Повторување на постапка поради пропуштање на доставување на одговор на жалба

Наслов Повторување на постапка поради пропуштање на доставување на одговор на жалба
Вид на документ Сентенца Број Рев3.бр.146/2016
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 2/20/18 10:55 AM
Група на правен основ Парнична постапка Правен основ Примена на ЗПП
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Пропуштање на доставување на одговор на жалба како основ за повторување на постапка

Член 392 став 1, точка 2 од Законот за парничната постапка в.в со член 400 од истиот закон

Недоставување на одговор на жалба до спротивната страна, може да биде причина за повторување на правосилно завршена постапка.


Образложение

Ревизијата е основана.

Основани се наводите во ревизијата за сторена суштествена повреда од член 343 став 2 точка 14 од Законот за парнична постапка. По наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, побиваното решение со кое е потврдено првостепеното решение е нејасно и неразбирливо, не содржи доволно образложени причини за решителните факти од кои се раководел судот при одлучувањето, па истото не може во целост да биде испитано.

Имено, во конкретниот случај со делумна пресуда на Основен суд Скопје I Скопје П.бр.893/01 од 28.09.2001 година, било одбиено како неосновано тужбеното барање на тужителот да се поништи одлуката за престанок на работен однос со отказ, донесена од работодавачот на 02.03.2001 година и одлуката од 29.03.2001 година со која бил одбиен приговорот на тужителот, потврдена со пресуда на второстепениот суд ГЖ.бр.3595/02 од 13.11.2002 година. Потоа со пресуда на Основен суд Скопје I Скопје П.бр.893/01 од 07.11.2005 година, делумно било усвоено тужбеното барање на тужителот и задолжен бил тужениот да му исплати на износ од 6.000,00 денари на име противвредност на недоделен социјален пакет за 2000 година, а одбиен бил делот од тужбеното барање за исплата на износ од 38.800,00 денари на име храна и превоз за 9,10 и 11-ти месец 2000 година, како и за период од 5-ти до 8-ми месец 2000 година и 3-ти и 4-ти месец 2001 година, како и за задржаниот дел од плата во висина од 15% на име парична казна, со законска затезна камата на овие износи од доспеаноста до исплата. Оваа пресуда станала правосилна на ден 22.06.2006 година, а извршна на ден 21.09.2006 година.

По конечноста на пресудата на Европскиот суд за човекови права бр.25248/05 од 27 ноември 2012 година, ревидентирана со пресуда од 5 декември 2013 година, која станала конечна на 14 април 2014 година, согласно член 44 став 2 од Конвенцијата, во законскиот рок определен согласно член 400 став 1 од Законот за парнична постапка, тужителот до Основен суд Скопје II Скопје поднел предлог за повторување на постапката, во кој навел дека со пресудата на Европскиот суд за човекови права е утврдено дека во постапката по предметот П.бр.893/01 - нов број 210/2008, била сторена повреда на член 6 став 1 од Конвенцијата од аспект на правото на судење во разумен рок и правото на информирање и противречно произнесување, со недоставувањето до тужителот на одговорите на тужениот од 12-ти февруари и од 11-ти јуни 2002 година, дадени на изјавените жалби од тужителот од 13 декември 2001 година и од 22 април 2002 година до Апелациониот суд Скопје.

Пониските судови со побиваните решенија го одбиле предлогот на тужителот за повторување на постапката, наоѓајки дека не се исполнети условите наведени во член 392 од Законот за парнична постапка, како и законските претпоставки пропишани во член 400 од истиот закон. Судовите наоѓаат дека недоставувањето до тужителот на одговорите на жалба поднесени од тужениот и примени во судот на 12.02.2002 година и на 11.06.2002 година, не е предвидено како законски основ по кој може да се бара повторување на постапката, во ниту една од 10-те точки од член 392 став 1 од Законот за парнична постапка.

Меѓутоа, Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека наведените причини за одбивање на предлогот за повторување на постапката во побиваните решенија, се нејасни, неразбирливи и противречни со утврденото од страна на пониските судови.

