Надлежност на суд во случај кога во приговорот против решение за издавање на платен налог не е истакнат и приговор за месна надлежност

Наслов Надлежност на суд во случај кога во приговорот против решение за издавање на платен налог не е истакнат и приговор за месна надлежност
Вид на документ Сентенца Број Р.бр.140/2017
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 5/8/18 2:43 AM
Група на правен основ Парнична постапка Правен основ Определување на стварно надлежен суд
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца




Судир на надлежност на основни судови

Член 21 став 1 од од Законот за парничната постапката („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/05...бр.124/15) в.в со член 72 став 1 од Законот за нотаријатот

Во случај кога тужениот во приговорот против решението за издавање на нотарски платен налог, не истакнал и приговор на месна ненадлежност, а не е предвидена исклучителна месна надлежност на друг суд, судот пред кој е започната постапката останува месно надлежен суд.

Образложение


Основниот суд Штип со решение ПЛ1-ТС-103/2017 од 16.10.2017 година, повикувајќи се на одредбата од член 63 од Законот за парничната постапка, се огласил за месно ненадлежен да постапува по тужбата на тужителот Друштво Б. АД С., против тужениот Друштво Т.Т. ДООЕЛ Ш., за долг, вредност на спорот 462.030 евра, при што определил по правосилноста на решението, предметот да се отстапи на понатамошно постапување на Основниот суд Скопје II Скопје, како стварно и месно надлежен суд.

Основниот суд Скопје II Скопје, во смисла на одредбите од член 21 и член 22 од Законот за парничната постапка, предизвика судир на надлежност пред Врховниот суд на Република Македонија, со образложение дека станува збор за постапка која пред судот се води по приговор на решение за издавање на нотарски платен налог, а во случајот не постојат законски услови Основниот суд Штип да се огласи за месно ненадлежен суд по приговор на тужениот кој не е истакнат во приговорот против решението за издавање на нотарски платен налог, туку е истакнат подоцна со поднесок.

Врховниот суд на Република Македонија одлучувајќи по предизвиканиот судир на надлежност, утврди дека во конкретниот случај месно надлежен да постапува по предметот е Основниот суд Штип.

Согласно член 21 став 1 од Законот за парничната постапката („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/05...бр.124/15), ако судот на кој што му е отстапен предметот како на надлежен смета дека е надлежен судот што му го отстапил предметот или некој друг суд, ќе му го достави предметот на судот кој треба да го реши овој судир на надлежност, освен ако најде дека предметот му е отстапен поради очигледна грешка, а требало да му биде отстапен на некој друг суд, во кој случај предметот ќе му го отстапи на тој друг суд и за тоа ќе го извести судот кој му го отстапил предметот.

Согласно член 22 од истиот закон, судирот на надлежноста меѓу судовите го решава заеднички непосредно повисокиот суд.

Согласно член 428-а од истиот закон, по приговор на решението за издавање на нотарски платен налог, одлучува надлежниот основен суд согласно одредбите на овој закон.

Согласно член 72 став 1 од Законот за нотаријатот, должникот може да изјави приговор против решението со кое е издаден нотарски платен налог, како и за одлуката за трошоците. Согласно став 2 од истиот член, приговорот се поднесува до надлежниот основен суд на чие подрачје се наоѓа седиштето на нотарот кој постапувал по предлогот, преку нотарот кој го донел решението со кое е издаден нотарскиот платен налог, во рок од осум дена сметано од денот на приемот на решението.

Согласно член 35 став 1 точка 4 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/06, 35/08 и 150/10), Врховниот суд на Република Македонија е надлежен да решава за судир на надлежност меѓу основните судови од подрачјето на различни апелациони судови, судир на надлежност меѓу апелациони судови, судир на надлежност меѓу Управниот суд и друг суд и да решава за пренесување на месна надлежност кај овие судови.

Во конкретниот случај, видно од списите на предметот, со решение за издавање на нотарски платен налог НПН бр.42/17 од 05.07.2017 година, на нотар Лидија Симонова Трајчева од Ш., усвоен е предложениот нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, а должникот е задолжен на доверителот во рок од 8 дена од приемот на решението да ги намири пристигнатите побарувања на доверителот, како и одмерените трошоци на постапката во вкупен износ од 49.834,00 денари. На ден 17.07.2017 година, должникот преку неговиот полномошник изјавил приговор против наведеното решение за издавање на нотарски платен налог, а во истиот не е истакнат приговор на месна ненадлежност. На 19.07.2017 година, нотарот до Основен суд Штип ги доставил списите на предметот заради спроведување на постапката по приговор. Со наредба од 25.08.2017 година, Основниот суд Штип, закажал главна расправа на ден 25.10.2017 година. Тужениот, преку неговиот полномошник, со поднесок од 05.10.2017 година, истакнал приговор за месна ненадлежност за постапување на Основниот суд Штип, затоа што согласно член 15 став 2 од Општите услови на договор за изградба на фабрика за производство на технички текстил, заведен кај тужителот под бр.01-12634 од 11.09.2014 година, а кај тужениот под бр.03/2014 од 10.09.2014 година, договорните страни се согласиле дека секој спор ќе го решаваат спогодбено, а во други случаи надлежен е судот во Скопје.

Во смисла на одредбата од член 19 став 1 од Законот за парничната постапка, судот може да се огласи за месно ненадлежен само доколку тужениот истакне приговор за месна надлежност во писмениот одговор на тужба. Согласно став 2 од истиот член, по службена должност судот може, најдоцна на подготвително рочиште да се огласи за месно ненадлежен само кога постои исклучителна месна надлежност на некој друг суд.

Поаѓајќи од наведената одредба, ако се има предвид дека тужениот не приговорил на месна ненадлежност на судот со поднесениот приговор против решението за издавање на нотарски платен налог, а како во случајот не е предвидена исклучителна месна надлежност, судот пред кој е иницирана постапка останува да биде месно надлежен суд, на кој начин настанува премолчена пророгација на месната надлежност.

Во смисла на погоре наведените причини, следуваше Врховниот суд на Република Македонија да одлучи како во изреката на решението, согласно член 35 став 1 точка 4 од Законот за судовите.

Решение на Врховниот суд на Република Македонија Р.бр.140/2017 од 23.11.2017 година.