Судир на надлежност меѓу основен и управен суд

Наслов Судир на надлежност меѓу основен и управен суд
Вид на документ Сентенца Број Р.бр.114/2017
Правна област Граѓанска област Вид на правен став Сентенца
Област Правна област Датум на донесување 2/20/18 6:20 PM
Група на правен основ Парнична постапка Правен основ Определување на стварно надлежен суд
Суд од кој произлегува Врховен суд на Република Македонија
Орган на судот Оддел за граѓански дела

Сентенца



Судир на надлежност меѓу основен и управен суд

Член 1 и 4 од Законот за јавните претпријатија (Службен весник на РМ бр.38/96, 6/02, 40/02 и 49/06)

Основниот суд е стварно надлежен да постапува по тужба со која се бара утврдување ништовност на одлуката за организирање на јавно претпријатие во акцинерско друштво и на протоколот за уредување на меѓусебните односи, кои немаат карактер на управен акт или управен договор, туку акти донесени во функција на процесот на преобразба на јавно претпријатие како друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво.



Образложение

Основен суд Скопје II Скопје со решение ТС-513/14 од 24.04.2015 година се огласил за стварно ненадлежен да постапува по тужбата на тужителот за утврдување апсолутна ништовност на член 4 од Одлуката за организирање на ЈП Г. во АД Г. АД С. бр.19-2247/1 од 14.06.2006 година и на точка 2 од Протоколот за начинот на уредување на меѓусебните односи во стопанисувањето со Г. систем на РМ. Одлучил по правосилноста на решението, предметот со списите да се отстапи на Управниот суд на РМ како стварно надлежен суд. Ова од причини што не се работи за тужба за утврдување на ништавност во смисла на член 107 од Законот за трговски друштва, туку од страна на тужителот е поднесена тужба со која бара да се утврди апсолутна ништавност на напред наведената Одлука и Протокол, кои се донесени од управен орган, РМ - Влада на Република Македонија, во управна постапка, па согласно Законот за општа управна постапка, тужителот може да бара утврдување на ништовност пред Управен суд на РМ.

Апелациониот суд Скопје со решение ТСЖ-2141/15 од 11.07.2017 година, жалбата на тужителот ја одбил како неоснована, а погоре цитираното првостепено решение го потврдил, прифаќајки ги во целост причините наведени во решението на Основен суд Скопје II Скопје ТС-513/14 од 24.04.2015 година.

Управниот суд на РМ, со решение У-6.бр.613/2017 од 28.09.2017 година се огласил за стварно ненадлежен да постапува по тужбата на тужителот против тужениот, за утврдување ништовност на член 4 од Одлуката за организирање на ЈП Г. во АД Г. АД С. и на точка 2 од Протоколот за начинот на уредување на меѓусебните односи во стопанисувањето со Г. систем на РМ и го доставил предметот до Врховниот суд на Република Македонија, заради поведување на постапка за решавање на судир на надлежност согласно член 35 став 1 точка 4 од Законот за судовите.

Врховниот суд на Република Македонија, одлучувајќи по предизвиканиот судир на надлежност утврди дека во конкретниот случај стварно надлежен суд да постапува по овој предмет е Основниот суд Скопје II Скопје а од следните причини:


Имено, вo конкретниот случај, тужителот со предметната тужба бара утврдување ништовност на член 4 од Одлуката за организирање на ЈП Г. во АД Г. АД С. бр.19-2247/1 од 14.06.2006 година и на точка 2 од Протоколот за начинот на уредување на меѓусебните односи во стопанисувањето со Г. систем на РМ.

Според член 1 од Законот за јавните претпријатија (Службен весник на Република Македонија бр.38/96, 6/02, 40/02 и 49/06), јавни претпријатија можат да се основаат заради вршење на дејности од јавен интерес. Р.М., општините и градот С. можат да основаат јавни претпријатија во согласност со овој закон, со цел за вршење на дејности од јавен интерес на територијата на Р.М.. Јавни претпријатија во име на Р.М. основа Владата на Република Македонија, во име на општината советот на општината и во име на градот С. Советот на градот С..

