Склучување на нов променет договор за вработување при распоредување на работник на исто работно место во друга подружница - локација

Наслов Склучување на нов променет договор за вработување при
распоредување на работник на исто работно место во друга подружница - локација
Вид на документ Сентенца Број Рев3.бр.71/2016
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 2/20/18 7:37 AM
Група на правен основ Работни односи Правен основ Откажување од договор за вработување/Престанок на вработување
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Склучување на нов променет договор за вработување
Член 78 од Законот за работните односи

Кога работникот прифатил нов променет договор со кој е распореден на исто работно место но во друга подружница - локација, без влијание е фактотот што работодавачот пред да му предложи склучување на променет договор за вработување, не му го откажал претходниот.


Образложение

Ревизијата е неоснована.

Неоснован е наводот во ревизијата за сторена суштествена повреда од член 343 став 2 точка 14 од Законот за парнична постапка. По наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, побиваната пресуда е јасна и разбирлива, содржи доволно образложени причини за решителните факти од кои се раководел судот при одлучувањето, па истата може во целост да биде испитана.

Неоснован е и наводот во ревизијата дека второстепениот суд погрешно го применил материјалното право. Врз основа на утврденото во фактичката состојба, правилно одлучил второстепениот суд кога ја преиначил првостепената пресуда и тужбеното барање на тужителот за поништување на новиот променет договор за вработување од 02.01.2015 година, склучен помеѓу тужителот и тужениот, го одбил како неосновано.

Имено, од изведените докази во текот на постапката било утврдено дека тужителот со новиот променет договор за вработување од 02.01.2015 година, бил прераспореден на работно место контролор на рампа во ПШС С. - М.Б. од 02.01.2015 година, а претходно истиот бил вработен кај тужениот како контролор на рампа во ПШС Л. - К.. Против новиот променет договор за вработување, тужителот на 30.01.2015 година поднел приговор до Управниот одбор на тужениот, по кој тужениот не одлучил, по што тужителот ја поднел предметната тужба.

Од вака утврденото првостепениот суд прифатил дека тужениот во случајов постапил спротивно на предвиденото во член 78 став 1 од Законот за работни односи и член 20 од Колективниот договор, бидејќи претходно не му го откажал договорот за вработување на тужителот, а потоа да му понуди нов променет договор, па го усвоил тужбеното барење и утврдил дека побиваниот договор е ништовен.

Второстепениот суд наоѓа дека првостепениот суд погрешно го применил материјалното право, па ја преиначил првостепената пресуда и го одбил тужбеното барање, наоѓајќи дека се работи за нов променет договор за вработување потпишан од тужителот, кој бил распореден да ги извршува истите работни задачи на исто работно место, но во друга подружница на тужениот, односно на друга локација, а дека тужителот не докажал дека бил распореден на работно место кое не одговара на неговата работна и стручна способност, односно дека побиваниот договор е склучен спротивно на одредбите од Законот за работни односи.

Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека правилно постапил второстепениот суд кога го одбил како неосновано тужбеното барање. Во услови кога тужителот го прифатил - потпишал новиот променет договор за вработување, со кој бил распореден на исто работно место но во друга подружница, од ирелевантно значење е фактот што тужениот - работодавачот не му го откажал договорот за вработување пред да му предложи склучување на нов променет договор за вработување. Ова од причини што, согласно одредбата од член 78 став 3 од Законот за работните односи, тужителот ја прифатил понудата на тужениот - работодавачот и во тој случај го задржува правото да ја оспорува пред надлежниот суд одлуката за промена на договорот за вработување, односно распоредувањето. Ако се има во предвид утврденото дека тужителот со новиот променет договор за вработување бил распореден на друга локација, на истото работно место односно со исти работни обврски како и претходните, дека според договорот како причина за понуда на ваков нов договор била неопходната потреба на процесот на работата и тужителот со потпишувањето се согласил со тоа, како и фактот дека склучениот нов договор не бил во спротивност со одредбите од Законот за работните односи и членот 20 од Колективниот договор за шумарство, Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека второстепениот суд правилно го применил материјалното право кога одлучил како во изреката на второстепената пресуда.

За останатите наводи во ревизијата, овој суд оцени дека се без влијание за поинакво одлучување во конкретниов случај, па следуваше ревизијата да се одбие како неоснована, согласно член 384 став 1 од Законот за парнична постапка.

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.71/2016 од 04.10.2017 година.