Распишување нов оглас кога постапката за избор во наставно-научни, научни, наставни и соработнички звања не завршила во рок од 6 месеци

Наслов Распишување нов оглас кога постапката за избор во наставно-научни, научни, наставни и соработнички звања не завршила во рок од 6 месеци
Вид на документ Сентенца Број Рев3.бр.135/2016
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 2/20/18 8:17 PM
Група на правен основ Работни односи Правен основ Откажување од договор за вработување/Престанок на вработување
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Незаконитост на одлука за престанок на работен однос

Член 131 став 6, член 137 став 1 и 2 од Законот за високото образование в.в. со член 71 став 3 и член 102 од Законот за работните односи

Доколку постапката за избор во наставно-научни, научни, наставни и соработнички звања не заврши во рок од 6 месеци, не може да се донесе одлука по распишаниот конкурс, туку постапката во тој случај треба да се запре и да се распише нов оглас, а ако овој рок поминал, работодавецот не може да донесе одлука за откажување на договорот за вработување.



Образложение

Ревизијата е неоснована.

Неоснован е ревизискиот навод за сторена суштествена повреда од член 343 став 2 точка 14 од Законот за парничната постапка, од причина што побиваната пресуда е јасна и разбирлива, содржи доволно образложени причини за решителните факти, па истата како таква може во целост да се испита.

Неоснован е и ревизискиот навод за погрешна примена на материјалното право, ако се има предвид утврдената фактичка состојба.

