Престанок на работен однос на директор во случај кога е склучен договор со Управниот одбор за уредување на односите со јавното претпријатие

Наслов Престанок на работен однос на директор во случај кога  е склучен договор со Управниот одбор за уредување на односите со јавното претпријатие
Вид на документ Сентенца Број Рев3.бр.79/2016
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 2/20/18 3:00 AM
Група на правен основ Работни односи Правен основ Откажување од договор за вработување/Престанок на вработување
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Престанок на работен однос на разрешен директор

Член 25 од Законот за измени и дополнувања на Законот за јавните претпријатија („Сл. весник на РМ“ број 49/2006)


Престанокот на работниот однос на директорот кој е разрешен од функцијата, во ситуација кога претходно има склучено договор со Управниот одбор за уредување на односите со јавното претпријатие, во кој е предвидено дека во случај на престанок на функцијата директор или избор на нов директор, претпријатието има обврска дотогашниот директор да го распореди на соодветно работно место согласно стручната спрема и работно искуство, со договор за работа на неопределено време, е незаконит.


Образложение

Ревизијата е неоснована.

Неоснован е ревизискиот навод за сторена суштествена повреда од член 343 став 2 точка 14 од Законот за парнича постапка, од причина што по наоѓање на овој суд, побиваната пресуда со која е потврдена првостепената пресуда е јасна и разбирлива, содржи доволно образложени причини за решителните факти од кои се раководел судот при одлучувањето, па истата може во целост да биде испитана.

Второстепениот суд одговорил на сите жалбени наводи кои се од решително значење и не сторил суштествена повреда од член 343 став 1 во врска со член 363 став 1 од Законот за парнична постапка.

Неоснован е и наводот во ревизијата за погрешна примена на материјалното право, со оглед на утврдената фактичка состојба од првостепениот суд, во целост прифатена и од второстепениот суд.

Имено, судовите утврдиле дека тужителот бил во работен однос кај тужениот на работно место директор, заснован со договор за уредување на правата, одговорностите и овластувањата бр. 0307/743 од 09.10.2007 година, а по истекот на мандатот од 4 години бил повторно избран за директор и на ден 21.06.2011 година склучил нов договор за уредување на односите бр. 01-1102/1 од 22.06.2011 година, за времетраење од 4 години. По истекот на вториот мандат, во период од 23.06 2015 година до 01.12.2015 година, тужителот извршувал функција на в.д директор кај тужениот. На ден 01.12.2015 година, од страна на тужениот била донесена одлука со која тужителот бил разрешен од функцијата в.д директор и бил одјавен од работен однос на ден 03.12.2015 година. На 04.12.2015 година тужителот до директорот на тужениот поднел барање со кое побарал, согласно член 17 од Договорот за уредување на односите на директорот со јавното претпријатие, да го распореди на соодветно работно место согласно стручната спрема и работното искуство, по кое тужениот не постапил, по што ја поднел предметната тужба.


Врз основа на вака утврденото, правилно постапиле пониските судови, кога го усвоиле тужбеното барање на тужителот и утврдиле дека незаконито му престанал работниот однос кај тужениот, па го задолжиле тужениот да го распореди на работно место соодветно на неговата стручна подготовка, повикувајќи се притоа на член 17 од Договорот за уредување на односите на директорот со Јавното претпријатие, во кој е предвидено дека во случај на престанок на функцијата директор или избор на нов директор, претпријатието има обврска дотогашниот директор да го распореди на соодветно работно место согласно стручната спрема и работно искуство, со договор за работа на неопределено време.

Правилно пониските судови прифатиле дека во случај тужениот како работодавач да сметал дека треба да му даде отказ на тужителот на договорот за вработување, истиот бил должен согласно член 72 и член 74 од Законот за работни односи, отказот да го изрече во писмена форма во кој ќе го наведе основот за отказ утврден со закон и ќе ги образложи причините за откажување на договорот за вработување.

Имено, со член 25 од Законот за измени и дополнување на Законот за јавни претпријатија („Сл. весник на РМ“ број 49/2006), изменет е член 24, така што е уредено дека директорот на ЈП основано од Владата на РМ за својата работа одговара пред Управниот одбор на јавното претпријатие и истиот склучува договор со Управниот одбор за уредување на односите со Јавното претпријатие, во кој поединечно се уредуваат правата, одговорностите и овластувањата со закон. Во член 35 став 3 од Статутот на тужениот е наведено дека директорот склучува договор со Управниот одбор за уредување на односите со јавното претпријатие, во кој поединечно се уредуваат правата, одговорностите и овластувањата со закон. Со оглед на тоа што во конкретниот случај е утврдено дека таков договор помеѓу странките е склучен и дека тужениот во член 17 од договорот, превземал обврска да во случај на престанок на функцијата директор и избор на нов директор, го распореди дотогашниот директор на соодветно работно место и работно искуство со договор на неопределено време, правилно судовите прифатиле дека донесеното решение со кое на тужителот му престанал работниот однос е незаконито.

Од наведените причини, овој суд ги оцени како неосновани наводите во ревизијата за погрешна примена на материјалното право, па следуваше согласно член 384 став 1 од Законот за парнична постапка, ревизијата на тужениот да се одбие како неоснована.

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.79/2017 од 12.10.2017 година.