Застареност на побарувања од договорите за промет на стоки и услуги

Наслов Застареност на побарувања од договорите за промет на стоки и услуги
Вид на документ Сентенца Број Рев2.бр.289/2016
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 2/20/18 8:49 AM
Група на правен основ Облигациони односи Правен основ Долг
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Застареност на побарување
Член 363 од Законот за облигационите односи


Меѓусебните побарувања на договорните страни од договорите за промет на стоки и услуги што трговските друштва, трговците и другите правни и физички лица ги склучуваат меѓу себе во вршењето на дејноста, како и издатоците направени во врска со тие договори, застаруваат за три години.


Образложение

Ревизијата е неоснована.

Врховниот суд на Република Македонија го ценеше наводот во ревизијата на тужителот дека погрешно второстепениот суд го применил материјалното право кога го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителот поради утврдена застареност на истото согласно член 363 од Законот за облигационите односи, но смета дека е неоснован, имајќи ја притоа во предвид утврдената фактичка состојба.

Имено, во конкретниот случај врз основа на изведените докази од страна на пониските судови е утврдено дека тужениот изведувал градежни работи на Одмаралиште на МВР – K. Р. врз основа на договор бр.14 - 72317/1 од 09.11.2007 година, склучен помеѓу тужителот и Министерство. Тужителот бил ангажиран од тужениот преку Б.А. која е сопственик на тужениот. Тужителот разговарал по телефон со Б.А. и доставил понуда на градежните работи со дата од 20.12.2007 година која понуда била прифатена од Б.А., меѓутоа помеѓу тужителот и тужениот не бил склучен писмен договор за изведување на градежни работи. Тужената имала ангажирано и други мајстори за изведување на други градежни работи меѓутоа помеѓу нив не бил склучен писмен договор туку соработката била усна. По прифаќањето на понудата тој отпочнал со изведување на градежни работи при што ангажирал и други работници кои му помагале при изведување на работите. Тужителот набавил материјал и правел монтажа на спуштани плафони - амстронг чија вредност изнесувала 215.730,00 денари, набавил материјал и вршел монтажа на преградни ѕидови што изнесувало 17.485,00 денари, набавил материјал за обложување на столбови и ги изведувал овие работи, а вредноста изнесувала 25.300,00 денари, набавил материјал и вршел монтажа на спуштени каскади чија вредност изнесувала 158.175,00 денари, вршел демонтажа и монтажа на „Хантер Даглас" во купатила чија вредност изнесувала 69.025,00 денари и отварање на отвори за вентилација што чинело 4.000,00 денари или вкупно 489.715,00 денари. Покрај тужителот на овие работи работеле и мајсторите Г.Ѓ., А.С., Н.Д. кој ги ангажирал тужителот, а ангажирал и други мајстори кој ги изведувале работите за кој бил тужителот ангажиран од тужениот. Судовите утврдиле дека градежните работи биле завршени во Март месец 2008 година при што бил сочинет и записник за извршен интерен технички прием на објектот, а на истиот за инвеститорот меѓу другите бил потпишан сведокот П.П., а за изведувач Б.А. при што било утврдено дека за извршените градежни работи немало никаквазабелешка. Воедно судовите утврдиле дека по завршувањето на градежните работи тужителот се обратил до Б.А. да му плати за истите меѓутоа таа доброволно не му платила па тужителот, па по пошта и доставил градежна книга, на која бил потпишан како раководител и надзор П.П. кој потврдил дека градежните работи во целост биле изведени од тужителот. Тужителот на градежната книга ставил датум од 17.10.2008 година бидејќи тогаш и ја доставил на Б.А..

Врз основа на вака утврдената фактичка состојба, првостепениот суд го одбил како неоснован приговорот на тужениот и го оставил во сила Решението за дозвола за извршување врз основа на веродостојна исправа на Нотар Снежана Видовска од С. УПДР бр.152/11 од 20.10.2011 година со кое е задолжен тужениот да му плати на тужителот С.С. од О. главен долг во износ од 489.715,00 денари со законска казнена камата. Првостепениот суд прифатил дека тужителот ги извршил градежните работи на објектот Одморалиште - МВР – К. во целост за што тужениот немал никакви забелешки за извршената работа, па согласно член 649 став 1 од Законот за облигациони односи го задолжил тужениот да му плати на тужителот износ од 489.715,00 денари. Првостепениот суд при одлучувањето го ценел и приговорот на тужениот дека побарувањето е застарено меѓутоа истиот го одбил како неоснован од причини што ценел дека во конкретниот случај се применува општиот рок за застареност согласно чл.360 од 300 каде е наведено дека побарувањата застаруваат за 5 години, ако со Закон не е определен некој друг рок на застареност, па со оглед дека тужителот тужбата по пошта ја доставил на 14.10.2011 година што е видно од печатот на нотарот, а градежните работи биле завршени во Март месец 2008 година, според првостепениот суд од завршувањето на работите до поднесувањето на тужбата не бил поминат рокот од 5 години.

