Застареност на побарување по основ на наплатена јавна давачка

Наслов Застареност на побарување по основ на наплатена јавна давачка
Вид на документ Сентенца Број Рев1.бр.156/2017
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 10/30/18 7:00 PM
Група на правен основ Облигациони односи Правен основ Застареност
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Парично побарување по основ на наплатена јавна давачка не претставува побарување за извршена услуга од договор за промет на стоки и услуги и застарува за пет години според општиот рок на застареност, доколку со друг закон не е определен некој друг рок за застареност.


Образложение

Ревизијата е основана.

Имено, судовите утврдиле дека помеѓу тужителот и првотужениот на 22.03.2005 година, бил склучен договор за извршување на работи во врска со наплатата на надоместокот за користење на јавните патишта, во кој во член 1 стои дека предмет на договорот е наплата на патна такса, односно надомест за употреба на јавните патишта, која е приход на тужителот и која се наплаќа при регистрација на возилата. Во член 2 од договорот, првотужениот се обврзал во име и за сметка на тужителот да ја врши наплатата на патната такса и да врши проверка на наплатата на истата од сопствениците, односно корисниците на моторни и приклучни возила при нивната регистрација, а дека наплатувањето ќе се врши преку здруженијата на возачите, како што е и второтужениот, како членки на првотужениот. Со договор за извршување работи за наплата на надоместокот за употреба на јавните патишта од 01.04.2009 година, договорено било наплатата на надоместокот да се врши при вршење на технички преглед-регистрација на моторни, односно приклучни возила и првотужениот се обврзал да врши контрола за редовна, целосна и благовремена уплата на патната такса на сметка на тужителот, да ја надомести штетата која произлегува од несоодветно постапување при наплатата и да изготвува месечен и годишен преглед на регистрирани и наплатени средства од надомест за патишта по видови и категории. Со договор за извршување работи за наплата на надоместок за употреба на јавните патишта склучен на ден 22.03.2012 година помеѓу тужителот и второтужениот и договор за извршување работи за наплата на надометок за употреба на јавните патишта, склучен на ден 31.10.2012 година помеѓу тужителот и второтужениот, второтужениот се обврзал во сите негови подружници да врши наплата на патната такса при вршењето на регистрација на моторните, односно приклучните возила и средствата од наплатениот надоместок да ги трансферира на подсметка на тужителот. Со наод и мислењето на вешто лице од Заводот за вештачење ДООЕЛ Скопје, било утврдено дека долгот по основ надоместок за употреба на јавни патишта изнесува 8.156.998,00 денари, а во тој износ се опфатени 2007, 2008, 2009 и 2010 година. Во наод и мислењето на вешто лице Виктор Тодоров, било утврдено дека долгот кон тужителот по наведениот основ изнесува 8.757.479,00 денари. По извршеното усогласување на вештачењата во однос на висината на побарувањето, а земајќи ги предвид и плаќањата извршени од второтужениот по поднесувње на тужбата, било утврдено дека долгот изнесува 8.315.959,00 денари и износ од 235.358,00 денари по основ камата за задоцнето плаќање. Во дополнителниот наод и мислење на вештото лице од Завод за вештчење ДООЕЛ Скопје, било констатирано дека според приложената финансиска документација, тужителот има ненаплатени побарувања по основ на надоместок за јавни патишта во висина од 8.487.359,00 денари, од кои износ од 8.039.390,00 денари по основ главен долг и износ од 448.970,00 денари по основ на камата за задоцнето плаќање. По дополнувањето на вештачењето, второтужениот повторно извршил плаќања, по што за задоцнетото плаќање тужителот пресметал камата по каматни листи и го прецизирал тужбеното барање на износ од 8.433.503,00 денари со камата, како и камата за задоцнето плаќање.

Врз основа на вака утврденото, а со примена на одредбите од член 10, член 17-в и член 251 од Законот за облигациони односи, пониските судови делумно го усвоиле тужбеното барање према второтужениот за износ од 955.904,00 денари, а го одбиле за износ од 7.477.599,00 де нари со камата, наоѓајќи дека побарувањето на тужителот за наведениот износ е застарено. При одлучување за одбиениот дел од тужбеното барање судовите се повикале на член 363 од Законот за облигациони односи, согласно кој меѓусебните побарувања на договорните страни од договорите за промет на стоки и услуги, како и побарувањето на надомест за издатоци направени во врска со тие договори, застаруваат за три години, па затоа оцениле дека дел од побарувањата што се однесуваат на 2007 и 2008 година се застарени, бидејќи од втасаноста на тие побарувања до поднесување на тужбата се поминати повеќе од три години. Судовите во целост го одбиле тужбеното барање на тужителот према првотужениот, наоѓајќи дека тој не е пасивно легитимиран во овој спор, бидејќи облигациониот однос бил воспоставен само помеѓу тужителот и второтужениот, имајќи при тоа во предвид дека дел од плаќањата ги вршел второтужениот. Со оглед дека судот го усвоил приговорот на првотужениот за немање пасивна легитимација, за приговорот на првотужениот за застареност на тужбеното барање, судот ценил дека е беспредметен.

