Дозволеност на ревизија за камата како споредно побарување

Наслов Дозволеност на ревизија за камата како споредно побарување
Вид на документ Сентенца Број Рев2.бр.170/2017
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 12/17/18 12:09 AM
Група на правен основ Парнична постапка Правен основ Примена на ЗПП
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Не се исполнети условите за дозволеност на ревизија во случај кога побиваниот дел на пресудата се однесува за камата како споредно побарување, без оглед што во постапка по жалба второстепениот суд ја преиначил првостепената пресуда во делот за каматата.


Образложение

Ревизијата е недозволена.

Имено, согласно член 28 став 1 од Законот за парнична постапкa („Службен Весник на РМ" бр.07/11), кога за утврдување на составот на судот, правото на изјавување ревизија и во други случаи предвидени во овој закон е меродавна вредноста на предметот на спорот, како вредност на предметот на спорот се зема предвид само вредноста на главното барање.

Во ставот 2 од истиот член стои дека каматите, парничните трошоци, договорната казна и другите споредни барања не се земаат предвид, ако не го сочинуваат главното барање.

Според член 383 став 1 од истиот закон, ненавремена, нецелосна, необразложена или недозволена ревизија, ќе ја отфрли судијата известител на ревизискиот суд со решение, ако тоа не го сторил во границите на своите овластувања првостепениот суд.

Со оглед дека во конкретниот случај со изјавената ревизија тужителот ја побива второстепената пресуда во делот со кој е преиначена првостепената пресуда по однос на течењето на досудената камата, што согласно горецитираниот член претставува споредно побарување, произлегува дека не се исполнети законските услови за дозволеност на ревизијата, без оглед што второстепениот суд во постапката по жалба, во тој дел ја преиначил првостепената пресуда.

Имајќи го предвид погоре наведеното, Врховниот суд на Република Македонија ревизијата ја отфрли како недозволена, согласно член 383 став 1 од Законот за парничната постапка.

Решение на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.170/2017 од 26.04.2018 година.