Право на совладение врз неподелена ствар

Наслов Право на совладение врз неподелена ствар
Вид на документ Сентенца Број Рев2.бр. 377/2016
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 4/22/19 1:19 AM
Група на правен основ Имотни односи Правен основ Предавање во владение
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Сосопственикот на неподелена ствар има право да бара од држателот на стварта, таа ствар да му ја предаде во совладение, неповредувајќи ги притоа правата на другите сосопственици.


Образложение

Ревизијата е неоснована.

Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека неоснован е и ревизискиот навод за погрешна примена на материјалното право во смисла на тоа дека второстепениот суд погрешно ги применил одредбите од Законот за сопственост и други стварни права кога делумно го усвоил тужбеното барање на тужителката за предавање во владение, ако притоа се има во предвид утврдената фактичка состојба.

Имено, во конкретниот случај врз основа на изведените докази од страна на пониските судови е утврдено дека со договор за купопродажба на недвижен имот од 26.08.1959 година, заверен под Ов.бр.3635/1959 на Околискиот суд Битола на 24.09.1959 година, продавачите Катерина Ѓорѓиева и Параскева Таскова на купувачот Аљуш Мустафа, му продале една зграда од слаб материјал во Битола на улица Преспа бр.118, кп.бр.7699 во површина под зграда од 38 мкв и дворно место од 67 мкв. Купувачот Аљуш Мустафа бил во брак со Назмије Мустафа, а во бракот им се родиле децата: Рашит, Рафет, Демир, Џавит и Сатбер. Со договор за подарок на недвижен имот од 14.10.1967 година заверен под Ов.бр.4035/1967 на Општинскиот суд Битола на 26.10.1967 година, дародавачот Аљуш Мустафа Зекиров и подарил на ќерката Сатбер Мустафова, куќа со двор во Битола на улица Преспа бр.118-кп.бр.7699. Во член 4 од договорот, дародавачот го овластил даропримачот врз основа на овој договор да се снабди со тапија на подарениот имот. Од страна на даропримачот се до 1995 година не е преземено дејствие за пренесување на овој имот на нејзино име. Утврдено е дека со договор за подарок на недвижен имот од 9.06.1971 година, заверен под Ов.2.бр.50/71 во Општински суд Битола на 12.08.1971 година, дародавачот Аљуш Мустафа на сопругата Назмије Мустафа и подарил една идеална половина од куќа со површина од 38 мкв и дворно место со површина од 67 мкв, во Битола на ул.Преспа бр.118-кп.бр.7699. Овој договор бил спроведен во катастарската евиденција во 1971 година и имотот бил запишан во делови од по 1/2 на име Аљуш Мустафа и Назмије Мустафа. Со новиот премер кој стапил во сила во 1972 година, од дел од старата кп.бр.7699 формирана е нова кп.бр.8903 со површина под куќа од 46 мкв и двор од 12 мкв, заведена на Аљуш Мустафов Зекировски. Во 1995 година е спроведен договорт за подарок направен во корист на Сатбер Мустафа на начин што кп.бр.8903 се заведува на нејзино име. Со најновиот премер во 2008 година, од кп.бр.8903 е формирана нова кп.бр.15824 на нова улица Пецо Божиновски, со површина под зграда од 48 мкв, заведена на име од Сатбер Мустафова, која починала на ден 23.09.2012 година. Со наследно решение О.бр. 1302/12 УДР.бр.305/12 од 16.11.2012 година, за законски наследник на недвижниот имот на Сатбер, била огласена нејзината ќерка - сега тужителката. Овој имот е заведен на име од тужителката во имотен лист бр. 12424 за КО Битола 3. Пониските судови утврдиле и дека пред 1969 година куќата преставувала трошен објект граден во систем "Бондрук". Во 1969 година е извршена темелна рекострукција на куќата на начин што истата е порушена до темелните ѕидови и се изградил нов обејкт-масивна градба, со масивни ѕидови од полна тула и дрвени меѓукатни контрукции. Новата куќа била изградена во семејна заедница која била составена од Аљуш и Назмије, нивната ќерка Сатбер со нејзиното семејство и нивниот син Рашит со семејството. Тоа биле лицата кои одлучиле да се сруши старата куќа и да се изгради новата, која е градена со средства на сите членови на семејната заедница. Намената на куќата била да служи за живеење на сите наведени лица.

