Постапување на судот по одлука за повторување на постапка

Наслов Постапување на судот по одлука за повторување на постапка
Вид на документ Сентенца Број Рев3.бр.198/2016
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 10/30/18 7:16 PM
Група на правен основ Парнична постапка Правен основ Примена на ЗПП
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Кога првостепениот суд дозволил повторување на постапката, ќе ја укине својата одлука, како и одлуките на повисоките судови ако такви одлуки постојат.


Образложение

Ревизијата е основана.

Основан е наводот во ревизијата за сторена суштествена повреда од член 343 став 1 во врска со член 2 од Законот за парнична постапка, односно дека првостепениот суд со решението со кое го уважил предлогот на тужениот за повторување на постапката, пропуштил во целост да одлучи по предлогот на тужениот.

Имено, Основниот суд Скопје II Скопје постапувајќи по предлогот на тужениот за повторување на постапката РО бр. 551/09, поднесен согласно член 392 став 1 точка 9 од Законот за парнична постапка, донел решение со кое предлогот за повторување го усвоил, ја укинал само пресудата на Основен суд Скопје II Скопје РО.бр.551/09 од 23.02.2010 година и одлучил постапката по тужбата на тужителот Наум Николовски од Скопје против тужениот РМ Министерство за надворешни работи Скопје, да продолжи.

Меѓутоа, Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека во конкретниот случај по донесување на првостепената пресуда РО.бр.551/09 од 23.02.2010 година, која Основниот суд ја укинал, била донесена и пресуда на Апелациониот суд Скопје РО.бр.748/10 од 17.11.2010 година, со која жалбата на тужениот била одбиена како неоснована и првостепената пресуда била потврдена, а по повод поднесена ревизија од тужениот Врховниот суд на Република Македонија донел пресуда Рев2.бр.778/2011 од 06.02.2013 година, со која ревизијата ја одбил како неоснована. Со оглед дека со решението на првостепениот суд предлогот за повторување на постапката бил усвоен, значи дека предметот треба да се врати во фаза на првостепена постапка пред донесувањето на првостепената пресуда, но како по донесувањето на првостепената пресуда била донесена и второстепена пресуда на Апелациониот суд Скопје, а и пресуда на Врховниот суд на Република Македонија по повод изјавена ревизија од тужениот, за да во конкретниов сличај се воспостави состојбата која постоела пред донесувањето на првостепената пресуда, потребно било првостепениот суд покрај за првостепената пресуда, да се произнесе и за останатите две пресуди.

Со оглед на наведеното, а поради сторената суштествена повреда на одредбите од парничната постапка, следувашеда се одлучи како во изреката, согласно член 385 став 1 од Законот за парничната постапка.

При повторното постапување, првостепениот суд ќе треба да ги има во предвид укажувањата на овој суд, по истите да постапи, да ја отстрани сторената суштествена повреда на одредбите од парничната постапка и да донесе решение кое ќе биде јасно, разбирливо и законито.

Решено во Врховниот суд на Република Македонија на ден 31.01.2018 година под Рев3.бр.198/2016.