Во текот на постапката, од изведените докази, пониските судови утврдиле дека тужителот кај тужениот засновал работен однос на ден 01.10.2009 година на работно место наставник-доцент, на неопределено време. Со анекс на договорот од 01.10.2009 година, тужителот бил распореден на матичната катедра за економија на Е. факултет при тужениот. На ден 01.02.2014 година во весникот Н.М. и К., тужениот објавил конкурс за избор на наставник по сите звања за наставно научна област – сметководство – еден извршител за време од 5 години. На овој конкурс како единствен кандидат се пријавил тужителот доцент А.K.. Научно наставниот совет на Е. факултет при тужениот формирал рецензентска комисија за избор на наставник во сите звања за наставно научна област сметководство на Е. факултет при тужениот. Оваа комисија изготвила реферат за единствениот кандидат - тужителот, донела заклучок дека тој ги исполнува условите од конкурсот и предложила на наставно научниот совет на Е. факултет при тужениот да го избере тужителот во звањето вонреден професор за наставно научна област сметководство. Според критериумите за избор на наставници и соработници на тужениот за периодот од 2009-2013 година, рецензентската комисија при изготвувањето на рефератот не ја земала предвид оценката од самоеволуцијата на кандидатот-тужителот и оценката од студентите. Наставно научниот совет на Е. факултет при тужениот на 30.06.2014 година одржал седница на која на дневен ред бил ставен и изборот на еден наставник во сите звања за наставно научната област сметководство. На седницата, на која бил присутен и тужителот, била донесена одлука тужителот да не се избере во звањето вонреден професор и одлука истиот да биде избран во постојното звање доцент. По поднесена претставка од тужителот до Д. испектор на рефератот на Р. комисија како и барање за заштита на законитост, Д. инспектор извршил вонреден инспекциски надзор кај тужениот на ден 11.07.2014 година, при што констатирал законски пропусти во водењето на постапката за избор во звања и го задолжил тужениот да ја повтори постапката за избор на наставно научно звање вонреден професор во научната област сметководство на Е. факултет при тужениот. Притоа, го задолжил тужениот во повторената постапка да ја земе предвид и позитивната оценка од студентите која ја имал тужителот, со укажување постапката да се преиспита во законскиот рок. На 18.07.2014 година ректорот на тужениот донел решение бр.0801-876/2, со кое го укинал рефератот на Р. комисија и ги задолжил членовите на истата да изготват нов реферат во кој ќе се има предвид и позитивната оцена од самоеволуцијата како и оценката од страна на студентите. Од страна на Р. комисија бил донесен нов реферат со иста содржина како и претходниот, а во кој составен дел била и потврдата за самоеволуцијата на тужителот и оценката на студентите, со предлог тужителот повторно да се избере во звањето вонреден професор за наставна научна област сметководство. Наставно научниот совет на Е. факулет при тужениот на 22.08.2014 година одржал седница на која на дневен ред повторно бил ставен изборот на наставно научно звање вонреден професор од областа сметководство, како резултат на повторно објавениот реферат на Р. комисија во универзитетскиот билтен бр.128 од 22.07.2014 година. На оваа седница била донесена одлука, која била заведена под архивски број 1702-189/5 од 25.08.2014 година, тужителот да не биде избран за вонреден професор, а не го избрал и во постојното звање доцент. По извршиниот контролен инспекциски надзор кај тужениот на 27.08.2014 година, Д. инспектор констатирал дека изминал рокот од 6 месеци за спроведување на постапката за избор по објавениот конкурс од 01.02.2014 година, и тоа на ден 02.08.2014 година и укажал дека доколку постапката не била завршена во овој рок (6 месеци), истата се запира и се распишува нов конкурс. Незадоволен од одлуката бр.1702-189/5 од 25.08.2014 година, од седницата одржана на 22.08.2014 година, тужителот на 10.09.2014 година поднел приговор до Наставно научниот совет на Е.факултет, кој со одлука бр.1702-314/8 од 02.10.2014 година го одбил приговорот на тужителот. Против оваа одлука, тужителот на 17.10.2014 година поднел приговор до Универзитетскиот сенат, кој со одлука бр.0701-1316/7 од 01.12.2014 година жалбата на тужителот ја одбил, а одлуката на Наставно научниот совет ја потврдил. По ова, на ден 09.12.2014 година Ректорот на тужениот донел конечна одлука бр.0801-1354/1 за откажување на договорот за вработување на тужителот бр.0402-13/365 од 01.10.2009 година, без отказен рок, поради неисполнувањето на посебните услови за засновање на работен однос во високообразовна установа согласно Законот за високо образование, Статутот на универзитетот и Правилникот за критериумите и постапката за избор на наставно научни, научни и наставни звања на тужениот. Во образложението на истата одлука тужениот навел дека на тужителот му се откажува договорот за вработување бидејќи согласно член 137 став 1 и 2 од Законот за високо образование не бил избран во повисоко звање и во постоечкото звање. Против ваквата одлука тужителот ја поднел предметната тужба. Исто така, било утврдено дека со пресуда на Основниот суд Штип РО.бр.320/15 од 07.10.2015 година, потврдена со пресуда на Апелациониот суд Штип РОЖ.бр.396/15 од 14.12.2015 година тужбеното барање на тужителот против тужениот со кое барал одлуката бр.1702-189/5 од 25.08.2014 година донесена од Наставно научниот совет на Е. факултет при тужениот, одлуката бр.1702-314/8 од 02.10.2014 година донесена од Наставно научниот совет на Е. факултет при тужениот како и одлуката бр.0701-1316/7 донесена од Универзитетскиот сенат на тужениот на 01.12.2014 година да се поништат како незаконити било усвоено во целост и овие одлуки биле поништени како незаконити.



Врз основа на вака утврдената фактичка состојба од страна на првостепенот суд, која во целост е прифатена од второстепениот суд, по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, пониските судови правилно го примениле материјалното право кога применувајќи го член 137 став 1 и став 2 од Законот за високо образование, член 50 став 2 од Правилникот за критериумите и постапката за избор во наставно-научни, научни и наставни звања на Универзитетот – Ш., член 71 став 3 и член 102 од Законот за работните односи утврдиле дека на тужителот незаконито му престанал работниот однос.

