните книги и дека тужителот како најповолен понудувач согласно заклучокот за продажба И.бр.622/2007 и И.бр.630/2008 од 03.03.2009 година ја уплатил цената за недвижноста во износ од 62.000.000,00 денари. Според сегашната катастарска евиденција, во ИЛ.бр.88793 за КО О., тужителот е запишан како сопственик на недвижниот имот регистиран како приземје во површина од 91 м2 и кат 1 во површина од 39 м2 за КП 155449/1, а во ИЛ.бр.89675 за КО О. заведено било земјиште под зграда 1 во 104/110 идеален дел на име на тужителот, а 6/110 идеален дел на име на Р.М.. Раководејќи се од геодетски елаборат и етажен премер, судовите утрвдиле дека на лице место зградата се состоела од четири катни нивоа кои се состојат од подрум во површина од 44 м2, приземје со површина од 91 м2, кат 1 со површина од 88 м2 и тераса од 1 м2, кат 2 со површина од 85 м2 и тераса 5 м2, а додека во имотните листови тужителот бил запишан како сопственик на приземје од 91 м2 и кат први во површина од 39 м2.

Во конкретната правна работа, тужителот поднел тужба со деклараторно барање да се утврди вистинитост на исправи издадени од надлежните органи, конкретно на одобрение за градба и локација за надградба и доградба на објект издадени од страна на Општина О., а кои тужителот ги приложил во фотокопии во доказната постапка пред првостепениот суд.

Поаѓајќи од поставеното тужбено барање и утврдените факти во конкретниот случај, Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека второстепениот суд правилно го применил материјалното право кога ја преиначил првостепената пресуда и го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителот за утврдување на вистинитост на исправи, наоѓајќи дека во случајот нема основ за примена на член 177 став 1 и 2 од Законот за парничната постапка. Во оваа насока, правилно е изразеното правно сфаќање на второстепениот суд дека согласно наведената процесна одредба, во парнична постапка исправата може да биде предмет на испитување исклучиво по однос на нејзината вистинитост односно невистинитост, а тоа значи само да се утврди дека исправата потекнува или не потекнува од лицето кое е означено како нејзин издавач. Исправата е вистинита (автентична) ако потекнува од издавачот и ако не е изменета нејзината содржина, и само вистинитата исправа има доказна сила. Со други зборови, во парничната постапка не можат да се преиспитуваат правните диспозиции содржани во исправата. Во конкретниот случај, со оглед на неспорно утврдените факти дека тужителот не ја оспорува содржината на исправите за кои се бара утврдување на вистинитост во оваа постапка, ниту пак нивната автентичност, како и надлежноста на органот кој ги издал, правилно второстепениот суд заклучил дека тужителот нема правен интерес за водење на конкретната постапка. Впрочем, правилно второстепениот суд утврдил дека овие исправи несомнено биле издадени од надлежните органи на барање на лицето С.О. како поранешен сопственик на недвижниот имот кој тужениот го купил во извршната постапка спроведена пред извршител Марјан Деребан.

Од наведените причини следуваше да се одлучи како во изреката на пресудата, согласно член 384 став 1 од Законот за парничната постапка.

Пресуда и решение на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.180/2018 од 17.01.2019 година.