Согласно член 4 од истиот закон, основачот на јавно претпријатие со одлука може јавното претпријатие да го преобрази во друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво. Ако во Јавното претпријатие се вложат средства на правни и физички лица, основачот донесува одлука јавното претпријатие да се организира како друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво.

Според член 1 од Законот за управните спорови (Службен весник на република Македонија бр.62/2006 и 150/2010), заради обезбедување судска заштита на правата и правните интереси на физичките и правните лица и заради обезбедување на законитоста, судот, во управни спорови одлучува за законитоста на актите на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот С., организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога решаваат за правата и обврските во поединечни управни работи, како и за актите на тие органи донесени во прекршочна постапка.

Согласно член 2 став 3 и став 4 од истиот закон, во управен спор се решава и одлучува за спор што ќе произлезе од спроведувањето и извршувањето на одредбите на концесиските договори, договорите за јавни набавки кои се од јавен интерес и за секој договор во кој една од страните е државен орган, организација со јавни овластувања, јавно претпријатие, општините и градот С. склучен од јавен интерес или заради вршење јавна служба. Во управен спор се одлучува и против поединечни акти на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот С., организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога за решавање во втор степен против таквиот акт, не е обезбедена друга правна заштита.

Според член 6 од истиот закон, под орган во смисла на овој закон се подразбираат органите на државната управа, Владата на Република Македонија, други државни органи, управни организации, општините и градот С., јавните претпријатија, трговските друштва, фондови, установи, организации и заедници, здруженија и други организации и заедници кога во вршењето на јавни овластувања решаваат во управни работи.

Според член 7 од истиот закон, управен акт во смисла на овој закон е акт со кој органите од членот 6 на овој закон решаваат за извесно право или обврска на физичко или правно лице, односно друго лице кое може да биде странка во определена управна работа, како и актите на тие органи донесени во прекршочната постапка.

Поаѓајќи од горе цитираните законски одредби а имајќи ја впредвид, содржината на Одлуката бр.19-2247/1 од 14.06.2006 година, објавена во Службен весник на Република Македонија бр.77 од 26 јуни 2006 година, Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека оспорената одлука, односно оспорениот член 4 од Одлуката, нема карактер на управен акт, а нема ниту карактер на управен договор во смисла на член 2 став 3 од ЗУС, туку станува збор за акт донесен во функција на процесот на преобразба на конкретно јавно претпријатие во акционерско друштво, согласно член 4 од Законот за јавните претпријатија (Службен весник на Република Македонија бр.38/96, 6/02, 40/02 и 49/06), а во согласност со Протоколот за начинот на уредување на меѓусебните односи во стопанисување со Г. систем на РМ кој исто така не е управен акт туку по својата суштина претставува облигационен акт склучен помеѓу страните Владата на Република Македонија и М. АД С.. Со оглед на наведеното, предмет на конкретната тужба не се управни акти во смисла на член 6 од ЗУС, туку акти кои Владата на Република Македонија ги носи во рамките на правата и овластувањата утврдени во Уставот и законот (во случајов Законот за јавните претпријатија), во вршењето на власта и спроведување на политиките од своја надлежност. Содржината на оспорениот член 4 од предметната Одлука, односно на точката 2 од цитираниот Протокол се однесуваат на основаната главнина на АД Г. АД С., поточно што ја сочинува истата, што укажува на примена на Законот за трговски друштва, од што произлегува дека во случајов стварно надлежен суд е Основниот суд Скопје II Скопје.

Во смисла на изложеното, следуваше согласно член 35 став 1 точка 4 од Законот за судовите (Службен весник на РМ бр.58/06, 35/08, 150/2010, 12/2011) да се одлучи како во изреката на ова решение.

Решение на Врховниот суд на Република Македонија Р.бр.114/2017 од 26.10.2017 година.