Право на регрес во случај на оневозможување утврдување на присуство на алкохол во моментот на незгодата

Наслов Право на регрес во случај на оневозможување утврдување на присуство на алкохол во моментот на незгодата
Вид на документ Сентенца Број Рев2.бр.54/2018
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 12/2/19 4:12 PM
Група на правен основ Облигациони односи Правен основ Регресен долг
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Кога сторителот на сообраќајната незгода го оневозможил утврдувањето на присуство на алкохол во моментот на незгодата, се смета дека тој бил под дејство на алкохол и дека се исполнети условите осигурителната компанија да бара регрес од сторителот за исплатената штета на оштетеното лице


Образложение

Ревизијата е неоснована.

Според Врховниот суд на Република Македонија неоснован е наводот во ревизијата за погрешна примена на материјалното право од страна на второстепениот суд во смисла на тоа дека истиот погрешно ги применил одредбите од член 16 став 1 и 2 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, ако се има во предвид утврдената фактичка состојба.

Имено, врз основа на изведените докази пониските судови утврдиле дека тужителот бил осигурителна компанија и дејноста ја обавувал со сите права и одговорности утврдени со закон и подзаконски акти. Според Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, патничкото моторно возило на тужениот марка ДАЕВу-Матис било осигурано кај тужениот. На ден 01.02.2010 година, во раните утрински часови се случила сообраќајна незгода во која бил повреден а подоцна и починал пешакот М.Б., а возачот со возилото го напуштил местото на настанот и неговиот идентитет бил утврден од страна на СВР О. после два до три дена од настанот. За настанатата сообраќајна незгода ОЈО Охрид поднел обвинителен акт против сега тужениот и со пресуда К.бр.326/10 од 05.09.2012 година на Основен суд Охрид, истиот бил огласен за виновен по член 300 в.в.со член 297 став 3 од КЗ и по член 303 став 1 од КЗ за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и неукажување на помош на лице повредено во сообраќајна незгода, и бил осуден на единствена казна затвор во траење од една година. Покојната Б.М. живеела во заедница со својот син Д.М., внукот од синот Д.М. и снаата, а имала и ќерка С.Ѓ.. Синот, внукот и ќерката на покојната Б. се обратиле кај тужителот со барање за надомест на материјална и нематеријална штета поради смрт на блиско лице бидејќи сообраќајната незгода била случена со патничкото моторно возило осигурано кај тужителот. Постапувајќи по барањата за надомест на материјална и нематеријална штета, тужителот со барателите склучил спогодби а по претходно извршено вештачење од страна на лекар цензор кај тужителот за претрпените душевни болки кај барателите поради смрт на блиско лице. Врз основа на спогодбите на блиските роднини на покојната Б. им биле исплатени утврдените износи намалени за 10% на име придонес на жртвата во сообраќајната незгода, и вкупно бил исплатен износ од 902.165,00 денари.

Врз основа на вака утврденото, првостепениот суд го одбил тужбеното барање како неосновано. Првостепениот суд прифатил дека во конкретниот случај не биле исполнети условите за правото на регрес предвидени во член 16 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот од причина што никаде не стоел фактот дека кај тужениот имало присуство на алкохол. Околноста дека тужениот го напуштил местото на настанот по случената сообраќајна незгода, според првостепениот суд автоматски не можело да се смета дека истиот бил под дејство на алкохол, уште повеќе што на тие околности воопшто не се впуштил нити кривичниот суд. Од тие причини првостепениот суд заклучил дека во конкретниот случај не може да најде примена членот 16 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот и член 5 од Условите за осигурување од автоодговорност.

Второстепениот суд постапувајќи по жалбата на тужителот ја преиначил првостепената пресуда и го усвоил тужбеното барање на тужителот. Според второстепениот суд во конкретниов случај исполнети се условите од член 16 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот и член 5 од Условите за осигурување од автоодговорност заради што и го задолжил тужениот да му го врати на тужителот на име регресен долг износот од 902.165,00 денари.

Согласно член 16 став 1 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, со осигурување од автомобилска одговорност се опфатени и штетите предизвикани со употреба на моторно возило од неовластено лице. Согласно став 2 точка в од истиот закон, за неовластено лице во смисла на ставот 1 од овој член се смета лице кое управувало со моторното возило под дејство на алкохол над дозволеното ниво согласно со закон, наркотички дроги или психотропни супстанции.

Согласно член 5 став 4, точка а, алинеа 3 од Условите за осигурување од автомобилска одговорност на тужителот, е наведено дека лицето се смета дека е под дејство на алкохол, ако по сообраќајната незгода избега или одбие да се подвргне на испитување на неговата алкохолизираност или консумира алкохол, така што го оневозможи утврдувањето на присуство на алкохол во крвта во моментот на настанување на штетата.

Имајќи го во предвид сето погоре наведено, според Врховниот суд на Република Македонија, правилно второстепениот суд го применил материјалното право кога нашол дека во конкретниот случај наоѓаат примена член 16 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот и член 5 од Условите за осигурување од автоодговорност. Ова од причина што при неспорно утврдено дека тужениот после случувањето на сообраќајната незгода избегал од лице место со возилото со што го оневозможил утврдувањето на присуството на алкохол во моментот на незгодата, произлегува заклучокот дека лицето било под дејство на алхохол, а согласно член 5 став 4, точка а, алинеа 3 од Условите за осигурување од автомобилска одговорност на тужителот. Заради наведеното, и според овој суд правилен е заклучокот на второстепениот суд дека во конкретниот случај се исполнети се условите за регрес заради што и го задолжил тужениот со износот од 902.164,50 денари.

По однос на наводите на тужениот за застареност на тужбеното барање, Врхвниот суд на Република Македонија во целост го прифаќа и се согласува со правното образложение на второстепениот суд кога нашол дека не настапила застареност на тужбеното барање, а согласно член 369 од Законот за облигационите односи.

Поради наведеното, следуваше Врховниот суд на Република Македонија ревизијата да ја одбие како неоснована, согласно член 384 став 1 од Законот за парничната постапка.

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.54/2018 од 01.11.2018 година.