Дозволеност на ревизија

Наслов Дозволеност на ревизија
Вид на документ Сентенца Број Рев3.бр.11/2018
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 10/30/18 10:12 AM
Група на правен основ Парнична постапка Правен основ Примена на ЗПП
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Ревизијата изјавена против решение на второстепениот суд со кое е потврдено решението на првостепениот суд, со кое се огласил за стварно ненадлежен суд да постапува по тужбата на тужителот и определил по правосилноста на решението предметот со сите списи да се достави до стварно надлежниот суд, е недозволена бидејки со тоа решение постапката не е правосилно завршена.


Образложение

Ревизијата е недозволена.

Согласно член 391 став 1 од Законот за парнична постапка, странките можат да изјават ревизија и против решение на второстепениот суд со кое постапката правосилно е завршена, во спорови во кои ревизијата би била дозволена против второстепена пресуда.

Во став 3 од истиот член е определено дека во постапката по повод ревизија против решение, се применуваат одредбите од овој закон за ревизија против пресуда.

Согласно член 383 став 1 од истиот закон, ненавремена, нецелосна, необразложена или недозволена ревизија ќе ја отфрли судијата известител на ревизискиот суд со решение, ако тоа не го сторил во границите на своите овластувања првостепениот суд.

Во конкретниот случај, тужителот со ревизијата го побива второстепено решение со кое е потврдено решението на првостепениот суд со кое тој се огласил за стварно ненадлежен да постапува по тужбата на тужителот и определил по правосилноста на решението, предметот со сите списи да се достави до стварно надлежниот Управен суд.

Оттука, произлегува дека со ревизијата се побива решение со кое постапката не завршува правосилно, во смисла на наведеното во член 391 став 1 од Законот за парнична постапка, туку судот определил предметот со списите да се достави до Управниот суд како стварно надлежен суд, па произлегува дека изјавената ревизија е недозволена, па следуваше да се одлучи како во изреката, согласно член 383 став 1 во врска со член 391 став 1 и став 3 од Законот за парнична постапка.

Решение на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.11/2018 од 15.02.2018 година.