Период за стекнување стварна службеност со одржувачка

Наслов Период за стекнување стварна службеност со одржувачка
Вид на документ Сентенца Број Рев2.бр.320/2017
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 12/17/18 9:26 PM
Група на правен основ Имотни односи Правен основ Службеност
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Правно релевантен период за стекнување стварна службеност со одржувачка врз недвижна ствар која била во општествена, односно државна сопственост, е времето на вршење на фактичката власт врз недвижноста од стапување на сила на Законот за сопственост и други стварни права до поднесување на тужба.


Образложение

Ревизијата на тужениот, е основана.

Основан е наводот во ревизијата за погрешна примена на материјалното право, ако се има во предвид утврдената фактичка состојба.

Врз основа на вака утврдената фактичка состојба, применувајќи ги одредбите од член 192 и член 202 од Законот за сопственост и други стварни права, првостепениот суд го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителот. Имено, првостепениот суд изразил правно сфаќање дека тужителот како сопственик на привилегирана ствар не ја остварувал службеноста за време од 20 години како би се стекнал со стварна службеност по пат на одржувачка, со оглед на утврденото дека на тужителот во текот на 2000 година му бил вратен во сопственост недвижниот имот по основ на денационализација, по што целосно го реконструирал објектот на парцелата, додека тужениот неговиот имот го купил во текот на 2004 година. Притоа, првостепениот суд утврдил дека не било докажано дека жителите во зградата кои го користеле станбениот простор за сместување преку поранешниот СИЗ за становање, го користеле пристапниот пат за влез до објектот од источна страна за да после нив продолжи да го користи и тужителот, односно не се докажал континуитетот во користењето на преминот. Крајно, неоснованоста на тужбеното барање се поткрепува со констатацијата дека во случајот не е ниту целесообразно да се овозможи пристап преку имотот на тужениот, со оглед да тужителот можел непречено да пристапи до својот имот од северната страна преку имотот на Република Македонија, односно парцелата КП.бр.1643/1.

Одлучувајќи по жалбата на тужителот, согласно содржината на член 202 од Законот за сопственост и други стварни права, а по одржаната јавна расправа и изведувањето на доказите, второстепениот суд заклучил дека во конкретниот случај е исполнет временскиот критериум за утврдување на воспоставена стварна службеност врз послужбата недвижност на тужениот по пат на одржувачка од 20 години. Имено, второстепенот суд утврдил дека од 1976 година парцелата на тужениот во северниот дел непречено од никого била користена како нужен премин до објектот кој го стопанисувал СИЗ за становање Струга, кој е правен претходник на тужителот, на начин што за станарите кои биле корисници на простории за живеење во предметниот објект како единствен влез бил влезот од источната страна на објектот. Оттука, второстепениот суд застанал на правно стојалиште дека во случајот биле исполнети условите да се утврди воспоставената стварна службеност врз послужната недвижност по пат на одржувачка, поради што ја преиначил првостепената пресуда на начин што го усвоил тужбеното барање на тужителот во смисла на означената законска одредба.

Меѓутоа, Врховниот суд на Република Македонија, наоѓа дека е погрешен заклучокот на второстепениот суд дека во конкретниот случај се исполнети законските претпоставки за утврдување стварна службеност по одржувачка, па погрешно го применил материјалното право од член 202 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права, кога утврдил дека тужителот ја остварил фактички службеноста за време од 20 години врз послужната недвижност на тужениот.

Имено, со одредбата од член 202 од Законот за сопственост и други стварни права се регулира можноста за стекнување стварна службеност со одржувачка, при што како правна основа на стекнувањето е одржувачката а начин на стекнувањето е исполнувањето на претпоставките за одржувачката, односно фактичкото остварување на службеноста за време од 20 години и владението да не е манливо, а тоа значи вршењето на службеноста да не е со злоупотреба на довербата на сопственикот или на држателот на послужната ствар, со сила и со измама, како и доколку има непрекинато владение за сето време на одржувачката. Оттука, совесноста при вршењето на фактичката власт на послужната ствар и протекот на времето предвидено со цитираната одредба, претставуваат материјално-правни претпоставки за стекнување на стварна службеност по основ на одржувачка.

