Search
Правна поделба
По датум
Дизајнирано од
Дома
>
Судска пракса - Врховен суд - По датум
>
Уредност на тужба
Уредност на тужба
Наслов
Уредност на тужба
Вид на документ
Сентенца
Број
Рев3.бр.120/2016
Правна област
Граѓанска област
Вид на правен став
Сентенца
Област
Правна област
Датум на донесување
2/20/18, 7:48 AM
Група на правен основ
Парнична постапка
Правен основ
Примена на ЗПП
Суд од кој произлегува
Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот
Оддел за граѓански дела
Сентенца
Уредност на тужба
Член 98 став 3 в.в со член 101 став 1 од Законот за парничната постапка
Неуредна е тужбата која е поднесена од тужител преку полномошник – адвокат, во која не бил доставен доказ од соодветниот регистар за фирмата и седиштето на правното лице како тужен запишано во Централниот регистар на РМ и не било наведено името на застапникот на тужениот по закон.
Образложение
Ревизијата е неоснована.
Неоснован е ревизискиот навод за сторена суштествена повреда од член 343 став 2 точка 14 од Законот за парничната постапка, од причина што побиваното решение е јасно и разбирливо, содржи доволно образложени причини за решителните факти, па истото како такво може во целост да се испита.
Според Врховниот суд на Република Македонија неосновани се и ревизиските наводи кои се однесуваат на погрешна примена на одредбите од член 98 од Законот за парничната постапка.
Согласно член 98 став 3 од Законот за парничната постапка, поднесоците мораат да бидат разбирливи и мораат да го содржат сето она што е потребно за да може да се постапи по нив. Тие особено треба да содржат: означување на судот, име и презиме поткрепени со доказ за лична идентификација, живеалиште, односно престојувалиште на странките, односно фирмата и седиштето на правното лице запишани во Централниот регистар на РМ или друг регистар поткрепени со доказ од соодветниот регистар, нивните законски застапници и полномошници, ако ги имаат, предмет на спорот, вредноста на спорот, содржина на изјавата и потпис на подносителот, односно електронски потпис, е-меил адреса и контакт телефон.
Според став 5 од истиот член, странката во поднесокот е должна да го наведе својот единствен матичен број на граѓанинот, односно единствениот матичен број на субјектот на уписот ( ЕМБС ) за правните лица.
Согласно член 101 став 1 од истиот закон, поднесоците кои се поднесени од полномошник, а кои се неразбирливи или не ги содржат податоците од член 98 ставовите (3), (4), (5) и (8) на овој закон или не се поднесени во доволен број примероци кога тие се поднесени во писмена форма, судот ќе ги отфрли.
Имајќи ги предвид наведените законски одредби како и фактот дека предметната тужба е поднесена од страна на тужителот преку полномошник - адвокат и притоа со истата не бил доставен доказ од соодветниот регистар за фирмата и седиштето на правното лице запишано во Централниот регистар на РМ и не било наведено името на застапникот на тужениот по закон, по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, правилно заклучиле пониските судови дека тужбата не ги содржи сите потребни податоци предвидени во член 98 став 3 од Законот за парничната постапка, поради што истата ја отфрлиле како неуредна согласно член 101 став 1 од истиот закон.
Врховниот суд на Република Македонија го ценеше ревизискиот навод дека во тужбата биле наведени генералиите за тужениот, а не бил приложен доказ од Централниот регистар што е во согласност со заклучокот донесен на заедничка седница на граѓанските оддели на сите Апелационите судови во РМ, според кој судот нема да ја отфрли тужбата ако тужителот не достави доказ за лична идентификација на тужениот, ниту негов единствен матичен број, како и неговата примена во судската практика. Меѓутоа, овој суд наоѓа дека истиот е неоснован, како што впрочем заклучил и второстепениот суд во побиваната одлука, од причина што, ваквиот заклучок се однесува само во случај кога како тужен се јавува физичко лице. Имено, цитираниот заклучок е донесен согласно член 98 став 3, но во врска со став 5 од истиот член од Законот за парничната постапка, а со која одредба е предвидена должност на тужителот да го наведе својот единствен матичен број, доколку станува збор за физичко лице како тужител, односно единствениот матичен број на субјектот на уписот (ЕМБС) кога станува збор за правно лице како тужител. Токму заради еднаква примена на овие одредби, а со кои не е пропишано доставување на единствен матичен број кога тужениот е физичко лице, е и донесен заклучокот од заедничка седница на граѓанските оддели на сите Апелационите судови во РМ.
Како во конкретниот спор станува збор за тужен, правно лице, за уредност на тужбата потребно е за фирмата и седиштето на правното лице да биде доставен доказ од Централниот регистар на РМ, а во смисла на цитираниот член 98 став 3 од Законот за парничната постапка.
По наоѓање на овој суд правилен е заклучокот на пониските судови дека во целост се исполнети законските услови за примена на член 101 став 1 од Законот за парничната постапка.
Имајќи го предвид наведеното, следуваше да се одлучи како во изреката на ова решение согласно член 384 во врска со член 391 од Законот за парничната постапка.
Решение на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.120/2016 од 01.11.2017 година.