Врз основа на вака утврдената фактичка состојба првостепениот суд во целост го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителката, а го усвоил противтужбеното барање на тужените. Првостепениот суд застанал на стојалиште дека со рушењето на старата куќа престанало и правото на сопственоста на тужителката над куќата на која претендира, а согласно член 164 став 1 од ЗСДСП. Прифатил дека новата куќа која е изградена на местото од старата куќа која претходно била срушена до темел, преставува нова ствар, па согласно член 114 став 1 од ЗСДСП, правото на сопственост на истата го стекнува оној кој со свој материјал и труд ја изработил. Во таа смисла, применувајќи го член 93 од погоре цитираниот закон, нашол дека спорната куќа била градена во семејна заедница на Аљуш, Назмије, Сатбер и Рашит, па со оглед на тоа што Аљуш и Назмије починале, сопственичките права врз новата куќа припаѓале на нивните правни следбеници. Од тие причини првостепениот суд не прифтил дека тужителката е единствен и исклучив сопственик на предметниот имот кој го стекнала по пат на наследување како би можела да бара испразнување од лица и предмети и исселување на тужените од предметниот недвижен имот. Ова дотолку повеќе што, истите се сосопственици на една идеална половина. По однос на барањето на тужителката за предавање во владение на недвижниот имот, првостепениот суд нашол дека истото е неосновано имајќи го притоа во предвид сето погоре наведено.

Второстепениот суд постапувајќи по жалбата на тужителката ја преиначил првостепената пресуда само во делот на барањето за предавање во владение на спорниот имот на начин што ги задолжил тужените да и го предадат во совладение на тужителката предметниот имот. Според второстепениот суд при состојба кога неспорно е утврдено дека тужителката се јавува како сосопственик на предметниот имот заедно со тужените на по една идеална половина, истата има право да бара да и се предаде истиот тој имот во совладение.

Имајќи го во предвид сето погоре наведено, Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека правилно второстепениот суд го применил материјалното право кога го усвоил барањето на тужителката да и се предаде во совладение предметниот имот. При утврдено право дека тужителката има право на сопственост на определен идеален дел од недвижниот имот – една идеална половина, и според овој суд правилно второстепениот суд ги задолжил тужените недвижниот имот да и го предадат на тужителката во совладение за да може истата да го користи заедно со другите сосопственици сразмерно со својот дел. Ова од причини што во конкретниов случај повеќе лица имаат право на сосопственост на неподелен имот бидејќи делот на секој од нив е определен сразмерно на целината (идеален дел). Оттука, сосопственикот во случајов тужителката има право предметот да го држи и да го користи заедно со другите сосопственици – тужените, сразмерно на својот дел, неповредувајќи го правото на другите сосопственици.

По однос на наводите на тужените во ревизијата дека ваквата пресуда ќе биде неизвршлива, Врховниот суд на Република Македонија најде дека истите се неосновани. Ова од причина што сосопственикот – држателот на предметот, кој е задолжен да го предаде предметот во совладение на тужителот, ќе биде принуден да му овозможи на тужителот и совладение на предметот и понатаму заеднички да го вршат совладението и да го користат предметот неповредувајќи си го правото еден на друг. Остварувањето на правото на сосопственост односно вршењето на правото на сосопственост во иднина ќе се одвива согласно нивните волји, а доколку не дојде до согласност, тогаш начинот на користење ќе се уреди сообразно со Законот за вонпарнична постапка.

Поради наведеното, следуваше Врховниот суд на Република Македонија ревизијата на тужените да ја одбие како неоснована, согласно член 384 став 1 од Законот за парничната постапка.

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.377/2016 од 21.12.2017 година.