Според Врховниот суд на Република Македонија правилно пониските судови заклучиле дека тужениот при донесување на одлуката за откажување на договорот за вработување неправилно ги применил и постапил спротивно на одредбите од член 131 став 6 и 137 од Законот за високото образование. Ова од причина што, одлуките на наставно научниот совет на Е. факултет при тужениот со кои тужителот не бил избран за вонреден професор и во постојното звање доцент и одлуката на Универзитетскиот сенат бр.0701-1316/7 од 01.12.2014 година со која жалбата на тужителот против одлуките на наставно научниот совет била одбиена како неоснована, а врз основа на кои одлуки се темели и одлуката на тужениот со која на тужителот му е откажан договорот за вработување, со правосилна судска пресуда биле поништени како незаконити, со што отпаднал основот поради кој на тужителот му е откажан договорот за вработување. Оттука, причините наведени во образложението на одлуката за откажување на договорот за вработување не се основ за поинакво одлучување.

Непочитувањето на одредбата од член 131 став 6 од Законот за високо образование, како lex specialis, од страна на тужениот е во непосредна корелација со работниот однос на тужителот кај тужениот поради што одлуката за откажување на договорот за вработување е незаконита. Имено, оваа законска одредба е од императивен карактер, па така согласно истата не е дадена можност за отстапување во однос на роковите за спроведување на постапката за избор од која било причина, без оглед дали се работи за објективна или субјективна пречка. Напротив, доколку постапката не заврши во предвидениот рок, постапката се запира и се распишува нов конкурс, што значи не е дадена можност за продолжување на рокот од 6 месеци ако постапката од која било причина не завршила во законски утврдениот рок. Оттука, тужениот бил должен да постапи согласно оваа одредба и со истекот на рокот од 6 месеци, тој не можел да одлучува, односно да донесува одлуки за избор или неизбор на пријавените кандидати по распишаниот конкурс. Имајќи предвид дека во конкретниот случај, конкурсот бил распишан на 01.02.2014 година, а рокот од 6 месеци за завршување на постапката за избор истекол на 02.08.2014 година, одлуките, врз основа на кои потоа на тужителот му е откажан договорот за вработување од 01.10.2009 година, биле поништени како незаконити со правосилна судска одлука бидејќи биле донесени по истекот на рокот од 6 месеци од објавувањето на конкурсот. Со оглед дека рокот од 6 месеци бил поминат, тужениот требало да ја повтори постапката за избор, а не да носи одлука за откажување на договорот за вработување согласно член 137 од Законот за високото образование. Имено, со ваквото неповторување на постапката за избор, тужениот му го ускратил правото на тужителот на избор во звање спротивно на законот, а со тоа и на работниот однос. Оттука, овој суд најде дека се неосновани ревизиските наводи на тужениот дека постапувал согласно Законот за високото образование, Правилникот и статутот на тужениот и дека со одлуката бр.1702-154/34 од 30.06.2014 година во целост е запазен рокот од 6 месеци по објавениот конкурс, односно дека постапката била завршена во рок од 6 месеци.


Врховниот суд на Република Македонија ги ценеше и останатите наводи во ревизијата, но најде дека истите не се од влијание за поинакво одлучување, а дотолку повеќе, истите веќе биле истакнати пред второстепениот суд, кој дал доволно образложени причини, со кои во целост се согласува и овој суд.

Наводите во ревизијата со кои се укажува на нецелосно и неправилно утврдена фактичка состојба, не беа предмет на оцена од страна на Врховниот суд на Република Македонија, од причина што во смисла на член 375 став 3 од Законот за парничната постапка, ревизија не може да се изјави по овој основ. Имено, со ревизија не може да се напаѓа оценката на изведените докази, како и правилноста на утврдената фактичка состојба, а ова дотолку повеќе, ако се има предвид дека второстепениот суд во целост ја прифатил утврдената фактичка состојба од првостепениот суд.

Имајќи го предвид наведеното, следуваше да се одлучи како во изреката на пресудата и ревизијата да се одбие како неоснована, а согласно член 384 став 1 од Законот за парничната постапка.

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.135/2016 од 26.10.2017 година.