Поаѓајќи од содржината на цитираната законска одредба, според Врховниот суд на Република Македонија, правилен е ставот на првостепениот суд дека во конкретниот случај тужителот како сопственик на привилегирана ствар немал фактичко владение повеќе од 20 години на предметната површина како послужна недвижност која е во сопственост на тужениот, бидејќи тужителот пристапот до неговиот објект изграден на парцелата која му е вратена во сопственост по основ на денационализација, го остварувал повремено сметано од 2000 година, преку недвижниот имот на тужениот КП.бр.1629 која парцела тој ја купил во 1994 година, а врз основа на решение за приватизација на градежно земјиште ја приватизирал парцелата по основ поранешна сопственост. Оттука, имајќи предвид дека тужбата во судот е поднесена на ден 07.02.2012 година, правилно првостепениот суд го одбил тужбеното барање на тужителот да се утвдри дека истиот се стекнал по пат на одржувачка со право на стварна службеност на предметниот пристапен дел од 9 м2 од КП.бр.1629, затоа што тужителот не го докажал своето тврдење дека докажа своето тврдење дека бил во фактичко владение повеќе од 20 години на предметната површина.

Основано во ревизијата се укажува дека погрешен е заклучокот на второстепениот суд за правното прашање од кога треба да се смета рокот за одржувачка, бидејќи се работи за послужно добро како недвижна ствар која била во општествена сопственост.

Согласно член 51 од Законот за основните сопственосно правни односи („Службен лист на СФРЈ“ бр.6/1980), предметната службеност се заснова со правна работа, со одлука на државен орган и со одршка.

Во член 55 од истиот закон, е уредено дека предметна службеност на недвижност што е општествено средство во општествено правно лице
не може да се стекне со одршка.

Со донесувањето на Уставот на Република Македонија, се напушти општествената сопственост, како доминантен сопственосен облик, со што се поставија основите на сопственосниот систем преку принципот на сопственичко правниот плурализам. Притоа, со донесувањето на Законот за сопственост и други стварни права ("Службен весник на Република Македонија" бр.18/01), односно со неговото применување од 13.09.2001 година, отпадна забраната за стекнување на право на сопственост и службеност со одржувачка врз ствари во државна сопственост, па оттука од примената на наведениот закон почнуваат да се смета течењето на роковите за одржувачка на имот во државна сопственост. Согласно наведеното, и покрај тврдењето на тужителот дека тој и неговите правни претходници станари кои користеле станбен простор за сместување преку поранешниот СИЗ за становање од 1979 година, според наоѓањето на овој суд, правно релевантниот период за стекнување стварна службеност со одржувачка во конкретниот случај е времето на вршењето на фактичката власт на недвижната ствар во општествена, односно државна сопственост од стапувањето на сила на Законот за сопственост и други стварни права до поднесувањето на тужбата во овој спор. Според наведеното, подведувајќи ги утврдените факти под примената на цитираната законска одредба од член 202 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права, не е исполнет временскиот услов за стекнување на стварна службеност со одржувачка, односно рокот од 20 години. Во насока на наведеното, според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, во овој рок не се засметува временскиот период на користење на предметниот имот од страна на правните претходници на тужителот пред стапувањето на сила на Законот за сопственост и други стварни права, ако се има предвид законското решение содржано во цитираниот член 55 од Законот за основните сопственосноправни односи според кое службеност на недвижност во општествена сложбеност не може да се стекне со одршка.

Поради напред наведеното, следуваше да се одлучи како во изреката на оваа пресуда, согласно член 387 став 1 од Законот за парничната постапка.

Пресудa нa Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.320/2017 од 22.06.2018 година.