Постапувајќи по жалбата на тужениот, второстепениот суд ја преиначил првостепената пресуда на начин што приговорт на тужениот го усвоил, а Решението за дозвола за извршување врз основа на веродостојна исправа на Нотар Снежана Видовска од С. УПДР бр. 152/11 од 20.10,2011 година го укинал. Второстепениот суд застанал на становиште дека во конкретниот случај станува збор за застарено побарување согласно член 363 од Законот за облигационите односи, односно изминал рокот од 3 години од завршувањето на работите во месец март 2008 година до поднесувањето на тужбата на 14.10.2011 година.

Имајќи го во предвид погоре наведеното, според Врховниот суд на Република Македонија правилно второстепениот суд го применил материјалното право кога прифатил дека во конкретниот случај треба да се примени член 363 од Законот за облигационите односи.

Имено, во конкретнот случај од утврденото во фактичка состојба произлегува дека тужениот изведувал градежни работи на Одмаралиште на МВР – К. Р. врз основа на договор бр.14 - 72317/1 од 09.11.2007 година, склучен помеѓу тужителот и Министерство, односно произлегува дека станува збор за побарување во прометот на стоки и услуги кои согласно одредбата од чл.363 од ЗОО застаруваат за З години. Градењето на објект за кој е ангажиран тужениот како изведувач не преставува договор за лични и семејни потреби, туку договор за услуги и стоки во правниот промет, односно станува збор за промет на стоки и услуги кои се нарачани и учесниците од договорот согласно нивната дејност остваруваат заработка, па како истото преставува побарување во правниот промет од договор на стоки и услуги, застарува за 3 години.

Согласно член 363 од Законот за облигационите односи, меѓусебните побарувања на договорните страни од договорите во прометот на стоки и услуги, како и побарувањата на надоместок за издатоци направени во врска со тие договори застаруваат за 3 години.

Имајќи ја во предвид погоренаведената законска одредба, и според Врховниот суд на Република Македонија со оглед дека во конкретниот случај станува збор за побарување на договорните страни од договорите во прометот на стоки и услуги, не може да се примени чл.360 од 300, поточно не може да се прифати дека во конкретниот случај се применува општиот рок за застареност од 5 години. И според овој суд во конкретниот случај станува збор за застарено побарување, согласно одредбата од чл.363 од 300, со оглед дека од завршувањето на работите во март месец 2008 година до поднесувањето на тужбата на 14.10.2011 година поминати се повеќе од три години, односно рокот во кој тужителот имал право да бара и можел да го оствари правото за надомест за извршени услуги.

Наводите на тужителот дека во конкретниот случај не бил ангажиран тужениот како правно лице кое во рамките на својата дејност требало да ги изврши потребните градежни работи на одморалиштетот на МВР – К. во Р. како би остварил и заработка туку истото било ангажирано како физичко лице - занаетчија за извршување на градежните работи, заради и што не може да се прифати дека побарувањето на тужителот произлегува од договор во прометот на стоки и услуги како би можело да се примени рокот од 3 години предвиден во член 363 од ЗОО, Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека се неосновани. Ова од причина што не е неопходно договорните страни да бидат страни кои се бават со промет на стоки и услуги, а исто така не мора тој договор во прометот на стоки и услуги да произлегува од регистрираната дејност на договорните страни како што е и случај во предметниот спор. Оттука, како во конкретнот случај тужениот изведувал градежни работи на Одмаралиште на МВР – К. Р. врз основа на договор бр.14 - 72317/1 од 09.11.2007 година, неспорно произлегува дека станува збор за побарување во прометот на стоки и услуги кои согласно одредбата од чл.363 од ЗОО застаруваат за З години. Градењето на објект за кој е ангажиран тужениот како изведувач не преставува договор за лични и семејни потреби, туку договор за услуги и стоки во правниот промет, поточно за договор на услуги во правниот промет.

Поради наведеното, следуваше Врховниот суд на Република Македонија ревизијата да ја одбие како неоснована, согласно член 384 став 1 од Законот за парничната постапка.

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.289/2016 од 10.05.2017 година.