Прекин на рокот за застареност

Наслов
Прекин на рокот за застареност
Вид на документ Сентенца Број
Рев2.бр.369/2018
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 11/4/19 2:36 PM
Група на правен основ Облигациони односи Правен основ Застареност
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Кога тужениот не бил обвинет и огласен за виновен туку кривичната пријава е отфрлена, а тужителот како оштетен во таа постапка предјавил оштетно побарување, рокот за застареност на побарувањето за надомест на штета се прекинува доколку поднесе тужба три месеци од правосилноста на одлуката за отфрлање на пријавата.


Образложение

Ревизијата е неоснована.

Неоснован е ревизискиот навод за погрешна примена на материјалното право, ако се има во предвид утврдената фактичка состојба.

Имено од изведените докази во текот на постапката првостепениот суд утврдил а второстепениот суд прифатил дека врз основа на Работен налог КВ 2 бр.8310722 од 11.08.2011 година, издаден од тужителот од страна на вработени лица кај тужителот на ден 11.08.2011 година била извршена контрола кај тужениот и извршиле промена на броилото бр......... со ново броило. По извршена проверка во КЕЦ констатирале дека старото броило не регистрирало електрична енергија во две фази Л1 и Л3, за што составиле Извештај за извршена работа. Тужителот за демонтираното броило изготвил Записник за комисиска проверка на броилото од 09.09.2011 година според кој броилото е комисиски проверено во службата за баждарење на мерни уреди каде било констатирано дека врз броилото е дејствувано, со што истото е онеспособено за правилно функционирање и поради тоа броилото воопшто не ја мерела електричната енергија која протекува низ Л1 и Л3 фаза. Броилото било проверено од страна на тричлена комисија во Одделот ........ при Е. М., при што било утврдено дека истото е манипулирано, односно државната и фабричката пломба биле манипулирани. Од внатрешната меморија на броилото било евидентирано едно отварање на главниот капак на ден 30.01.2011 година во 20 часот и 48 минути. Со испитување било утврдено дека броилото не ја мери целокупната електрична енергија која минува низ него како последица од извршена манипулација врз внатрешните електронски компоненти на мерните кругови. Како последица на извршената манипулација врз броилото, истото не можело да регистрира 66% односно 2/3 од испорачаната електрична енергија на потрошувачот. Тужителот на име на тужениот изготвил фактура за неовластено користење на електрична енергија бр.8000007982-2 за период 11.02.2011 година до 11.08.2011 година, издадена на ден 16.09.2011 година на износ од 208.988,00 денари. Тужителот на ден 02.02.2012 година до Основното Јавно Обвинителство Скопје против тужениот поднел кривична пријава за кривично дело кражба по чл.235 ст.1 од КЗ, која со Решение од ОЈО Скопје КО5.бр.623/12 од 11.03.2015 година е отфрлена бидејќи пријавеното дело не е кривично дело по кое се гони по службена должност. Решението е примено од тужителот на ден 25.03.2015 година и против истото не е поднесена жалба согласно правната поука во решението. Според Вештачење - пресметка за неовластено користење на електрична енергија за тужениот од јуни 2015 година од вешто лице проф.д-р А.А., согласно доставената документација и постојната законска регулатива за пресметка на износ и вредност во денари на неовластена енергија, тужениот во периодот од 11.02.2011 година до 11.08.2011 година, неовластено превзел пресметковна електрична енергија во износ 3.7655,00 KWh, чија што вредност по цени што важеле во тој период е износ од 207.218,00 денари. Во износот од 207.2018,00 денари се вклучени: данокот на додадена вредност, доприносот за снага во износ од 33,33% и вредноста на веќе фактурираната електрична енергија.

Врз основа на утврдената фактичка состојба, овој суд наоѓа дека второстепениот суд правилно го применил материјалното право, повикувајќи се на одредбите од член 377, член 379, член 381 од Законот за облигационите односи, кога ја преиначил првостепената пресуда и го усвоил тужбеното барање на тужителот, утврдувајќи дека побарувањето на тужителот од тужбеното барање не е застарено и истото е основано, при што дал доволно образложени причини со кои се согласува и овој суд.

