Наследничка (сопственичка) тужба на наследник на право на денационализација

Наслов Наследничка (сопственичка) тужба на наследник на право на денационализација
Вид на документ Сентенца Број Рев2.бр.199/2017
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 12/17/18 2:18 PM
Група на правен основ Имотни односи Правен основ Утврдување право на сопственост
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Законскиот наследник на правото на денационализација, правото на сопственост на имот како наследник може да го бара со наследничка (сопственичка) тужба а не како заинтересирано лице.


Образложение

Ревизијата на тужителот е основана.

Основан е наводот во ревизијата за погрешна примена на материјалното право од страна на второстепениот суд, ако се има во предвид утврденото од пониските судови.

Правно оценувајќи ги утврдените факти, според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, во конкретниот случај спорниот однос треба да се разреши со примената на одредбите од Законот за наследувањето во корелација со одредбите од Законот за сопственост и други стварни права. Наспроти стојалиштето на второстепениот суд, кој при донесувањето на побиваната пресуда го применува Законот за денационализацијата, конкретно одредбата од член 61 став 2 со која е уреден рокот за остарување на правата на заинтересираните лица према лицата на кои им е вратен имот, овој суд наоѓа дека наведениот закон не е применлив во конкретниот случај. Ваквиот правен заклучок на Врховниот суд на Република Македонија произлегува од правната оценка на утврдените факти како и поставеното тужбено барање, односно утврденото дека тужителот бил огласен за наследник на правото на денационализација, по што тужениот како наследник на истиот оставител, го скрил тужителот во оставинската постапка што повторно ја повел за веќе наследеното право на денационализација. Оттука, појдовна основа за правилната примена на материјалното право е постоењето на наследно-правниот однос, односно наследувањето на правото на денационализација.

Имено, оставината се состои од имотните права и обврски кои ги поседувал оставителот во моментот на смртта, поради што и во одредбата од член 2 од Законот за наследување е определено дека можат да се наследуваат предмети и права што им припаѓаат на поединци. Стварните права, во кои спаѓа и правото на денационализација несомнено претставува право кое е подобно да се наследува.

Согласно член 120 од Законот за наследување, со смртта на едно лице се отвара неговото наследство, додека според член 127, оставината на умреното лице преминува по силата на законот, врз неговите наследници во моментот на неговата смрт.

Правните основи за стекнување на правото на сопственост се уредени со одредбата од член 112 од Законот за сопственост и други стварни права, според која правото на сопственост се стекнува според закон, врз основа на правна работа и со наследување, како и со одлука на надлежен државен орган.

Стекнувањето на правото на сопственост со наследување, е уредено со член 153 од наведениот закон, според кој правото на сопственост на ствар се стекнува со наследување во моментот на отварање на наследството на имотот на умрениот, ако со закон поинаку не е определено.

Во смисла на означените законски одредби, наследниците се здобиваат со право на сопственост на секоја ствар или право што припаѓа на оставината со самото тоа што се наследници, односно без постоење на акт за воспоставување на фактичка власт на стварите или ползување на правата. Притоа, по правосилноста на решението за наследување, секој наследник станува сосопственик, односно соносител на секое право од оставината, сразмерно со обемот за кој е огласен како наследник.

Поаѓајќи од наведеното, во конкретниот случај со смртта на оставителот Јован Цветковски, тужителот по сила на закон се стекнал со правото на денационализација, додека со дополнителното решение за наследување од 08.07.2004 година ОД.бр.936/04 бил огласен и за законски наследник на една иделна половина на дополнителното пронајдено право на денационализација на спорниот недвижен имот. Во насока на ова, со самото располагање на делот од имотот за кој бил огласен тужителот, односно со поведувањето на нова оставинска постапка за распределба на веќе распределеното дополнително пронајдено право на денационализација, тужениот го злоупотребил веќе стекнатото право на денационализација на тужителот со наведеното наследно решение. Со оглед на тоа дека тужителот е огласен за наследник на една иделна половина од правото на денационализација со дополнителното решение за наследување, сразмерно на овој наследен дел на правото, има право на сопственост како наследник на имотот кој е вратен во сопственост на тужениот по пат на денационализација. Тоа значи дека во конкрениот случај станува збор за наследничка (сопственичка) тужба со која тужителот претендира сопственост по основ на наследување. Со други зборови, тужителот наследил право на денационализација и со поведената парнична постапка истакнува барање врз основа на така стекнатото право да му се утврди правото на сопственост на недвижен имот, за чиј единствен наследник бил огласен тужениот.

Поради наведеното, Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека во конкрентиот случај не се применува Законот за денационализација, односно одредбата од член 61 став 2 по однос на остварување на правата на заинтересираните лица. Ова особено што тужителот не е заинтересирано лице во постапка за денационализација, туку е веќе носител на една идеална половина на правото на денационализација и на спорниот имот, по основ на наследување, кое право му е утврдено со решение за наследување. Со наследувањето на правото на денационализација, се воспоставил стварно-правен однос, поради што своја примена наоѓа Законот за сопственост и други стварни права, а стварните права не застаруваaт. Своето право на сопственост, тужителот го црпи од решението за наследување со кое бил огласен за наследник на дополнителното право на денационализација, па оттука станува збор за стварноправна заштита која треба да се испита од аспект на примената на Законот за наследување во врска со Законот за сопственост и други стварни права. Наспроти ова, Законот за денационализација ќе најде своја примена доколку тужителот не бил огласен за наследник на правото на денационализација, што не е случај во конкретниот предмет, поради што второстепениот суд погрешно го применил материјалното право од Законот за денационализација кога тужбеното барање на тужителот го одбил како неосновано со образложение дека е изминат рокот од пет години од правосилноста на решението за денационализација.

Од овие причини Врховниот суд на Република Македонија, согласно 387 став 1 од Законот за парничната постапка, ревизијата на тужителот ја усвои и пресудата на второстепениот суд ја преиначи на начин како во изреката на пресудата.

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.199/2017 од 17.05.2018 година.