Имено, согласно член 400 од Законот за парнична постапка, кога Европскиот суд за човекови права ќе утврди повреда на некое човеково право или на основните слободи предвидени во Европската конвенција за заштита на основните човекови права и слободи и во дополнителните протоколи на конвенцијата кои Р.М. ги ратификувала, странката може во рок од 30 дена од конечноста на пресудата на Европскиот суд за човекови права, да поднесе барање до судот во Р.М. кој судел во прв степен во постапката во која е донесена одлуката со кое е повредено некое од човековите права или основните слободи, за измена на одлуката со кое тоа право или основна слобода е повредена. Согласно став 2 од истиот член, во постапката од став 1 од овој член, соодветно се применуваат одредбите за повторување на постапката, а согласно став 3 од истиот, во повторувањето на постапката судовите се должни да ги почитуваат правните ставови изразени во конечната пресуда на Европскиот суд за човекови права со која е утврдена повреда на основните човекови права и слободи.

Од содржината на цитираната одредба и пресудата на Европскиот суд за човекови права од 27-ми ноември 2012 година, со која е утврдена повреда на член 6 став 1 на Конвенцијата, од аспект на правото на судење во разумен рок поради должината на траењето на постапката, како и повреда од аспект на правото на информирање и противречно произнесување, со недоставување на одговорите на тужениот од 12 февруари и 11 јуни 2002 година до тужителот, произлегува дека пониските судови неправилно ја примениле истата, кога го одбиле предлогот на тужителот за повторување на постапката. Ова од причина што со пресудата на Европскиот суд за човекови права е утврдена повреда на правото на информирање и противречно произнесување, со образложение дека концептот на правично судење, од кој правото на контрадикторност во постапката е еден од основните аспекти, го подразбира правото на странките во кривичната или парничната постапка, да бидат информирани или да дадат коментар за сите изведени докази или поднесени одговори, со цел да се влијае на одлуката на судот. Исто така е наведено дека со тоа што тужителот не добил примерок од одговорите на тужениот на жалбите изјавени од негова страна, пред да биде донесена пресудата, се навлегло во неговото право на контрадикторност на постапката.

Оттука, нејасен е заклучокот на пониските судови дека во конкретниот случај не бил исполнет ниту еден услов предвиден во член 392 став 1 од Законот за парнична постапка, ниту се исполнети законските претпоставки пропишани во член 400 од истиот закон, кога токму ставот 2 од член 400 од Законот за парнична постапка, јасно упатува на тоа дека во постапката по повод предлог за повторување на постапка по пресуда на Европскиот суд за човекови права, соодветно се применуваат одредбите за повторување на постапката, а во член 392 став 1 точка 2 јасно стои дека постапката што со одлука на судот е завршена правосилно може, по предлог на странката да се повтори ако на некоја странка со незаконито постапување, а особено со пропуштање на доставувањето, не и била дадена можност да расправа пред судот.

Во став 3 од член 400 од Законот за парнична постапка стои дека во повторувањето на постапката судовите се должни да ги почитуваат правните ставови изразени во конечната пресуда на Европскиот суд за човекови права, со кое е утврдена повреда на основните човекови права и слободи, па произлегува дека во конкретниот случај со побиваните решенија не е постапено на наведениот начин. Ова од причина што со конечната пресуда на Европскиот суд за човекови права, е утврдена повреда на правото на информирање и противречно произнесување со недоставување до тужителот на одговорите на тужениот од 12 февруари и 11 јуни 2002 година на жалбите поднесени од тужителот, а одредбата од член 392 став 1 точка 2 јасно упатува токму на тоа дека постапка што со одлука на суд правосилно е завршена, може по предлог од странката да се повтори доколку на некоја странка со незаконито постапување, особено со пропуштање на доставување, не и била дадена можност да расправа пред судот.

Од наведените причини, Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека во случајов останале неутврдени околностите од кои со сигурност би можело да се утврди дали има услови, односно дали се исполнети законските претпоставки пропишани во член 392 од Законот за парничната постапка, за да се дозволи повторување на постапката што го бара предлагачот, па следуваше да се одлучи како во изреката, согласно член 385 став 1 од Законот за парнична постапка.

При повторното постапување, првостепениот суд ќе треба да ги има во предвид претходно наведените укажувања и по истите да постапи, односно правилно и со сигурност да утврди дали се исполнети условите од член 400 од Законот за парничната постапка, врз основа на кој тужителот го поднел предлогот за повторување на постапката, па откако ќе ги утврди решителните факти за одлучувањето, со правилна примена на материјалното право, да донесе правилна и законита одлука.

Решение на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.146/2016 од 01.11.2017 година.