Вознемирување насочено кон физичко лице

Наслов Вознемирување насочено кон физичко лице
Вид на документ Сентенца Број Рев2.бр.351/2017
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 4/22/19 3:04 AM
Група на правен основ Имотни односи Правен основ Вознемирување на сопственост
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Вознемирувањето насочено кон физичко лице во вид на расправии, кавги или нанесување на телесни повреди, не претставува вознемирување на сопственоста, од причина што вознемирувањето мора да биде насочено кон сопственоста и да ги ограничува или спречува можностите за реализација на сопственичко-правните овластувања.


Образложение

Ревизијата е неоснована.

Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека неоснован е наводот во ревизијата на тужителката за погрешна примена на материјалното право од страна на второстепениот суд во смисла на погрешна примена на одредбите од член 161 од Законот за сопственост и други стварни права, ако се има во предвид утврдената фактичка состојба.

Имено, пониските судови утврдиле дека тужителката е сопственик на недвижен имот кој се наоѓа во КО Сланско, М.Брод, опишан во ИЛ.бр.202. Покрај другиот имот таа е сопственик и на индивидуална станбена куќа со вкупно 140 м2 која се наоѓа во с. Сланско со куќен број 85. Тужителката е лице во подминати години од животот и со нарушено здравје, и како таква има потреба од нега од трето лице, и живее со ќерката Драгица Цветаноска од Скопје и нејзиното семејство со кого има склучено и договор за доживотна издршка. Првотужената е исто така ќерка на тужителката, второтужениот зет а третотужената и е внука од ќерка. Секогаш кога тужителката престојувала во куќата во с.Сланско тужените упаѓале непоканети во куката, ја вознемируваат тужителката, предизвикуваат кавги и тепачки со што на тужителката и попречуваат во користење на куќата која е нејзина сопственост. На ден 06.08.2011 година непоканети отишле во куќата на тужителката во с.Сланско и по расправија ја нападнале тужителката и истата ја повредиле. И покрај укажувањето и изречената забрана од ПС Карпош тужените ова повторно го сториле во Септември 2011 кога во вечерните часови, неповикани и неовластено упаднале во куката и предизвикале неред и тепачка со сестрата Драгица и самата тужителка.

Врз основа на вака утврдената фактичка состојба првостепениот суд го усвоил тужбеното барање на тужителката од причина што нашол дека тужените на повеќе наврати ја вознемирувале, попречувале и ограничувале сопственоста на тужителката врз куќата која се наоѓа во с. Сланско, на начин што неповикано оделе во куќата, насилно влегувале во неа со кршење на врати, непочитувајќи го сопственичкото право на тужителката, а согласно чл.161 од Законот за сопственост и други стварни права.

Второстепениот суд постапувајќи по жалбата на тужените ја преиначил првостепената пресуда и го одбил тужбеното барање на тужителката прифаќајќи дека во конкретниов случај не се исполнети условите за примена на одредбата од член 161 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права.

Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека во конкретниов случај правилно второстепениот суд го применил материјалното право кога го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителката. Имено, и според овој суд правилен е ставот на второстепениот суд дека со тоа што настанале и постоеле расправии, кавги и недоразбирање помеѓу тужителката и тужените, а кои резултирале и со повреда кон тужителката, не може да се прифати дека се работи за вознемирување на сопственост како би биле задолжени тужените во иднина да престанат со вознемирување и ограничување на сопственоста на тужителката на семејната куќа во с.Сланско. Во конкретниов случај, вознемирувањето не било насочено кон сопственоста, туку кон физичко лице - тужителката, заради што не се исполнети условите за примена на одредбите од член 161 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права. Според овој суд, вознемирувањето траба да се врши со преземање на такви акти, односно пропуштања со кои се ограничува или спречува можноста за реализација на сопственичкоправните овластувања на коишто сопственикот има право, што не е случај во конкретниов спор.

Поради наведеното следуваше Врховниот суд на Република Македонија, ревизијата да ја одбие како неоснована, согласно член 384 став 1 од Законот за парничната постапка.

Пресудa на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.351/2017 од 12.04.2018 година.