Меѓутоа, по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија основани се наводите на тужителот во изјавената ревизија дека заклучоците на пониските судови не произлегуваат и се во спротивност со изведените докази во текот на постапката.

Ова од причина што пониските судови иако ги извеле како доказ договорите склучени помеѓу првотужениот и тужителот, воопшто не се впуштиле во оценка на нивната содржина, кога го усвоиле приговорот на првотужениот за немање на пасивна легитимација. Видно од содржината на тие договори склучени помеѓу тужителот и првотужениот е дека тие се договориле првотужениот во име и за сметка на тужителот да врши наплата на надоместокот за употреба на јавните патишта, а таа наплата да ја врши преку неговите здруженија, меѓу кои е и второтужениот, па произлегува дека е сосема погрешен заклучокот на пониските судови дека побарувањето на тужителот кое е предмет на овој спор произлегува од облигационен однос заснован помеѓу тужителот и второтужениот.

Основани се и наводите во ревизијата за погрешна примена на материјалното право во делот на одлуката за застареност на дел од тужбеното барање на тужителот. Имено, пониските судови прифатиле дека во случајов се работи за парично побарување произлезено од склучен договор во промет на стоки и услуги, а кои во согласно член 363 од Законот за облигациони односи, застаруваат за три години, па бидејќи побарувањата потекнуваат од 2007 и 2008 година, а тужбата е поднесена на 26.08.2013 година, заклучиле дека тужбеното барање на тужителот за износ од 7.477.599,00 денари со камата, е застарено.

Меѓутоа, по оценка на овој суд основано се укажува во ревизијата дека предмет на спорот во конкретниот случај не е надомест за извршена услуга од договор за промет на стоки и услуги, туку се работи за парично побарување по основ на наплатена јавна давачка.

Имено, согласно член 59 од Законот за јавните патишта, средствата собрани од патната такса предвидена во членот 55 точка 2 на истиот закон, се приход на јавното претпријатие - тужителот и се користат за финансирање за изградба, реконструкција, одржување и заштита на јавните патишта, па со оглед на тоа што станува збор за законска обврска предвидена во наведениот закон, не може да се прифати дека рокот за застареност на ова парично побарување е три години.

Оттука, со оглед дека во Законот за јавни патишта, во кој во член 55 точка 2 е предвиден надоместот на име патна такса, не е определен некој друг рок за застареност, произлегува дека во конкретниот случај треба да се примени општиот рок за застареност предвиден во член 360 од Законот за облигациони односи, согласно кој побарувањата застаруваат за пет години, ако со закон не е определен некој друг рок за застареност.

Од наведените причини, Врховниот суд на Република Македонија оцени дека побиваните пресуди се нејасни и неразбирливи, односно причините содржани во истите не произлегуваат и се противречни на изведените докази, а идека во случајов поради погрешна примена на материјалното право, фактичката состојба останала нецелосно утврдена, па следуваше ревизијата да се усвои, побиваната и првостепената пресуда во одбиениот дел од тужбеното барање да се укинат и предметот во тој дел да се врати на повторно судење пред првостепениот суд, согласно член 385 став 1 и член 387 став 2 од Законот за парнична постапка.

Согласно член 160 став 3 и 4 од Законот за парнична постапка, а со оглед дека ревизијата е усвоена и побиваната и првостепената пресуда, во делот на одбиеното тужбено барање се укинуваат, следуваше да се укине и одлуката за трошоци содржана во истите.

При повторното постапување, првостепениот суд ќе треба да ги ма во предвид укажувањата на овој суд, по истите да постапи и да ја отстрани сторената суштествена повреда, па со преоцена на веќе изведените докази или со повторно изведување на дел од истите, правилно да ја утврди фактичката состојба и да донесе пресуда која ќе биде јасна, разбирлива и во која ќе бидат содржани образложени причини за решителните факти од кои се раководел судот при донесување на одлуката.

Решение на Врховниот суд на Република Македонија Рев1.бр.156/2017 од 03.05.2018 година.