По наоѓање на овој суд, правилен е ставот на второстепениот суд дека побарувањето на тужителот во случајов не е застарено. Имено настанот од кој произлегува побарувањето на тужителот во случајов е случен на ден 11.02.2011 година и тужителот по повод тој настан на ден 02.02.2012 година поднел до Основното Јавно Обвинителство Скопје против тужениот поднел кривична пријава за кривично дело кражба по чл.235 ст.1 од КЗ, која со Решение од ОЈО Скопје КО5.бр.623/12 од 11.03.2015 година била отфрлена, бидејќи пријавеното дело не е кривично дело кое се гони по службена должност. Тужителот ова решение го примил на ден 25.03.2015 година и ја поднел предметната тужба на ден 17.06.2015 година.

Имено согласно член 379 став 1 од Законот за облигационите односи ако тужбата против должникот е отфрлена поради ненадлежност на судот или поради некоја друга причина која не се однесува на суштината на работата, па доверителот повторно подигне тужба во рок од три месеци од денот на правосилноста на одлуката за отфрлање на тужбата, се смета дека застарувањето е прекинато со првата тужба. Според став 2, истото важи и за повикување во заштита и за истакнување на пребивање на побарувањата во спор, како и во случај кога суд или друг орган го упатил должникот своето пријавено побарување да го остварува во процесна постапка.

Поаѓајќи од горе цитираната законска одредба, произлегува дека во случајов не може да настапи застареност, бидејќи со поднесувањето на кривична пријава на ден 02.02.2012 година, во која постапка тужителот го предјавил оштетното побарување, дошло до прекин на застареноста за кривично гонење но и за барањето за надомест на штета, а согласно член 377 од Законот за облигационите односи. Имено, прекинот на рокот за застареност на барањето за надомест на штета по правило трае до правосилноста на пресудата со која обвинетиот е огласен за виновен и осуден за кривичното дело од кое произлегува и барањето за надомест на штета. По исклучок, прекин на рокот за застареност постои и во случај на горе цитираниот член 379 од Законот за облигационите односи, но само ако доверителот – оштетениот со поднесувањето на новата тужба го запази предвидениот рок од три месеци од денот на правосилноста на одлуката. Со оглед дека решението на ОЈО Скопје КО5.бр.623/12 од 11.03.2015 година со кое е отфрлена кривичната пријава бидејќи пријавеното дело не е кривично дело кое се гони по службена должност, тужителот го примил на ден 25.03.2015 година а предметната тужба ја поднел на ден 17.06.2015 година, произлегува дека истата е поднесена во рамките на законскиот рок од 3 месеци предвиден во членот 379 став 1 од Законот за облигационите односи и во случајов се смета дека застарувањето е прекинато со првата тужба, односно со превземеното процесно дејствие на тужителот како оштетен пред надлежен орган заради утврдување, обезбедување или остварување на побарувањето. Во случајов застарувањето е прекинато со поднесувањето на кривичната пријава на ден 02.02.2012 година, па имајќи во предвид кога е случен настанот – 11.02.2011 година по наоѓање на овој суд несомено произлегува дека не е изминат субјективниот рок од 3 години за надомест на штета предвиден во член 365 став 1 од Законот за облигационите односи и тужениот е во обврска да го исплати износот на име надомест на штета од 207.218,00 денари со законска затезна камата, чија висина неспорно е утврдена од вештиот наод и мислење на проф.д-р А.А..

Овој суд ги имаше во предвид и останатите ревизиски наводи, меѓутоа најде дека истите не се од влијание за поинакво одлучување

Поради горе наведените причини, следуваше ревизијата да се одбие како неоснована, согласно член 384 од ЗПП.

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев2.бр.369/2018 од 08.05.2019 година.